Дали е безбедно македонското небо?

08.01.2024 11:14
Дали е безбедно македонското небо?

Вo петокот (5 јануари) за момент беше заматен погледот на „очите на македонското небо”. Од ударот што го нанесе, никој друг, туку поранешен министер за економија, поранешен директор на Управен одбор на „Македонска навигација” (М-НАВ), поранешен директор на Фондот за пензиско осигурување и актуелен претседател на партиски огранок на ДУИ во Чаир – Беким Незири!

Во моментите кога контролорите на летање будно наведуваа авиони за безбедно да слетаат на скопскиот аеродром, група од осум насилници упаднала во контролната кула и нападнале вработен кој, заедно со колегите дежурни во смената, бил на работното место. Неофицијално, причината за нападот е поддршката што им ја дал на синдикалците, кои претходно депонираа оставки во случај да не бидат решени проблемите во „Македонска навигација“ (М-НАВ).

Јавноста е згрозена од овој настан без преседан, кој можел да биде фатален и за патниците во десетиците авиони што ја надлетувале земјава во тој момент. Чинот на насилство ќе се разгледува на владината седница во вторник. Од Синдикатот на контролата на летање (ССКЛ) им порачаа на тројцата директори на М-НАВ дека не треба да чекаат да бидат разрешени, туку веднаш да дадат оставки.

Укажувањата од ССКЛ се релативизираат со години. Главите се пикаат во песок, можеби затоа што оваа институција со години важи за „златна кокошка” во која се сместуваат роднини и други партиски кадри, чијашто единствена цел е да не работат ништо, а да земаат високи плати. Платите и не се најголемиот проблем ако работат чесно и квалификувано. Контролорите на летање-професионалци максимално ги заслужуваат до последниот денар. Проблем е што, според зборовите на синдикалците, работат за тројца – и за оние што немаат никаква заслуга за безбедноста на македонското небо, а кои им станале колеги без да ги исполнат неопходните критериуми.

Една од најстресните професии стана монета за поткусурување и мегдан за покажување политички мускули. Полицијата и Обвинителството ќе треба да одговорат на прашањето како е можно група луѓе кои не биле вработени во М-НАВ, да влезе во забранетата зона без безбедносни проверки и посебни дозволи за влез. Како е можно во најфреквентниот дел од работниот ден непознати лица физички да нападнат контролор на летање додека бил на работното место? Институциите ќе треба да ја лоцираат одговорноста и за очигледните пропусти на службите задолжени за обезбедување на објектот на М-НАВ. Ако воопшто се осмелат да истражат!

Скандалот, за жал, „прелета” и надвор од нашите граници. За настанот и за понатамошните активности на синдикалците, веќе се известени сите меѓународни воздухопловни институции, како и синдикати и здруженија на контролори на летање од Европа и се очекуваат нивните претставници да пристигнат наскоро како дополнителна помош и поддршка на македонските колеги. Синдикалците беа принудени на ваков чекор поради отсуството на реакција од надлежните. Доколку не се преземат ригорозни мерки и не се смират тензиите, ССКЛ најавува штрајк со затворање на воздушниот простор. Тоа ќе значи дека Македонија можеби ќе изгуби милиони евра поради откажани прелети над македонското небо.

За ова акционерско друштво е надлежна Владата. Таа поставува и разрешува директори, кои ја користат нивната политичка позиција да распишуваат конкурси и да вработуваат свои „кадри“ надвор од пропишаните норми. Но, авиосообраќајот е премногу сериозна дејност, која не трпи ниту партиски вработувања, ниту рамковни договори, ниту балансери, ниту политички мешања. Не можат за безбедноста на илјадници патници над македонското небо да се грижат лица што не знаат ни англиски на потребното ниво, да не зборуваме за други способности и вештини.

Извор:https://www.slobodenpecat.mk

ОкоБоли главаВицФото