Гласниот марш на партиските медиумски предатори

22.12.2015 09:44
Гласниот марш на партиските медиумски предатори

Колку повеќе се зборува за состојбите во медиумите, колку поблиску сме до отворањето на прашањата од кои треба да се тргне кон пронаоѓање на најдобрите одговори, толку е полошо актуелното, секојдневното новинарство. Текстот што ја испровоцира оваа колумна уште еднаш го потврдува соочувањето со апсурдната ситуација која сугерира дека секогаш кога сме помислиле дека сме го допреле дното, некои медиуми и „новинари“ во Република Македонија нè изненадуваат со своите нови „дострели“. Едноставно е неверојатна нивната „креативност“ и дијаболична упорност со која ја уназадуваат оваа професија до невидени размери.

На кој кодекс, на кој член од тој кодекс, ќе се повикаат од МАН кога ќе се соочат медиумска содржина со наслов „Катица ги крие тајните на телефонските разговори од СДСМ“? Со кој образ и кредибилитет ќе побараат бидат рамноправни партнери во подготовките на медиумските реформи? Кои професиоални и етички стандарди ќе ги понудат како основа за тие реформи? Бездруго не оние што ги застапува оваа медиумска содржина, зашто во нив се препознава уште еден стадиум подолу на деструктивната медиумска анархија, која со благослов на владејачката политичка елита, со која новинарството го прикажува како професија која планирано, систематски и фламаторно еволуира во политички инструмент за детсруктивна, неаргументирана и гнасна простачка пресметка со политичките неистимисленици.

На местото на кое, според природната физичка констиитуција и умната човечка промисла, кај претставниците на ова „новинарство“, наместо систем за разум, мерка и достоинство, се имплантирани рецептори кои примаат наредби за дискредитација. Дури и волуменот на гласност и бесрамност се управуваат со далечински управувач.

Во оваа ситуација штетите што настануваат се повеќестрани. Штетата што ѝ се нанесува на публиката е дури најмала зашто постојат медиумски и граѓански стражи за предупредување и заштита. Парадоксално е тоа, но поголеми се штетите во интелектуалниот систем на рецепторите на медиумските предатори, кои заради подложноста на далечинското управување, се лишени од секоја рационална анализа и разборито просудување за сопствената улога во политичката арена.

Уште еден апсурд во кој веруваат овие рецептори е первертираната верзија на слободата на изразувањето која во нивната интерпретација е со претходна хируршка интервенција со која се отстранета одговорноста и чувството за пристојност.

Во една таква состојба, без атрибутите на одговорност и пристојност, овие медиумски предатори се уште погротескни кога одбиваат поврзаност со политичка идеологија и стануваат многу груби и брутални кон оние кои ги ставаат пред огледалото на реалноста.

Затоа, една од омилените теми на рецепторите на предаторите се критичарите на медиумите. Сите нивни обиди да го исправат огледалото на вистината се пречекуваат на нож, а авторите се изложени на невидена стигматизација како „народни непријатели, предавници и платеници“. Омилениот нивни речник.

Со години трагаме по слободата, слободните и одговорни медиуми. Многу е важно тоа да не престане. Додека остануваме со таа намера, не е лошо да ја имаме оваа препорака на хрватскиот писател Мирослав Крлежа:

За да се одвои од тие лаги, човек треба да се одлучи да го направи неизвесниот смртоносен скок и за нешто такво треба да ги има крилјата на галебот буревесник, силата и одважноста на сибирски волк, а не склоност каква што имаат доброќудните папкари преживари (крави и волови, н.з.), кои по цел ден ги мелат и преџвакуваат туѓите лаги.

На патот кон слободата…

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Свирачиња