Секс, дрога и голотија

16.12.2010 12:29
Секс, дрога и голотија

Во 1965 г. американската фотографка Нан Голдин, на која многумина ќе и’ го дадат епитетот „контроверзна“, имала 12 години и со семејството живееле во Бостон, кога нејзината постара сестра, тинејџерка, се убила. Подоцна нејзиниот учител ја запознава со фотографијата, а таа ќе изјави дека губењето на сестрата ќе ја натера да фотографира сè околу себе, посебно блиските, за засекогаш да ги задржи, т.е. замрзне миговите во кои биле заедно.

Кога во 1980-те изгубила голем број од блиските пријатели, токму оние од циклусот на нејзините фотографии настанати во Бостон и Њујорк, кои главно умреле поради сида или дрога, Голдин заклучила дека фотографијата ја нема таа моќ, дека не може да биде замена за нејзините сеќавања и дека не може да ги направи бесмртни луѓето кои повеќе не се меѓу нас. Напротив, таа сфатила дека фотографиите и’ укажуваат на тоа колкава емоционална загуба претрпела. Но и покрај тоа, Голдин продолжила фотографски да го бележи својот живот. Главно се работи за фотографии на луѓето од нејзиното непосредно опкружување, кои ги нарекува свое семејство.

Нејзината најнова изложба „Nan Goldin – Berlin Work“ е поставена во Berlinische Galerie и има 80 фотографии кои главно настанале меѓу 1984 и 1994 г. во Берлин. Како и нејзинитре американски прикази на секс, голотија и дрогирање, и овие фотографии, од кои повеќето никогаш не биле изложени, ја бележат берлинската „декадентна“ сцена од тој период. Се работи за еден своевиден интимен визуелен дневник: портрети на нејзините машки и женски љубовници, автопортрети (еден е снимен откако ја претепал партнерот), емотивните страни на пријателите и познајниците во берлинските (тогаш во западниот дел од градот) клубови, сквотот во тогашната работничка населба Kreuzberg во кој живеела на почетокот на 90-те, квазигламурозните празни ентериери како метафора за емоционалната болка, загубата, осаменоста…

„Најдобрите години од мојот живот ги поминав во Берлин. Не го велам ова лесно. Целиот живот барав дом и Берлин е единственото место каде што се чувствував пријатно. Ама повеќе не се снаоѓам овде. Тогаш бевме изолирана група уметници, а сега е поинаку“, изјави Нан Голдин на конференцијата за печатот во берлинската галерија, алудирајќи на промените кои му се случија на Берлин последниве 20 години, кои го направија градот непрепознатлив.

Еден интересен аспект на изложбата е и документарниот филм во кој Голдин отворено и меланхолично, ама не и патетично, разговара со своите пријатели, присетувајќи се на времето во кое заедно и бурно го проживеале (и самата била зависничка од дроги), сеќавајќи се на оние кои повеќе не се меѓу нив.

Интересно е дека на изложбата се прикажани и фотографии на голи женски деца кои во некои земји беа забранети, што Голдин го искоментира со: „Ако луѓето мислат дека тоа е порнографија, тогаш навистина се болни“.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото