Возач на ЈСП не ги излижал прстите пред да продаде картичка

27.03.2013 14:42
Возач на ЈСП не ги излижал прстите пред да продаде картичка

Скопје, 27 март 2013

25-годишниот Мишко Пазувчески од Скопје се пожалил дека кога вчера околу 17:15 часот се качил во автобус на ЈСП со број 24 и купил картичка, возачот не ги излижал прстите пред да му ја подаде. Поради тоа, на возачот му успеало да ја извлече картичката од купчето дури од третиот обид.

„Не ми фалат толку лигите на возачот, ниту ми пречи тоа што почекав дополнителни три секунди, колку што ме иритира неговата непрофесионалност и нееднаквиот третман. Патничката што купи карта после мене ја доби прописно, извлечена со лизнати прсти“, се жали младиот Мишко.

За овој немил настан тој ги известил и надлежните во ЈСП. Во знак на извинување, тие му доделиле бесплатен месечен билет, а за да му надоместат за нееднаквиот третман, при предавањето на билетот вработената во билетарата ги излижала прстите пред да го извлече билетот од купчето, како и при лепењето на маркичката.

Пазувчески вели дека и понатаму ќе ги користи услугите на популарните црвени автобуси и се надева дека ваквиот инцидент нема да се повтори.