Гевгелија

15.06.2023 01:31
Гевгелија

Илеш Шпиц

Гевгелија е важно место во моето детство. Брат ми Хазбо во 1960. година дома праќаше писма со печат од поштата во Гевгелија. Тој отиде во Македонија на младинска работна акција. Го градеше автопатот „Братство-единство“, делницата Нова Смоквица – Гевгелија, 14 километри. Во младинската работна бригада „Јела Јовановиќ“. (Јела Јовановиќ е сестра на Ристо Јовановиќ, првоборецот од Сјеница, неа ја заклале четниците.) Кога и да поминам покрај Нова Смоквица, ми поминуваат трпки, како кога од Пометеник ќе здогледам крајче од Граб. Кога Хазбо се враќаше дома (а отиде криејќи се, зашто татко ми не би го пуштил) раскажуваше како неговата бригада ја посетил народниот херој Пеко Дапчевиќ, кој тогаш бил амбасадор во Грција и како тогаш Пеко се фатил во козарско оро, па Пековата лева рака ја држела Хабзовата десна преку стомакот на некој бригадир кој бил помеѓу нив, како што се случува кога се игра козарско. Пред две години чудесниот човек Аце Ристовски, културен работник и директор на хотел и коцкарница во Гевгелија, кога му го раскажав ова, ми рече: „Многу да ми го поздравиш брат ти и да му се заблагодариш што го градел патот до Гевгелија“. Аце Ристовски можеби заборавил што ми рекол, но јас не сум и не можам да заборавам, а неговата благодарност му ја пренесов на Хазбо.

Пред три недели повторно бев во Гевгелија, на враќање од Солун. Од Гевгелија, првпат во животот, му свртев на Ивко Панговски, репортер на Радио Скопје, кого радо го слушав во детството, а и подоцна. Сметав дека повик од Гевгелија ќе биде многу поуспешен отколку повик од друго место. Јас само сакав во Скопје да се сретнам со Панговски. (О, колку радо би го сретнал и Никола Солдатов, но него никогаш нема да го сретнам, него одамна го покрива тревата на гробиштата Бутел). Му ѕвонам, значи, на Ивко Панговски, а Гевгелија ја зема предвид улогата на моето семејство во изградбата на македонската патна мрежа, па ми ја исполнува желбата. Би сакал да Ве запознаам, да слушнам од Вас некои работи за македонскиот фудбал, велам. А што конкретно, прашува Панговски. Па, на пример, за тоа како Илеш Шпиц избегал за да не го голтнат нацистичките гасни комори. Може, јас за тоа пишував во својата книга „Скопски фудбалски незаборави“. Читав, ама сакам уште, и усно. Може, кога ќе дојдете во Скопје, јавете се. Така, доаѓам во Скопје, му се јавувам и од Скопје, телефонската врска е слаба, доскокнува Јовица Ивановски со својот паметен телефон и Ивко Панговски ми закажува за десет часот наутро, во ресторанот Веро во Тафталиџе. Ова што следува, освен делот на самиот крај од приказната, го раскажува тој.

ФК Вардар 1961 година

Илеш Шпиц умре во Скопје. За време на натпреварот Вардар-ОФК Београд. Беше недела, 1. октомври 1961. Вардар првото полувреме го заигра многу добро, поведе со 2:0, на почетокот на второто полувреме поведе со 3:0, а потоа ОФК Београд тргна да игра многу добро, намали на 3:1, па на 3:2, двата гола Срѓан Чебинац. Шпиц многу се вознемири, изедначувачки гол може да падне секој миг. На крајот Вардар сепак некако победи, но го изгуби Шпиц. Инфаркт, пред крајот на натпреварот. Имаше само 59 години. Такво испраќање Скопје не памети. Целиот град дојде да го испрати неговиот сандак. Погребан е во Белград, на Ново гробље, Партизан бараше така, во Скопје за тоа имаа разбирање, иако би било нормално гробот да му биде во Скопје. Зашто Скопје и му го спаси животот, а тој на Скопје му го подари срцето. Беше голем стручњак, строг, а добар, постојано во движење, тој всушност беше тренер и на првиот тим и на подмладокот и на пионерите, му беше целосно предаден на фудбалот и на играта. Постојано ги гледаше натпревари од пониските лиги и турнирите насекаде по гимназиите, гледаше како децата играат фудбал по школските дворови, на улица, на полјани. Беше многу духовит, Шпиц. Игра Вардар еднаш во Белград, на Карабурма, таму често е ветровито, а тој ден беше баш многу, а нашиот играч Мирко Илиевски лесен како пердув, а тој ден ништо не му оди. Шпиц му вели, е бре, Мирко, земи една цигла, стави ја во гаќи за да останеш на теренот, да не те однесе кошавата во Дунав. Го слушав како на играчите им вели: „Не мора да дадеш голем гол, и малиот се брои“.

Шпиц во Скопје дошол 1939. од Сплит, каде две години бил тренер на Хајдук. Во Скопје е поставен за тренер на клубот Граѓански и го вовел во првата лига на тогашна Југославија. Но со германско-бугарската окупација на Македонија, во април 1941., почнуваат притисоците петте скопски клубови да се обединат во еден по име Македонија. Таа намера успева и на 10. август 1941, клубовите Граѓански, ССК, ЖСК-Победа, Југ и Славија се стопуваат во Спортски клуб Македонија. За тренер едногласно е поставен Илеш Шпиц. Клубот веднаш е внесен во првата лига на Бугарија, во која дотогаш играле само клубови од Софија. Веќе првиот натпревар на скопска Македонија и на софискиот Левски покажала дека името на скопскиот клуб било само големобугарска измама. Натпреварот го добиле скопјаните, но судиската комисија во Софија го регистрирала во полза на Левски. За неправдата известило и радио Лондон.

Кирил Пенушлиски

Се разбира дека Шпиц, како Евреин, веднаш бил под надзор на окупаторската полиција. Морал да носи жолта шестокрака ѕвезда и редовно да се јавува на полицијата, за потоа да му биде забрането да патува со екипата надвор од Скопје. Тоа за клубот било голема неволја, па по неколку залудни обиди работата да се реши во Скопје, секретарите на клубот Мицко Симеонов и Кирил Пенушлиски, заедно со претседателот на клубот Димитар Чкартов, отпатувале во Софија, па таму, со помош на претседателот на бугарскиот фудбалски сојуз Иван Батенбергски, биле примени во Министерството за внатрешни работи, кај началникот на одделението за еврејски прашања. Тројцата скопјани успеале од тој началник да издејствуваат ослободување од обврската Шпиц да носи жолта ѕвезда. А знаеш како: го убедиле дека Шпиц е дете без родители, дека, демек, е многу спорно и тоа дали е Евреин. Зашто – а тоа било пресудно – не бил „резнат“, односно, обрежан, сунетисан! Не морал да носи жолта ѕвезда, но и понатаму не смеел да патува со екипата ниту за излегува на аут линијата. Каква тренерска работа, а?! Но сето тоа било само одложување на апсењето. А апсењето и ставањето во воз за Германија било вака. Осми март 1942, наутро, во фудбалскиот клуб Македонија дошла жена му на Шпиц, уплакана, и на некоја мешавина од српско-унгарско-македонски јазик, рекла: „Одвела полиција мој Шпиц. Нема Шпиц куќа! Оди за Германија! Нема да се врати!“ Тренерот на Македонија, едвај половина година, уапсен со другите Евреи, граѓани на Скопје, пикат во воз, на пат без враќање. Симеонов и Пенушлиски веднаш истрчале во канцеларијата на претседателот на клубот Чкартов и му кажале за новоста. Чкартов го зел телефонот и се јавил на директорот на бугарската полиција за Македонија, тој се викал Асен Богданов, и му викнал: „Асене, апсењето и одведувањето на Шпиц јас го разбирам како напад врз мене!“ И Чкартов ја спуштил слушалката.

Ивко Панговски

Неверојатно чудо се случило истиот тој ден во вечерните часови. Шпиц дошол во клубот! Тој на Мицко Симеонов му раскажал како, со другите Евреи, го натовариле на товарниот воз. Возот ја напуштал Македонија, и одненадеж сопрел. Шпиц низ некој процеп во вагонот видел дека стои во Сурдулица. Влегле германски офицери и го извлекле Шпиц од вагонот. Композицијата го продолжила патот, а офицерите го ставиле Шпиц го автомобил и го донеле до Скопје!

Така преживеал унгарскиот Евреин Илеш Шпиц, големиот центарфор на Ујпешт од неговата „златна ера“, роден во Будимпешта, а 24 години живеел во Југославија. Во Скопје ќе живее до 1946., па ќе премине во Белград, во Партизан и ќе им биде тренер на Бобек, Зебец, Симоновски, Чајковски, Милутиновиќ, Јусуфи... Девет години без прекин, па потоа уште две. Со Партизан ќе освои две првенства и три купа на Југославија, со Вардар во 1961. куп на Југославија.

- Ивко, го спомувате Кирил Пенушлиски. Јас запознав еден Кирил Пенушлиски. Пред триесет години. Професор по народна книжевност, фолклористика, академик. Можеби е некој друг.
- Не бре, тоа е тој! Многу сакаше фудбал, а основач е и на македонското спортско новинарство!

Гевгелијооооо!

(2015)

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото