Од Rexona демантираат: не го купуваме ЈСП

30.04.2013 10:49
Од Rexona демантираат: не го купуваме ЈСП

Скопје, 30 април 2013

Со доаѓањето на пролетта и зголемувањето на температурите, низ чаршијата сè почесто можеа да се слушнат шпекулации за тоа дека Јавното сообраќајно прептријатие ќе се приватизира и ребрендира како Rexona Travel, а новиот сопственик ќе биде компанијата Unilever која го произведува популарниот дезодоранс.

Општо познато е дека кога нема тепачки, главен проблем во градските автобуси е непријатната миризба која ја шират граѓаните без развиена свест за личната хигиена.

Се појавија дури и детали околу тоа како би функционирало новото градско сообраќајно претпријатие Rexona Travel: со месечниот слободен билет секој корисник ќе добие и дезодоранс или стик, а контролорите во автобусите освен што ќе проверуваат дали патниците имаат билет, ќе ја контролираат и нивната хигиена.

„Прв пат слушаме за такво нешто. Не сме воделе никакви преговори и немаме остварено контакт со ЈСП. Иако никогаш предвреме не исклучуваме ниту една бизнис опција, мали се шансите тоа да се оствари во блиска иднина“, велат од Rexona и признаваат дека управувањето со ЈСП е преголем предизвик и може да има негативни последици по угледот на брендот.