Македонска зимска бајка

26.02.2014 13:55
Македонска зимска бајка

Немаше снег во Скопје таа вечер и снегулки не паѓаа од небото. Плоштадот зимава не изгледаше како од телевизиската реклама на СИТЕЛ. Имаше кал, некоја леплива кал… Кал и купишта смет.

Ветрот ги превртуваше по улиците скинатите листови од весници со стари наслови: Земјата пак се отвори: Дупка проголтала автомобил пред куќата; Горат манастири во Македонија; Бунт на сиромашните во Босна; Разграбана книгата за животот и делото на Тоше Проески; Зимски салон на ДЛУМ во Националната галерија истуркан на мускули; Македонската култура во агонија…

Пред Националната галерија врволица луѓе. Излегуваа плашливо од темнината како призраци и исчезнуваа во осветлениот влез. Одамна немало толку народ на нашиве „ликовни изложби“. Одамна овде нема нешто што и со најдобра волја би можеле да го наречеме „културен живот“. Македонската културна градба одамна се урна врз нас и беше добро да се види дека сè уште во тие урнатини има преживеани „љубители на уметноста“.

Немаше снег во Скопје таа вечер и не паѓаа од небото снегулки, освен на сликата на Новица Трајковски изложена на Зимскиот салон во Националната галерија на Македонија. А тој, така убаво насликан снег, не можеше да ја скрие грдата стварност, но тоа не му пречеше никому. Валканиот под во салите каде се изложени делата; валкани и скршени постаменти, отпечатоци од валкани дланки и прсти, темни петна од влага, дупки и влажен малтер што се рони од ѕидовите; пајажина по аглите; светилки што налудничаво трепкаат како сигнали за тревога; монитори и плеери донесени од дома од сите можни видови и големини... Ништо од тоа овие луѓе не забележуваат. Одамна се навикнале. Веќе ништо не им пречи.

Заслепени од лажливиот сјај на кичот, од позлатените орнаменти и украси со кои политичарите со лош вкус ја накитија нашава грда стварност, повеќето наши граѓани денес веќе не се во состојба да направат разлика меѓу „декоративната пластика“ по улиците и уметничка скулптура, меѓу „шарени украсни тапети“ и уметничка слика. Нашиве расипани политичари, кои политиката ја разбираат како вештина на мамење, повладувајќи им на сопствените ниски страсти и извлекувајќи болно задоволство од измамата, и’ наметнаа на толпата кич – таа срамна, грда и наказна замена за уметност, таа лажна топ-шоп политичка понуда на живот како телевизиска реклама, таа обвивка од златен станиол за горчливата стварност, таа „невидлива облека“ што овие ткајачи на магла му ја продаваат скапо на народот за да се почуствува малку „царски“ и таа зашеќерена водичка што овие надрилекари ја продаваат како „лек за сите болести“, стана опиумска опивка за успокојување на народнaта душа. Нашиве расипани политичари насила го наметнаа својот расипан вкус на набрзина збогатени простаци, на селски газди, на сопственици на јавни куќи, на гангстери и на нарко-босови. Тие трајно го расипааа секој, дури и наједноставниот личен вкус, дури и онаа, повеќе или помалку, вродена смисла за убаво кај сите луѓе и ова злосторство со умисла ги уби најневините чувства и сета искрена чувствителност на народот.

Лажен барок, евтини украси, стакленца за дивјаци, лицитерски срца, огледалца, црвено и златно, кадифе и срма, светкање на штрас, лижавчиња, вртелешки со шарени коњчиња од ламарина и лажни пиратски кораби, палми од пластика, лажни фасади, црвени театарски завеси, стиропор и гипс, шупливи антички столбови, лошо изработени скулптури по улиците, мостовите и плоштадите, лажен сценски декор осветлен ноќе со разнобојни светла... Сиот тој евтин декор од фантазијата на неколку гнили богаташи и расипани политичари сега блеска со лажлив сјај на позлата и оваа лажна светлина е единственото осветлување во темнината околу нас и таа сатурнализирана стварност на јавните простори и телевизиските екрани е единствено нешто што го гледа толпата.

Заслепени од илузијата на богатство и на раскош, измамени од сето толку гласно величање на безначајни успеси, од сето самобендисано гласно себевоздигање без и најмал повод и оправдување, од сето тоа бесмислено славење на историски настани што никогаш не се случиле и историски победи што не постојат, од таа прослава на сè и на сешто што никогаш не завршува, од огнометот што постојано експлодира над нивните глави, од сите конфети и разнобојни ленти што паѓаат од небото, од татнежот на звучниците по плоштадите, од виорењето на знамињата, од сиот вријавец и од сета врева на режимските мегафони, на циркуските најавувачи, на мајмуните што тропаат во барабани и риката на бронзените лавови, нашиот збркан и збунет човек ги заборави своите секојдневни грижи, сиромаштијата и страшната стварност.

Залудно е да се лажеме, само малкумина кај нас можат да ја разберат современата уметност. За да се разбере денес современата уметност е потребно огромно знаење. Потребно е дијахрониско и синхрониско владеење со тоа знаење за да разберете уметничко дело. Тие што мислат дека можат да прошетаат низ некоја светска галерија со туристички прирачник во рацете и да разберат што се случува таму, тие не знаат ништо за уметноста и не знам каква простодушност, плиткост или глупост е потребна за некој да си дозволи јавно да говори за нешто што не го разбира. Денес се лажат себе и ги лажат другите оние кои мислат дека, за разлика од времето кога уметноста била наменета само за културната елита која уметноста ја разбира и ја поддржува, уметноста е достапна за сите и е наменета за секого. И покрај тоа што денес музеите и галериите се отворени за сите, уметноста не е за секого. Уметноста никогаш не била повеќе од што е денес недостапна, затворена во себе, тешка за разбирање, зависна од познавањето на контекстот и зависна од сопствената историја.

Денес, во свет каде знаењето е достапно, нема оправдување за незнаењето, а токму тоа темелно образование и познавање на историјата на уметноста им недостига не само на нашиве посетители на изложби, туку и на оние кои тие изложби ги подготвуваат и на оние чии дела се изложуваат. А кај нас сè можете да бидете, само не глуп и неук. Овде за гуша ве фаќаат, секири креваат, камења по вас фрлаат ако им ја кажете вистината. И не е проблем во глупоста и неукоста, глупи и неуки луѓе има насекаде, туку во општата измама. Таа жална потреба да се мами, таа потребата да се има мислење за сè, да се знае сè без основни знаења за тоа за што се говори и тој, така патетичен, обид да се прикрие незнаењето, а не самото незнаење, нас нè прави така бедни и опасни. Незнаењето се надокнадува (иако е прашање дали може да се надокнади недостатокот од темално образование). Но, овде секој сака да биде некој и нешто без вложен труд и стекнати вештини. Затоа сите мамат. Како знаењето, личните способности и вештините да се нешто што може да се одглуми. И токму ова сведување на сето знаење и умеење на знаци без значење и работа без резултати е она што ги издава нашите лажни граѓани. Само тие наши дрчни селани и лажни граѓани мислат дека сите се такви, дека сите мамат и дека никој не ја гледа нивната измама зашто самите не можат да ја видат, а не можат да ја видат зашто и не знаат колку не знаат. Оттаму некој може да им продаде и „невидлива облека“. Додека така, како во сон, шетаат наоколу, убедени дека замислената облека во која ги облекоа нашиве продавачи на „царевото ново руво“ ги прави да бидат „цареви на денот“, сите останати се фаќаат за стомак од смеење кога ќе ги видат нашиве малоумни дрчни селани како се прчат угол голи.

Многумина денес кај нас мислат дека уметноста е опсенарска смеша на која лесно можат да се мамат неуки селани со евтини трикови за добивка. И овие наши панаѓурски измамници направија успешни кариери како уметници, ликовни критичари и универзитетски професори, што е засрамувачки за сите нас, и сега ги бранат незаслужените позиции како што се брани гол живот.

А таа вечер во Националната галерија многумина од посетителите беа уметници, беа тука и некои културни и фини луѓе, но повеќето од посетителите зборуваа гласно, се довикуваа, се туркаа, се газеа, покажуваа со прст на уметничките дела потсмевајќи се… Насекаде се ширеше реа на евтин парфем. Оние кои некогаш беа некаква културна елита во оваа наша земја сега изгледаа тажно во своите демодирани костуми и вечерни фустани под излитените палта. Не може да се скријат години и години негрижа и интелектуална запустеност, како што не може да се скријат валканите чевли. Се помириле одамна со тоа дека живеат на село и дека овде калта секогаш е до колена. Кал до колена, до појас и над папок.

А имаше таа вечер и многу млади луѓе што е навистина убаво. Невини во своето незнаење, без јасна претстава за светот, за историјата, за уметноста; полни со себе, самозадоволни во своето доброволно прогонство на земјава, во своите златни патики и светкави облеки, беа како ангели без крила.

Говореа сите за уметноста, а за уметноста овде се говори површно, најчесто неупатено и секогаш злонамерно, и, се разбира, никој не ги гледаше изложените дела.

Уметничките дела што беа изложени, под она растреперено светло, во полутемнината, изгледаа жално. Сепак, на Зимскиот салон имаше неколку вредни уметнички остварувања. Со подобра општествена поддршка (на државата во која државата е единствен покровител на уметноста и тоа не зашто некој државен службеник сака уметност, а некој трговец со шарени маички и патики или некој сопственик на фабрика за производство на вафли не сака уметност, туку зашто е тоа законска обврска на таа држава) овие уметници можеби можат да создадат во иднина уште повредни уметнички дела.

Тоа што повеќето од уметниците се млади автори дава некаква надеж. Или не дава? Нашиве уметници веројатно мислат дека сите во земјава се толку неуки што можат да ги мамат како што улични продавачи мамат минувачи продавајќи им „оригинални копии“ на познати светски брендови. Немаат никаков морален проблем да изложуваат јавно дела „инспирирани“ од други уметници. И не е страшно што се „инспирираат“ од туѓи дела особено кога станува збор за млади уметници. Страшно е само тоа што нивната „инспирираност“ го открива јавно недостигот на уметничка инвенција и творечки потенцијал. А и не им паѓа на ум дека веќе некој тоа што го направиле го направил подобро од нив и оттаму нема причина такво нешто да биде повторно направено и изложено во пристојна галерија во светот. Затоа нè нема никаде. И уште долго ќе нè нема. А кога нè има, тогаш сме за жалење.

Велат, во светот, кој повеќето наши уметници немале можност да го видат и не го познаваат, уметноста е одамна измама. Да, навистина, денес голем дел од тоа што се нарекува уметност е измама. Таа измама, во трговско општество засновано на измама, е јавна и се поддржува од комерцијални причини во голем дел од светските галерии, но нема никаква вистинска вредност. Светските галерии се полни со смет, но меѓу сиот тој смет што сезонски се чисти останува само она што има трајна уметничка вредност. Нас ниту во тој смет нè нема. А, кој тоа, впрочем, може да каже дека сака да го изложат јавно неговиот смет меѓу другиот смет и тоа да го нарече успех. А нашиве уметници токму тоа и го прават. Наместо да создаваат уметнички дела.

Ете, одново сега ќе морам да слушам будалаштини дека сè е релативно, дека не постојат критериуми, дека денес секој може да биде уметник, дека сè е уметност, дека во уметноста „сè проаѓа“… (по ѓаволите, зошто тогаш нивните дела никаде и никогаш не „проаѓаат“?) дека уметноста ионака е лага и измама, дека одамна сè е тралала… Мили мои, уметноста е денес единствено нешто што не трпи лага и тие што не разбрале дека уметноста е вештина на откривање на вистината, тие не треба да се занимаваат со уметност. А тие што ги збунува тоа што уметноста лаже за да ја каже вистината, тие не знаат ништо за уметноста.

***

Заврши уште една наша тажна приредба. Јавно, уште еднаш, се видоа сите слабости и сиот институционален ужас и немоќ на државата да се создадат нормални услови за нормално работење: немање техничка поддршка, празна сметка и долгови на ДЛУМ, лажни и лицемерни ветувања (чија лага и лицемерност веќе никој не ја забележува), дека пари државата ќе даде по затворањето на изложбата, еден ден, напролет; а пари ќе има колку што државата одвојува за еднаипол забавна мелодија или патриотска песна (и уште некој се буни дека државата не ја поддржува уметноста); немање пари дури ни за некаков пристоен пропаганден материјал, немање добра волја на институциите на системот да излезат во пресрет на најелементарните и најминималните барања на ДЛУМ како што се постаменти за да се постават делата…

Нема снег во Скопје да ја покрие сета наша глупост и гадост. И никому ништо. Никој да се побуни, никој да проговори гласно... А кога некој и ќе се осмели, тогаш сите го замолчуваат, го надвикуваат и го навредуваат.

Уметноста не е веќе пожелна кај нас. Таа ги вознемирува „чесните граѓани“. Уметноста е „субверзивна дејност“, а денес никој не сака да му се урива пред очи лажната слика на стварноста зашто никој веќе не сака да го види ужасот зад неа, ниту пак себе и своето искривено лице во тој ужас. Впрочем, и самите уметници овде се бегалци од стварноста. Големите прашања на нашето време и на уметноста денес, големите теми, теории, уметнички движења и насоки… ништо од тоа не ги засега нашиве уметници. Сето тоа е само далечна бура и молњи на небото чии татнеж до нас доаѓа од запад со децениско доцнење.

Институциите на системот и јавните културни установи кај нас се одамна во рацете на неспособни партиски послушници и дилетанти кои ги сотреа и ги напикаа во подруми и во валкани дупки оние малкумина способни стручњаци. Сè што е добро и вредно се гази и се уништува. Се урива угледот на учените и способните и свесно им се одзема можноста за јавна работа, а се поттикнуваат и поддржуваат неуките и неспособните. Ваквиот наопаку превртен систем на вреднување се одразува на ликовната дејност така што слабите и бездарни уметници го заземаат местото на добрите уметници. Оттаму и нè нема никаде во светот.

Ја убија Уметноста за да не сведочи против нив. Ја убија како непријатен сведок на општата глупост, бездарност, неспособност и неукост. По оваа јавна егзекуција, проследена со долго бавно мачење, од нашава избезумена Уметност остана само нејзиниот оскатен и нагрден труп. Тој труп денес се распаѓа, а по него миголат црви што се хранат со овој гнилеж. А црви денес колку сакате!

Нема веќе кој да ги препознае добрите уметници и нивните дела. Публиката веќе не е во состојба да направи разлика. Сè е збркано и сè е наопаку во нивните глави и во таа обратна перспектива бездарници се големи уметници, а безвредни дела се врвни творечки достигања. Државата е во рацете на неуку и насилни службеници, секретарки вљубени во Тоше Проески и политичари без лична култура, со сомнително образование стекнато во период додека се на власт, без основно познавање на уметноста и со вкус на арапски шеици, тексашки нафташи и ѕвезди на боливудски мелодрами и мјузикли, кои државата ја уредуваат како да е нивна спална соба каде можат да си ги остварат болните фантазии.

Овие наши расипани политичари и тие наши гнили богаташи си ја присвоија државата како селски насилници што присвојуваат селски имот и сега жнеат туѓи полиња, стрижат туѓи овци, молзат туѓи крави и сечат туѓа шума како да е сето тоа нивно. Државната каса ја ограбија и во овој „грабеж на векот“ ги присвоија и ги поделија меѓу себе заедничките пари како што разбојници делат плен. Државните пари бесно ги трошат како селски газди и уште бараат од уметниците клечејќи да им ја бакнуваат раката. А повеќето од нашиве уметници токму тоа го прават. Одат тие наши уметници на колена наоколу и тропаат со лажица во тенџерето што им е обесено околу вратот, коленичат и им ги бакнуваат рацете на моќниците. И се обидуваат да се убедат себе и другите дека е таков „тешкиот живот на уметникот“. Така било и ќе биде, велат. И, впрочем, што има тука некој („Кој е бе тој...“) да напаѓа и да се буни кога секогаш може и тој да тропне малку во тенџерето, да помогне, рака да баци... А не само да се критикувало... И уште ќе ве затепаат ако се обидете да се насмеете.

***

Немаше снег таа вечер во Скопје. И тогаш видов неколку неочекувани снегулки како полека паѓаат од сивото небо. И се видов себе си загледан во тоа сиво небо и во тие снегулки. Се видов од далечина и се видов како брзам по улиците со тивок чекор на заскитан волк што внимава да не му се пуштат селските пци… Го видов плоштадот со бронзениот јунак на коњ и конечно тој виор од снегулки како од телевизиската реклама на СИТЕЛ. Сосем неочекувано бронзениот коњ скокна од високиот столб, од ноздрите му изби пареа, бронзениот јунак го спотна по улиците во луд трк и тие отидоа некаде кон далечното сино море и сончевите песочни брегови на Елада, а на негово место во тој фелиниевски филмски декор, гледам, ете, стои таму голо џиновското џуџе на Башески.

Снегулки паѓаа од небото и го видов градов со сите тие бели пантеонски градби, со антички столбови и осветлени фасади, сите тие евтини украси, сиот тој орнамент и таа позлата, а во средината на тој наш мал свет стоиџиновското џуџе, споменикот на нашата национална заостанатост во развитокот, на нашата ограниченост, на нашата спреченост да се развиваме нормално и на нашата трагична неспособност да се видеме себе такви какви што сме навистина денес.

Конечно малку снег над градот. Знам, тоа е само виулица што никој нема да ја помни утре и што нема да остави трага како ни снегулките што се топат на мојата дланка. Сепак, зимава малку се разниша нашава мала сувенирска стаклена топка и во неа градот како од бајка.

Слики: Will Cotton

ОкоБоли главаВицФото