Сирија не е Косово

02.09.2013 09:31
Сирија не е Косово

Балканот историски е познат како буре барут, лесно запалив регион, без оглед од која земја почнал одреден конфликт. За Блискиот исток, Сирија е Пандорината кутија, точката во која денес се сконцентрирани сите можни регионални и глобални конфликти. Воената ескалација во Сирија не може да нема глобални реперкусии, да се рашири како поголема регионална војна, или во глобални рамки да отвори нов бран терористички напади.

Оттука, разбирлива е маката на Обама, кој, сепак, ќе каже: „Не бев избран за да избегнувам тешки политички одлуки“. Но, малку подоцна за политичките аспекти.

По којзнае кој пат во нашата современа историја се наоѓаме пред конфликт кој е набиен со морални, хуманитарни, правни и со политички дилеми.

Нападот врз цивили со отровен гас дефинитивно распламтува една хуманитарна криза од светски размери, слично како и во Косово. Тука веднаш се наметнува прашањето на меѓународниот поредок: што да се прави или кој нешто да направи покрај архаичниот и децениски парализиран Совет за безбедност на ОН. Обама ова прашање го елиминираше со голема самоувереност: „Имам комплетна доверба во доказите и без грижа на совест ќе дејствувам и без поддршка од ОН“. Обама оваа дилема ја решава со став дека употребата на отровен гас и непочитувањето на меѓународниот договор потпишан од 98 проценти од државите за негова забрана, не може и не смее да помине неказнето.

Од тој аспект, Обама го истакнува американскиот лидершип, и како ретко кој демократски претседател, за разлика од републиканците кај кои тоа е правило, настапува остро и критички кон стаклената зграда на Ист Ривер. Во овој случај американскиот претседател ја критикува и хипокризијата на голем број сојузнички земји и лидери кои тајно го поддржуваат, но јавно се противат на интервенцијата во Сирија. Толку за наводната изолација на Америка.

Обама затвори уште едно прашање, а тоа е за неговиот личен политички лидершип. „Можев веднаш да дејствувам, но сакам дебата во Конгресот“. Ова за мене не е бегање од одговорност, ова е барање на легитимитет, ова е почитување на институциите на, како што Обама ја нарече, најстарата уставна и либерална демократија во светот. Од тој аспект, американскиот претседател останува верен на „демократската“ традиција на претседатели, познати како „колебливи војувачи“. Воедно, со овој потег ја исправи грешката од март 2011 година, кога не побара авторизација од Конгресот за воената интервенција врз Либија.

Како и да е, Обама политички изигра мудро, одговарајќи на критиката која постојано му се наметнува, дека бил избран за да спречи, а не да започне нова војна. „Знам дека сте уморни од војни, но знаеме дека нема лесен излез од ситуацијата“. „А, јас не бев избран за да бегам од тешки одлуки“. Јавното мислење во САД засега изгледа дека е со претседателот, нешто што не може со сигурност да се каже за двата дома на Конгресот. Обама повлече итар, но ризичен потег во секој поглед. И да се случи интервенцијата, Америка има малку што да добие, а Обама ризикува и бламажа со отфрлање на предлогот, и катастрофа со самиот исход од евентуалниот воен напад.

Сега, прашањето е дали предлогот на Обама ќе биде изгласан и дали американскиот претседател навистина има убедливи докази, или како и неговиот државен секретар Џон Кери, е информиран преку социјалните мрежи?!

Но, има и уште едно важно прашање, а тоа е која е политичката амбиција или цел да се нападне еден добро подготвен и зацементиран воен режим, поддржан од Иран, од Хезболах во Либан, од Русија и од тивката Кина? Воедно, настрана сите филмови за арапската пролет која само го одложи овој напад, прашањето е што со античката/актуелната шизма во арапскиот свет помеѓу сунитите и шиитите, помеѓу лаиците и исламистите? Што со фактот дека најсилната опозиција во Сирија е Ал Каеда, дека на Либан му се заканува граѓанска војна, Либија е во хаос на воени милиции, Египет под воена хунта, Турција е дестабилизирана, Израел е повикан секогаш да реагира по децении на тивка војна со Дамаск. Потенцијалот за проширување или за прелевање на конфликтот, во општ регионален, етнички, религиозен и интеррелигиозен конфликт е огромен.

Затоа, велам, Сирија е буре барут подготвено да експлодира, пандорина кутија која е опасна и неотворена. Моралното прашање е сериозно, прво од аспект на употреба на отровен гас, потоа од аспект на доказите кои сè уште нè потсетуваат на фарсата со Колин Пауел која му претходеше на нападот врз Ирак. Хуманитарната криза во Сирија и онаа во Косово не може да се решат на ист начин, барем тешко ќе се решат со бомбардирање и прашање е кој тогаш ќе ги заштити цивилите од бесот на Асад. Конечно, режимот на Басар е еден од најподготвените и највооружените, без разлика колку како режим е анахрон за 21-от век.

Ситуацијата е неспоредлива со Косово, поради самата комплицираност, но и поради фактот што режимот на Милошевиќ во 1999 година веќе беше гнил, истрошен, при самиот свој крај. Ништо помалку не тежи проблемот со искуствата на Блискиот исток, па и пошироко, дека со надворешни воени интервенции ретко се доаѓа до промена на режимот со демократски поредок. Поверојатно е дека на тој начин се доведува до еден вид вештачко рушење на режимот, кое не само што ја остава иднината без корени, туку насадува нови конфликти и подеднакво тоталитарни режими.

Затоа се безбројни дилемите и прашалниците околу интервенцијата во Сирија. Моралното прашање е важно, но колку тоа вреди кога добро знаеме дека преку хуманитарни воени интервенции не се извезува демократија, барем не во комплицирани региони каков што е Блискиот исток. Не се извезува ниту морал, во ситуација кога и еден оправдан напад нема гаранција дека ќе ги заштити или ќе им помогне на обичните граѓани, оние кои веќе се жртви на режимот. Едноставно кажано, проблемот со режимот на Асад е само дел од сложувалката, и евентуалната интервенција не само што ризикува да не го сруши, туку воедно ризикува да распламти уште поголеми проблеми и катастрофи.

Арапската пролет разочара, демократијата и слободата се сè уште за некоја далечна иднина во арапските земји. За жал, колективниот идентитет на арапските народи не е насочен кон демократско, политичко и социјално ослободување. Не е насочен повеќе ниту кон надворешниот непријател. Денес, секоја од арапските земји е насочена кон внатрешниот непријател. Се отвора една нова епоха во меѓурелигиските конфликти, со реален ризик, интервенцијата врз Сирија да дејствува како катализатор кој само ќе ги потхрани внатрешните судири и ќе помогне на некоја од страните кои гарантираат само уште поголеми поделби, уште полоши режими, уште подефектни држави за арапските народи.

Слика: Свирачиња