Се претвораме во регионална инженерска провинција

10.07.2023 01:53
Се претвораме во регионална инженерска провинција

Проф. д-р Горан Марковски

Извор: Дојче Веле

Натрапниците и манипулаторите во инженерското опкружување, доминацијата на личниот над заедничкиот интерес и транзицискиот земјотрес кој овозможи да се изградат нови урбанистичко-архитектонски киклопи,се дел од темите за кои разговаравме со проф. д-р Горан Марковски, декан на Градежниот факултет на УКИМ. Тој говори и за ударот на климатските промени врз инфраструктурата, соодветно на тоа и за потребата од менување на стандардите за проектирање на инфраструктурни објекти, но и за потребата од добро едуциран и стручен кадар и подигнување на опаднатиот квалитет на градење.

ДВ: Инфраструктрата е ранлива на климатските промени, а тоа го покажаа неодамнешните поројни дождови, кои оштетија мостови и патишта. Како ќе се справиме со овие предизвици?

-Веќе е неспорно дека сме навлезени во период со поинаква клима која претежно се манифестира со почести поројни дождови, позачестен и посилен ветер и слично. Не можам да тврдам дали овие и слични други екстремни појави се последица на човековото „силување“ на природата или се работи за природни циклуси со периода која е премногу долга за нашите мемориски капацитети. Но можам да потврдам дека дел од инфраструктурата е нивната прва жртва. И тоа не е ни малку случајно. Инфраструктурните објекти како што се мостовите, патиштата, железниците, каналите, канализациите и многу други, се директно изложени на надворешните влијанија и во тие критични моменти треба сами да се справуваат со нив. Колкава ќе биде нивната одбранбена моќ зависи исклучиво од човекот. Односно, од тоа како се планирани, изградени и одржувани.

ДВ: Како изгледа патот кон навремена превентива?

-Сѐ започнува со планирањето. Тоа е долготраен, исклучително важен процес чии резултати се видливи во период кој, за жал, не се вклопува во политичките изборни циклуси. Затоа често е игнориран и непосакуван. Но, сето ова што се случува околу нас, треба да нѐ освести дека во оваа област не постојат инстант решенија. Превентивата, исто како и за човековото здравје, е најдобриот и најрационален начин за справување со новите природни предизвици. Очигледно ќе мораме што поскоро да ги менуваме стандардите за проектирање на инфраструктурни објекти и да ги приспособиме на новите екстремни ситуации. Истовремено, мораме да го подигнеме и опаднатиот квалитет на градење. Да ги разоткриеме натрапниците и манипулаторите во инженерското опкружување и конечно да ги отфрлиме. Да ги исклучиме сите импровизации, прифаќање на приправени и недоправени решенија и деструктивни компромиси, нешто што полека стана константа во градежната дејност. Како да се навикнавме на неквалитет кој резултира и со намалени очекувања. Деструктивна спирала удолу.

И како трет, исклучително битен, елемент доаѓа одржувањето на веќе изграденото. Тоа е нешто што е од суштествено значење за правилно и безбедно функционирање на инфраструктурата. Вложување кое дава најбрз и најефикасен резултат, но кое во јавноста е потиснато од лицитациите и натпреварите за новоизградени километри и површини. Во развиените општества, веќе ја имаат прифатено перцепцијата дека вкупната вредност на објектот е составена од делот потребен за негова изградба и од средствата кои се неопходни за редовно одржување. Запоставувањето на постоечката инфраструктура води кон двојна штета. Од една страна доаѓа до нејзино побрзо руинирање и потреба за изградба на нова, и од друга страна нејзината намалена функционалност предизвикува огромни штети од различен вид. Меѓу другото доведува и до зголемени ризици.

ДВ: Во колкава мерка последиците од климатските промени бараат и менување на досегашниот календар (рокови) за проверка на кондицијата на патиштата и мостовите?

-Ако сакаме да го преживееме овој период, а притоа не знаеме колку тој ќе трае и што следува после него, промена на стандардите и воспоставените досегашни правила е неминовност. За вакви климатски „лудории“ потребни се итни промени во пристапот, односно почести и подетални контроли на патиштата и мостовите. И не само на нив. Тука би ги вброил и хидротехничките објекти, односно браните, цевководите, речните корита и многу други објекти кои се од животно значење. Претходно дефинираниот период од пет години сега станува премногу долг. Меѓу другото и затоа што постојано треба да имаме на ум дека не располагаме со многу алтернативни патни правци што е сериозен хендикеп кој може да биде ублажен единствено со редовно и квалитетно одржување на постојните. Кај нас оштетување на еден железнички мост може да предизвика целосен прекин на сообраќајот на целиот Европски коридор 10. Треба да бидеме наполно свесни дека и тогаш нема да може целосно да се елиминираат ризиците. За тоа постојат објективни причини. На пример, најчест виновник за оштетување или уривање на мостовските конструкции при поројни дождови е поткопувањето на темелите. А, тој проблем тешко може да се детектира дури и при зачестени контроли. Слично е и со свлечиштата и одроните на одредени патни правци. Но тоа не значи дека не постои начин за намалување на ризикот од вакви немили сценарија со спречување на неконтролираната експлоатација на материјалите од речните корита или со елиминирање на беспланското сечење на шумите.

ДВ: Сето ова бара обучен високостручен кадар. Со оглед дека новите предизвици „плачат“ за градежници, геодети, геотехничари, каков е интересот за упис на Градежниот факултет на УКИМ?

-Загрижувачки мал. И тоа во период кога местото на вработување стана избор на кандидатот, а примањата се сѐ посообразени на инженерското знаење и искуство. За десет години од 297 спаднавме на само 84 бруцоши (72 градежништво, 9 геодезија и 3 геотехника). Тегобно и неодржливо за нормално функционирање на државата и секако на струката, која не толку одамна беше македонски „бренд“. Гранка која е најголем двигател на стопанството. Единствената која е задолжена да нѐ штити од природните катастрофи кои, гледаме и во светски рамки, сѐ повеќе и сѐ почесто излегуваат од контрола. Очигледно е дека човечкиот потенцијал станува сериозен проблем. Посебно во малите и неразвиени држави и особено во одредени дејности како што е градежништвото. Тоа допрва уште подрастично ќе се почувствува бидејќи за градење и нормално функционирање на инфраструктурата, но и не само за неа, потребен е добро едуциран и искусен стручен кадар. А неговото создавање претставува континуиран процес (не настан) за кој треба време, но и државна и образовна стратегија.

ДВ: Има ли на повидок таква стратегија?

-Времето неповратно тече, а стратегија, барем јас, не можам да видам. Сведоци сме на стихија при уписите во високото образование. Огромниот, и за нашите капацитети деструктивно диспропорционален интерес за масовно запишување на некои моментално конјуктурни струки, проследено со демографска депресија, опсесивниот тренд за студирање во странство и негативната етикета која јавноста како на колатерална жртва му ја прилепи на градежништвото, резултираа со страотен пад на интересот за студирање на Градежниот факултет. И тоа во време на нови предизвици, чие решавање не може да се замисли без градежни, геодетски и геотехнички инженери. Се плашам дека полека но сигурно се претвораме во регионална инженерска провинција во која финансискиот и што е уште поважно, стручниот профит од капиталните инфраструктурни проекти ќе се одлева надвор од државата. Нашето знаење ќе стагнира, а со тоа ќе опаѓа квалитетот и сигурноста на градбите.

ДВ: И не е во прашање само потребата од високостручен, туку и од нискостручен, но добро обучен кадар, кој сѐ помалку го има или практично го нема. Има ли начин да се супституира тој кадровски недостиг?

-Градежништвото е мошне одговорна струка каде евентуалниот неквалитет на кое било ниво има несогледиви последици. Тоа е еден долг синџир во кој секоја карика мора да поседува соодветна јакост. Тоа значи дека т.н. нискостручен и добро обучен кадар е битен колку и инженерскиот. Во овој случај кадровскиот недостиг би можел да се надомести со осмислена преквалификација, на и онака прекубројната администрација. Ползата би била повеќенасочна. Јавниот административен сектор би се релаксирал од прекубројните, потребите од ваков кадар особено во областа на одржување на инфраструктурата би биле барем делумно задоволени, а преквалификуваните лица би имале далеку повисоки приходи. Мислам дека оваа идеја заслужува да биде разгледана. Во овој процес би се вклучил и Градежниот факултет, кој во соработка со други домашни и странски институции и компании би ги организирал кратки курсеви за обука. Подобра алтернатива во моментов не можам да видам.

ДВ: По повод 60 години од скопскиот земјотрес, во рамки на „Скопското асеизмичко лето“ организиравте конференција на која предупредивте на последиците од незнаењето и неодговорноста во градењето. Колку она што го нарековте „инженерска проституција“ изразена преку нарачка на урбанистички планови, ги торпедира обидите за градење според сите стандарди?

-Нарачаните урбанистички планови претставуваат директен конфликт на интереси. Победа на личниот врз заедничкиот интерес. Непоправлива стратешка грешка. Своевиден транзициски земјотрес кој сериозно го тресе нашето тло. И додека оној тектонскиот од пред 60 години ги разруши лошите градби, овој овозможи да се изградат такви нови урбанистичко-архитектонски киклопи, кои неповратно го уништија и сѐ уште го уништуват просторот. И сето тоа поминато низ рацете на многу овластени урбанисти, архитекти, инженери... Поминато и уредно испечатирано. Мазохистичко задоволување на финансиските страсти на нарачателите или во други случаи, непримерно додворување на моќниците. Класична инженерска проституција. Продавање на сопственото знаење и дигнитет за тешко изборениот и долго посакуван проектански минималец. Често и за помалку!

Слични содржини

Општество / Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори / Теорија
Општество / Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото