1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Ова го пишувам во Граб, последното село од општината Нови Пазар во правец на општина Ивањица. Граб е селото во кое се родив. Во куќата во родното село имам едно сопче и во него голема сталажа со книги. Книгите се набавувани во осумдесеттите години, само понекоја на сталажата е додадена подоцна. Меѓу книгите, на средината од сталажата и на средина на полицата, на метар височина од подот, одамна стојат наредени, во должина од половина метар, дваесет и шест книги од Collection Budé, двојазичната едиција на класични текстови “Les belles lettres“. Оние кои ги знаат тие книги, знаат и дека на кориците на грчките писатели стои лик на був, на оние од латински стои римската волчица. Оние кои ги читаат, знаат дека грчките или латинските текстови се приредени на десните страници, а на левите е францускиот превод. Тоа ги прави поинакви од речиси сите други такви изданија на светот, каде на левите страници се оригиналните текстови, а на десните преводот.
Во петок, на 26 јуни попладне, влегов во тоа сопче со книги и на книгите од Collection Budé видов ласица златица. Ме погледна накратко, скокна од книгите на подот и низ отворената врата на сопчето, па низ подотворената врата на куќата, исчезна како молња. Тоа е вторпат на тие книги да наоѓам ласица златица. Вторпат ми е и во животот да го видам тоа животно. (Сцената ме одвлече од мислите дека токму во тие часови навршуваат триесет години од натпреварот Југославија – Шпанија во Верона, на стадионот Бентегоди. Страшна горештина, два чудесни гола на Драган Стојковиќ-Пикси, првиот го даде пред мене, вториот на другиот крај од игралиштето. Ретко кога фудбалот ме направил среќен како тој ден и ретко кога толку несреќен како четири дена подоцна, кога Југославија во Фиренца на пенали испадна од Аргентина.)
Првиот пат мојата средба со ласицата траеше подолго, се гледавме можеби цели пет минути. За тоа време не можев да распознаам кое животно легнало на моите волчици и бувови. Долга опашка, оди дури зад книгите кон ѕидот, по четири долги влакна над носот, жолта дамка на вратот, опашката ѝ е долга како половина тело. Знам и кога ја затекнав на книгите, околу пладне, во вторник, на 24. јули 2017. Се гледавме, се гледавме, таа не се ни мрдна, ни здраво, ни мераба. Ја оставив да лежи на онаа рамнина што ја правеа книгите со иста висина, излегов од сопчето, па од куќата, отидов кај роднината Идриз да ми каже мислење од неговото ловечко искуство. Се вративме во сопчето, животното веќе го немаше во просторот меѓу книгите и горната полица, а Идриз самоуверено ми кажа: тоа ти била ласица, куќата веќе цела година ти е празна, па таа дошла малку да чита. Не, Идриз, никогаш не сум ја видел ласицава, до денес. Идриз се зачуди, се чуди и денес, и денес го гледам Идриз од прозорецот додека го пишувам ова. Дојде утрово од Пазар, ваму го влечат неговите пчели со кошниците, одонде го бркаат гласовите дека има сѐ повеќе заболени од вирусните редици.
Во неделата, на 28. јуни 2020, се слушна дека во Нови Пазар починал нашиот роднина Исмет Синановиќ. Воспаление на белите дробови, корона вирус, ковид. Неговиот син Нермин го пуштија во болничката мртовечница на болницата, да го најде и да го препознае татко си. Нермин бараше и бараше, ги прегледа сите починати, а татко му не го најде. Го најде жив, некаде во одделението.
Во истата таа недела до мене дојде веста дека еден ден порано умрел Илија Петковиќ. На чудесното лево и десно крило му пукнал чирот на дванаесетпалечното, искрварил, а кога го префрлиле на Бежанијска коса било јасно дека ќе биде тешко да се спаси. Утврдено е дека и тој бил заразен со вирусот по име корона.
Илија Петковиќ
Одамна, пред 48 години, на 24. април 1968, појдов од овој Граб во Дуга Пољана, за таму, на телевизорот во кафеаната на Салих да го гледам првиот натпревар во кој за Југославија играше Илија Петковиќ. Дуга Пољана тогаш за Граб беше најблиското место со струја. Југославија против Франција, четвртфинале на Купот на европски нации, стадион на Звезда. Со играта на тој натпревар Илија Петковиќ ми се всели во срцето и никогаш не се исели. Даде гол веќе во 3. минута, а во 33. го даде вториот. Овде издрибла половина Франција, а на крај и голманот Убоа, за 4:0. Француските новинари тој негов слалом го споредуваат со оној што во шеесеттите години на скии го правеше незаборавниот Жан-Клод Кили. На крајот беше 5:1, и Мусемиќ даде два гола, а Џајиќ еден. О, како само играше Осим! Тој натпревар направи седуммина играчи од југословенскиот тим (Пантелиќ – Фазлагиќ – Михајловиќ – Белин – Рамљак – Холцер – Петковиќ – Осим – Мусемиќ – Тривиќ – Џајиќ) подоцна да заиграат за француски клубови, сите петмина од нападот, плус голманот Илија Пантелиќ и бекот Љубомир Михајловиќ.
Илија Петковиќ не играше ни за Паризан ни за Звезда, за Југославија заигра како играч на ОФК Београд. Тој беше битен фитил за оние кои играа со топка и се надеваа дека можат да стигнат високо и далеку, дури и ако не играш во некои од клубовите на големата четворка. Петковиќ за Југославија играше со број 7, а за ОФК Београд на грбот имаше единаесетка.
Петковиќ го гледав многупати, во живо и на Карабурма и на ЈНА. Моќен играч, господар на топката, во него имаше нешто од Скоблар, нешто од Самарџиќ, а нешто имаше и од Шекуларац.
Илеш Шпиц
Со Илија Петковиќ разговарав само еднаш и тоа еден ден откако првпат ја видов ласицата златица како лежи на моите книги. Од Граб на 25. јули 2017 отидов во Белград на натпреварот Паризан-Олимпијакос. Еден пријател, наместо за западната трибина, ми обезбеди карта за ложата. Прв и единствен пат гледав натпревар од ложата на стадионот на ЈНА. Од мојата десна страна беше фудбалскиот судија Милан Караџиќ, а од левата Илија Петковиќ. Жештина на јулската вечер, Партизан се мачи, во ложата се пуцка со прсти. Води Олимпијакос, Партизан веднаш изедначува, но се гледа дека таа вечер нема да има погача од брашно од нашата вреќа. На полувреме излегувам во ходникот и на една од многуте фотографии од Партизановиот тим препознавам еден играч. Одам назад во ложата: ве молам, господин Петковиќ, помогнете ми да дознаам кој е играчот на една слика, овде зад вашиот грб во ходникот. Петковиќ станува, поаѓа по мене, му ја покажувам сликата и играчот на неа.
- А, тоа е Срѓан Чебинац! Тој денес живее во Риека.
- Оној Чебинац кој, играјќи за ОФК Београд, на Вардар во Скопје му даде два гола...
- Да, тоа е тој. По тој натпревар, умре тренерот на Вардар Илеш Шпиц. Вардар водеше 3:0, Чебинац намали на 3:2, Шпиц многу се нервираше и доби инфаркт. Се разбира, не беше Чебинац виновен за инфарктот. Тогаш сѐ уште бев во Книн кога се слушна дека умрел Шпиц.
- Ете, двајца луѓе на Партизан на работа во други клубови.
- Срѓан беше голем играч, чудо од физичка подготвеност, и денес добро се држи, можеби најдобро од таа генерација.
- Петковиќ, игравте и за Пењарол од Монтевидео?
- Да, бев таму на проба. На почеток сѐ изгледаше одлично, но во финалниот натпревар на турниот во Монтевидео си ја скршив ногата и се вратив во Белград. Кога се опоравив, отидов во Франција. Би можел за тоа долго да раскажувам.
Овде почна второто полувреме, па разговорот заврши на тоа. Партизан во второто полувреме прими дава гола, секого во онаа ложа го напушти разговорливоста. Така и мојата желба од Петковиќ да слушнам уште нешто за Монтевидео и за Пењарол остана некаде некогаш еднаш. За никаде никогаш ниеднаш.
Три дена откако по вторпат ја видов ласицата, од Пазар во Граб пристигна глас дека умрел Исмет Синановиќ, оној што не умре кога во болницата рекоа дека умрел. Нермин, синот Исметов, јави дека Исмет умрел. Умрел, сега не е грешка ни гласина. Умрел во болница во Нови Пазар, градот кој овој јуни повеќе личи на Бергамо од месец март оваа година.
Превод: Душица Димитровска
Извор: https://www.portalnovosti.com/