Ќе го преживее Скопје и овој обид за културцид

22.06.2023 00:18
Ќе го преживее Скопје и овој обид за културцид

Според потесната дефиниција на културцидот, станува збор за системско уништување на културата на една заедница којашто може да биде етничка, социјална, географска и така натаму.

Културната матрица на Скопје ги има(ше) сите одлики на една уникатна заедница од која произлегуваа нејзините културни специфики. Тие, градени со децении, го сместија градот на листата посакувани градови за „згаснување“ на духовната жед и потреба и за присуство на една динамична сцена каква што (беш)е скопската.

А денеска, на 21 јуни, Светскиот ден на музиката и на рамнодневицата, кога традиционално започнува Скопското културно лето, програмата на оваа манифестација започнува да се реализира без поддршка на Град Скопје, односно на градоначалничката.

Програмата ќе се реализира благодарение на ентузијазмот на Дирекцијата за култура на Град Скопје и на поддршката на Министерството за култура.

Скопското културно лето, сега засега, започнува да се реализира без финансиска поддршка на Град Скопје и градоначалничката, но зато, пак, Данела Арсовска, не пропушти да биде запишана во каталогот на манифестацијата каде вели дека „Овој фестивал претставува обележје на градот Скопје, кој преку уметноста го хармонизира и облагородува животот и му дава смисла на нашето постоење“.

Ете, иако знае дека фестивалот „претставува обележје на градот Скопје, кој преку уметноста го хармонизира и облагородува животот и му дава смисла на нашето постоење“, оваа година одлучи да не го поддржи, а тоа е нејзина должност.

Ќе го запаметиме тоа. Исто како што паметиме дека лани, градоначалничката и градот Скопје со мнозинство вмровски советници го поддржаа Илинденскиот марш, којшто нема никаква врска ниту со градот, ниту со културата во градот.

Скопје во неколку наврати се соочувал со закани и катастрофи. Од пожари, поплави, земјотреси… кои доаѓаат како природни стихии, до стихии за коишто се одговорни луѓе и конкретни личности на кои овој град им служи само како сценографија за нивните неодговорни игри во кои најмалку има култура. Еден од најдраматичните културциди на градот беше проектот Скопје 2014, како идентитетски геноцид.

Како резултат на овие неодговорни игри кон градот и неговите граѓани, Скопје ги изгуби реалните шанси да биде Европска престолнина на културата за 2028 година, откако во јуни 2023 година го пропушти рокот да ја комплетира својата апликација заради игнорантскиот однос на Градот и градоначалничката.

Наместо да ја истурка постапката до крај која што започна уште во 2014 година и за која Шилегов ангажираше експерти од странство за да ја добиеме кандидатурата, поради ваквиот однос на градските власти, Скопје е на добар пат да го изгуби статусот како потенцијален кандидат за ЕКП 2028, после што неколку години и ќе нема можност да аплицира уште еднаш.

И не е само кандидатурата за ЕКП 2028, и Скопско лето. Град Скопје сѐ уште ги нема објавено резултатите на Конкурсот за финансирање на програми, проекти и активности од областа на културата од интерес на Град Скопје за 2023 година објавен уште во октомври 2022 година.

Сосема е можно дека до оваа ситуација се дојде откако беше јасно дека споредбено со претходните години, буџетот за градските културни установи и за културната програма на независната сцена, е повеќекратно помал и кога стана јасно дека градската култура е сведена на преживување затоа што со предвидените средства менаџерите на институциите нема да можат да ги покријат ниту елементарните расходи за одржливост, а програмските активности се чини дека остануваат само сон (на летната ноќ).

За жал, но чисто за да се знае и да остане запишано, заеднички именител на сите овие обиди, па дури и не само обид, туку и реални постапки за разнебитување на градот на културен план, е ВМРО-ДПМНЕ. Тие можат сега колку и сакаат да ја негираат градоначалничката на Скопје, но таа е нивно кукавичјо јајце коешто тие му го подметнаа на градот кој сега се соочува со културно разнебитување.

Но, Скопје, како и многу парти досега, ќе го преживее и овој обид за културцид. Ќе ја преживее оваа вмровска градска власт и оваа градоначалничка. Таа, во нејзината изборна програма во делот на културата запиша дека „на Скопје му се потребни нови принципи кои ќе ја истакнат културата како важен столб на градскиот живот. Поттикнувајќи ја нејзината видливост, имаме обврска да обезбедиме услови за нејзин развој“, а ништо не направи за да го реализира тоа.

Слики: Владимир Лукаш

Извор: https://racin.mk/