„Крајбрежево“ – изложба на дигитална графика на Љубиша Камењаров

06.09.2023 12:26
„Крајбрежево“ – изложба на дигитална графика на Љубиша Камењаров

Во салонот „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар во Скопје, вечерва (6-ти септември), во 20 часот, ќе биде отворена изложба на дигитална графика и инсталација со на Љубиша Камењаров наслов „Крајбрежево“. Изложбата ќе биде поставена до 19 септември оваа година.

Почетната замисла на изложбата потекнува од едно лично видување за единственоста на личноста наспроти опкружувањето и човековата збирна множина. Понатаму продолжува како прикажување на два соседни, идејно и физички засебни делови, при што: еден дел е посветен на личноста и засебноста (индивидуалноста), а другиот на мнозинството и заедничкото (колективноста). Насловот ја покажува алегоријата и преносното значење, каде што водата и брегот се сонот и јавето, односно секојдневните желби наспроти тековните фактички состојби со кои се сретнуваме.

Љубиша Камењаров, роден 1978, во Скопје, со својот интерес за цртање и создавање, во 1993 година се запишува во Средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ – Скопје. Своето образование го продолжува на Факултетот за ликовна уметност – Скопје, оддел вајарство, и дипломира 2004 година.

Од 2005 до 2007 работи на изработка на сценографии за разни театарски и филмски продукции. Во 2007 тие искуства ги преточува во свои кусометражни видео остварувања и учествува на Фестивалот за видеоарт „Videospritz“ во Трст, Италија, како и на Скопскиот филмски фестивал, со експерименталното видео „Согласник“. Почнувајќи од таа година, како член на уметничка група, дел е од разни уметнички перформанси.

Во наредниот период се посветува на ликовното творештво и организира самостојни изложби, учествува во ликовни колонии и групни изложби. Од 2014 до 2016 година работи во студиото за компјутерска 3Д-анимација „Видео-Хаус“ во Скопје. Потоа од 2018 година, во соработка со Центарот за современа уметност – Скопје, ја истражува скулптурата (голем формат, просторно наменската и инсталацијата), по што продолжува да работи како слободен уметник во разни дисциплини од ликовната дејност.

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/