Исходот од тужбата на Мијалков против Фокус е показател за гушењето на медиумската слобода

18.01.2014 12:43
Исходот од тужбата на Мијалков против Фокус е показател за гушењето на медиумската слобода

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека казната досудена за клевета за новинарот Владо Апостолов и за уредникот на неделникот Фокус Јадранка Костова по тужба на шефот на службата за безбедност Сашо Мијалков е јасен показател за односот на судската власт кон слободното новинарство од една и власта од друга страна.

Брзите и високи казни за новинарите, надополнети со исклучително високи судски трошоци, кога како тужител се јавува носител на јавна функција, ја илустрираат тенденцијата во Македонија за гушење на слободата на изразување и непочитување на фундаментите на демократската пракса која почива на максимата дека новинарството има задача и должност да ја преиспитува и критикува работата на власта.

Исходот на тужбата на Мијалков против Фокус не е изненадување, туку уште една потврда дека проблемот со слободата на изразување и практицирање на професионално и критичко новинарство не е прашање на декриминализација или која било друга законска материја туку прашање на немањето елементарен демократски капацитет кај носителите на извршната, но и судската власт.

Казните за новинарите на Фокус е показател за исклучително непријателскиот и репресивен амбиент во кој функционираат новинарите во Македонија за што синдикатот ќе ги информира сите релевантни меѓународни организации на новинарите, вклучително и Меѓународната федерација на новинарите каде ССНМ е полноправна членка.