Лезбејски бајки, бајки за лезбејки

04.12.2013 21:19
Лезбејски бајки, бајки за лезбејки

Денес не го средив станот, не ги измив садовите, не перев, пегла воопшто немам. Ги гледав Систер Џорџ, ja читав Одри Лорд, ја слушав Беси Смит и ми беше супер.

Неодамна, можеби беше вторник или среда, слушав една асистентка , која како главен проблем на современиот феминизам ја истакна квадратурата на современите тоалетни простории на матичниот факултет и не знаев за што зборува.

Нејзините колешки организираа симпозиуми на теми „Жените и војската“,„ Жените и пелените“. Ни за едното ни за другото не знам доволно. Но знам за вечната воена состојба.

Додека на телевизија со едно око го следев прилогот за неплатената женска работа, напишав есеј за тоа кој бесплатно го објавив на некој блог. Уште не ги измив садовите.

Наместо тоа ги фрлив сите тенџериња и тавчиња, чиниите и приборот за јадење , и го задржав само апаратот за кафе. Ги фрлив сите тие непотребни нешта како под навлаката да ќе ми се појавеше вистинското лице на светот.

Прва приказна

Кога се родив, беа убедени дека сум принцеза. Кралскиот пар приреди гозба, ги повика дворјаните, кои сите до еден беа роднини, и три добри вили.

Првата рече: „Ако бидеш добра, кога ќе пораснеш добро ќе се омажиш“.

Втората рече : „Ако бидеш мирна, кога ќе пораснеш ќе имаш убави деца“.

Третата рече: „Ако бидеш послушна, жезолот и круната ќе бидат твои и кругот ќе се затвори“.

Дворјаните аплаудираа во име на таа прекрасна судбина.

Но четвртата вила, која не беше повикана на гозба, бидејќи не беше добра, а освен тоа беше и прилично мрзлива, шепна: „Ако бидеш упорна, кога ќе пораснеш можеби ќе бидеш слободна.“

Голема тага се спушти над кралството, министрите почнаа да мозгаат што да се прави... Долго ги чешаа своите бради и на крај дојдоа до исклучително решение. Ќе треба да ме заклучат во кулата на тврдината, каде во сон ќе го дочекам примерниот стројник.

Годините поминуваа полека и од ѕверење низ пукнатината скоро ми изникнаа канџи. Од глад ги изедов сите правливи свитоци и книги кои лежеа на поткровјето, и за кои по постојаните забави во дворот на тврдината немаше големо интересирање.

На денот кога имав доволно години за мажење, кралскиот пар приреди голем бал. Дворјаните кои истовремено беа и нивни роднини, се вртеа во ритамот на валцерот, полката и кадрилот, и министрите се тапкаа еден со друг по раменатата. Кралот од џебот на панцирот гордо го извади клучот и ја отклучи вратата.

Кога ѕирнав надвор со крлушката, грбот и муцката од која избиваше чад, гoстите и домаќините се разбегаа на сите страни. Мајките плачеа и татковците си ги кршеа рацете, а министрите си ја кубеа онаа малку коса која им беше останала.

Со опашката го урнав црквеното ѕвоно со кое попот го одѕвонуваше последниот ден, внимателно ја изгазив негуваната плантажа со пеларгонии во дворот на тврдината, подвижниот мост неволно го сомлев во прав, водата во јаркото око на тврдината испари од мојот сулфурен здив, и така градот беше на милост и немилост отворен за нападите на оние сомнителни варвари, кои отсекогаш бесцелно талкаат во уште посомнителните шуми и викаат, долу кралството.

Принцот на белиот коњ луто тропаше со нозете, му беше ветена принцеза, а не подивено чудовиште. Беше многу храбар, но не и премногу бистар, меѓутоа, и покрај тоа уште многу млад го доби својот коњ. За конечно да престане да ми ги пара ушите со своите лелекања, фрлив оган врз него и го претворив во пржено компирче.

Без гајле, има уште седум браќа и тие се млади, бели и ветувачки, секоја принцеза може да го добие својот ако доволно го сонувала. Може да го добие принцот, но не и коњот.

Од тоа лелекање, збивтање, и безглава паника страшно ме болеше главата. Како и секоја чистокрвна змејчица решив дека со тој џган веќе не сакам да имам работа. Затоа најдов пријатна јама за себе, во која дував чади одвреме-навреме јадев неколку божји овчички кои се пред влезот блееја HIC sunt dracones.

Мојата земја на змејчиците е лезбејската сцена.


Адолесценцијата е пекол. Но, лезбејската адолесценција е пекол од посебен вид. И јас бев најосамената тинејџерка на светот. Како и ти.

Братучед ми го продаваше мојот телефонски број за едно пиво и сите тие самоуверени момци, го купуваа и со кои заради тоа никогаш не сум имала состанок, ми дадоа надимак госпоѓица Ледена.

Една вечер на лошо осветленените скали на зградата бакнав една девојка, и за момент ми се причини дека можеби би можела да бидам помалку осамена.

Тогаш дојде новогодишната журка, класична средношколска журка во поранешниот средношколски дом кој подоцна беше преименуван во културен дом, бидејќи и онака е сеедно, и кој се наоѓаше некаде на работ на градот, од каде што не можеш да избегаш пешки и каде родителите мораат да те однесат и да те земат со кола.

За време на првиот половина час некој ми се исповрати на капутот и затоа се смрзнував во кошула, потпрена на ѕид, во мракот на аркадите кои ги опкружуваше убаво осветлен двор каде одевме да пушиме.

Одеднаш ме зеде за рака и ме бакна, токму таму зад дебелиот столб. Потоа избега на цигара.

Усните ме печеа и само што сакав да тргнам накај неа кај осветлениот двор, ја видов како бакнува едно момче.

Пред старата година да стане нова, бакна уште тројца. Потоа трчаше по мене и зборуваше „Тоа го направив за нас, за никој да не знае“.

Можеби мислеше дека цената на едно пиво за никогаш да не стане госпоѓица Ледена, за неа е доволно чесна.

Ја знаеш ли таа приказна? Знаеш ли за што зборувам? Знам дека знаеш на што мислам.

Втора приказна

Снежана има црвени усни и кога слатко се смешка од центарот на светот, посакуваш да ја бакнеш. Се колнам, никогаш не сакав да ѝ наштетам, го посакував само нејзиното срце. И ловецот никогаш не беше на моја страна, тој во шумата ја бараше својата „колекционерка“.

Во одбрана на нејзината чест, дојдоа седум џуџиња - нејзиниот татко, нејзиниот маж, нејзиниот син, нејзиниот брат, нејзиниот дедо, нејзиниот чичко и нејзиниот внук. Тогаш го направив тоа што би го направила секоја чесна Лилит, сплетов мрежа околу Ева. Ѝ понудив спознание и парченцето ѝ се заглави во грлото, кога виде дека сите сме голи.

Принцот заби стап во земјата, седумте џуџиња донесоа дебел околувратник, и Снежана во правта нацрта круг до каде што ѝ досегаше синџирот. Од напорот сосема пребледе и нервозно ги гризна усните, кои расцветаа како рози. За влакно се тргна надвор од дофат, слатко се смееше и нудеше јарем за лезбејската желба.

Но, змејчиците не можеш да ги врзеш за синџир.

Не знам зошто цимолат тие три прасиња
никој нормален не би отишол во нивната куќичка
освен волкот кој го менува влакното
но наравот никогаш

Час е мече, час е зајак
секогаш е ист
и кога конечно ќе го пријави влегувањето
во домот, татковината и кај царот
се претвора во
свиња

Со нас маргиналците, кои минувајќи покрај свинската куќичка брзаме во лезбејски брак, секогаш има проблеми. Овој светол, светол свет, никако не може да го најде вистинскиот збор за нас.

Кога умре, нејзините родители и роднини набрзина го приредија погребот. Ниту една реченица немаше во весниците, а потоа стоеја таму крај гробот и не им падна на памет ниеден збор кој би можел да го опише нејзиниот живот. Нејзината поранешна девојка некако успеа да го дознае денот и часот на погребот, и отидовме таму, со музика и цвеќе, и после погребот, кога беше јасно дека за неа нема да има ни задушница, се собравме во бар на брегот и наздравивме со коњак и имаше толку зборови кои ги изговоривме во знак на сеќавање за неа.

Кога прв пат се појавив на сцената, никој со мене не проговори ниту еден единствен збор. Во вецето на неделната четворка Грајф беше премногу зафатена со ставање кармин. Сузана ја запознав во ходникот.

-Супер ти е книгата, ѝ реков.

И Сузи кимна со главата „мхм“.

И Мозетич веднаш потоа „ех“.

Сукич воопшто не кажа ништо, бидејќи цело време гледаше во миксетата и не ме ни погледна. Наташа на подиумот лежерно се потпираше на ѕидот, и повлекуваше чад од цигарата.

Петнаесет години подоцна седев во лезбејската кафеана и ги читав своите приказни и додека гледав низ прозорецот, на другата страна стоеше маскирано момче, кое во раката држеше камен и факел. Ми беше многу познат, како оние што го продаваа и го купуваа мојот број, и како и оние девојки кои ги љубеа.

Следниот ден, ние, лезбејките, се вративме назад на своите места на шанкот, и останавме таму и откако падна првиот, па потоа и вторниот молотов коктел, седевме, додека родољубиво ја варосуваа фасадата со сите можни правописни грешки.

И така ние седиме секој ден, ги пишуваме своите приказни, ги читаме и нема доволно камења на светот кои би можеле тоа да го променат.

Последна приказна

Не сакаше деца, но се омажи за човек кој сакаше, и веднаш му ги испрати на врата.

Ми притискаа на ѕвончето, под прозорецот ми пееја опсцени песнички, додека соседите плескаа и се смееја. И додека во кафеаната пиев кафе, ми се моткаа околу столот. Каде и да се свртев, сите зборува за Јанко и Метко.

Во продавница досаѓаа дека сакаат слатки, маица со пантер и бејзбол палка. Нивната мајка разменуваше заговорнички погледи со продавачката - ах тие деца, толку многу бараат - и сѐ заедно плаќаше со кредитна картичка.

Ништо не им направив, и не сакам да имам ама баш ништо со нив. Сега се големи, момче и девојка.

Онаа ноќ по денот на државноста, завиваа под мојата зграда.

Ги слушнавте?

Превод: Николина Андова
Слики: Зои Хок

Уршка Стерле (1979) е авторка на кратки раскази, преведувачка, stand up комичарка, видео уметница и перформерка. Родена е во Целје. Објавила две книги со кратки раскази: „Ред за ручек“, 2006, која беше номинирана за наградата Фабула и која ја доби наградата Златна птица, и „Константна воена состојба“, 2010 година. Живее во Љубљана.

Од Уршка Стерле на Окно може да го прочитате и расказот „Таа е таа е таа“, кој е дел од книгата „Ред за ручек“, пред неколку месеци објавена на македонски јазик во издание на Темплум.

Слични содржини

Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото