Заробени медиуми: цензурата ја открива вистината

28.04.2014 09:32
Заробени медиуми: цензурата ја открива вистината

„Цензурата никогаш не престанува. Таа секогаш останува прикриена“, вели плакат од кампањата на Бразилската новинска организација. Тоа можеби во Бразил. Има места и каде што не мора да се крие. Фото: houtlust, 2006

Живеам и работам како новинар во време на апсурди кога во заробените медиуми цензурата најдобро ја отсликува вистината. Ова е најсрамниот период во новинарството во овие четири децении откако сум во оваа професија, речиси подеднакво во двата општествено-економски и политички системи. Или да кажам поедноставно, поарчив 20 години од животот, критикувајќи го едноумието и комунизмот и уште 20 години отидоа за изневерените надежи од капитализмот и безумието.

Заедно со повеќе мои колеги новинари и уредници уште во раните деведесетти години од минатиот век бевме убедени дека претходниот систем е историски потрошен модел, иако добро ги знаевме разликите на југословенскиот комунизам и тврдите режими на земјите од Источна и Централна Европа. Баравме промени воодушевени од плурализмот и западната демократија. Денес, по тие бурни и интересни времиња често си го поставувам прашањето колкава е нашата одговорност за големата измама и за лесно ветената слобода, за глорификацијата на новото време. Не дека сме можеле да ги запреме историските процеси, но сме можеле да бидеме повнимателни во идеализацијата на новиот безгрешен систем и сме морале да бидеме барем помалку еуфорични во претставата што ја создававме во јавноста дека со независноста и повеќепартизмот завршуваат сите маки на Македонија и нејзините граѓани. Македонија денес е поназад од 1990 година и годините пред тоа и неколкуте години потоа, не само во освојувањето на демократијата и на медиумските слободи, инсталирањето на правната држава, туку во сите сфери на живеење и работење.

Без Европа ни е подобро?

Граѓаните на Македонија се посиромашни, понесигурни и поплашливи од годините пред големите историски промени, квалитетот на живеење е полош, а приоритетните евроатлански интеграции и европеизацијата, како најголема надеж за влез во слободниот свет на прогресот, стојат во место не само поради грчката блокада и ултиматуми и срамната улога на големите сили, туку и поради сопствените грешки на политичките и интелектуални елити во Македонија. Сѐ поголемо е сознанието дека и членството во НАТО и во ЕУ нема да ги реши сите проблеми на овие напатени народи, иако оваа објективност сѐ почесто се злоупотребува во политички цели, демек да не брзаме кон Европа, вака ни е подобро. Се разбира, одамна знаеме дека ако влеземе во европското семејство нема да тече мед и млеко сѐ додека не ги направиме сами работите што треба да ги направат граѓаните и нивните елити кои имаат среќа да наследат држава и тоа баш во Европа. Два милиони народ, кој има 70 години држава, распослана на 25 илјади квадратни километри прекрасна земја, оддалечена на два часа од Париз, Лондон, Берлин, Рим и Москва не може да живее лошо, ако ги почитува 25-те илјади жртви паднати во татковинската антифашистичка војна кои вистински ја сакаа слободата, демократијата и својата татковина и ако може храбро да им испорача на своите политички водачи критериуми за успешно водење на државата.

„Изборот на Софија“ во македонското новинарство

Еден од тие предуслови е и ослободувањето на заробените медиуми.

Ако деведесеттите години од 20-иот век беше новинарски подвиг да се жигосува злоупотребата на власта и скрнавењето на кревката демократија, денес во втората декада на 21 век тоа е ерес, непријателски чин, доволен да бидете ставени на столбот на срамот како предавник, странски платеник, шпион, кодош… Ако некогаш самоцензурата и послушните уредници беа голем проблем на редакциите исмевани во интелектуалните кругови и новинарските средини, денес воената цензура и политичките комесари во редакциите и партиските штабови се главните журналисти и креатори на јавното мислење, чувари на владините кабинети и тајни, адвокати на власта и на политичките партии. Новинарите во овие редакции управувани од партиските центри и уредници најчесто немаат друг избор – треба или да ја трпат тортурата заради егзистенција, или да ја напуштат професијата, бидејќи на новинарските „дисиденти“, читај професионално ориентирани новинари, им е стеснет просторот за работа. Тие се анатемисани и нема за нив место во загадениот медиумски простор. Неколку новинарски оази среде пустина е малку свежина каде што можат да се реализираат новинарите кои сакаат да работат според професионални и етички норми.

Сепак, најголемата трагедија што ја направија контролираните медиуми, е што се на добар пат да ја сменат перцепцијата во јавноста што е добро и слободно новинарство. Голем број луѓе во партизирана Македонија веруваат дека вистинското новинарство е кога се критикува опозицијата, а се фали власта која осум години владее без никаква контрола во земјата, дека е добро да се корумпираат медиумите со селективно рекламирање на владините и партиски кампањи, дека е добро сопствениците на медиуми да бидат коалициони партнери на власта, дека е добро новинари и уредници да учествуваат на владини тендери, дека е добро новинари да ги напаѓаат своите колеги кои критички ја опсервираат владата, дека е добро новинари да бидат судени, апсени и драконски казнувани…

Еве неколку последни примери кои доволно јасно кажуваат на кое дереџе е паднато македонското новинарство. Уставниот суд на Македонија неодамна донесе срамна одлука дека никој не е виновен што на 24 декември 2012 година тајната полиција влезе во македонскиот парламент и заедно со обезбедувањето насилно ги исфрли новинарите од нивните работни места за да не ја снимат и да не известуваат од бруталното тепање на пратениците на најголемата опозициска партија и нивното насилно отстранување од Собранието. Флагрантното кршење на Уставот и законите, што го констатираа и експерти кои го пишувале Уставот, оневозможувањето на новинарите да ја информираат јавноста не значеше ништо за партиските уставни судии. Тие пресудија лицемерно и како партиски војници ја извршија наредбата. Жално и срамно.

Објави демант без она што се демантира

Агенцијата за медиуми деновиве изврши јавен притисок врз две телевизии 24Вести и Телма само поради тоа што професионално и објективно ја информираат јавноста пред изборите. Министерството за вистина преку медиумската агенција се замеша директно во уредувачката политика на овие два медиуми. За обвинувањата на опозицискиот лидер, Зоран Заев, за корупција во владејачката партија и лично на премиерот Никола Груевски, заробените медиуми ја информираат јавноста на оригинален начин, невиден во земјите со минимум демократија. Не се објавува веста што кажал Заев, туку се објавуваат демантите и што за тоа кажал Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ. Трагикомично изгледаат новинарите и уредниците на контролираните телевизии и весници кои секој ден пишуваат деманти на вести што не ги објавиле. Па, така, се случува апсурдна ситуација кога цензурата и молкот јасно ја кажуваат вистината, Кој лаже тој и краде вели народот. Во тек е совладување на нова технологија на читање на весниците и гледање на телевизиите. Еден дел од јавноста, за жал сѐ уште помал, внимаваат повеќе на тоа што нема да се каже и напише во медиумите, на тоа што се крие од граѓаните, а сѐ помалку веруваат на тоа што се удира на сите ѕвона и по сите сетила на луѓето. Тоа е добро за нов почеток.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото