Текстови за удолниот релјеф на времето

21.12.2023 14:09
Текстови за удолниот релјеф на времето

Во петок, 22 декември, промоција на книгата „Креативниот демон на глупоста“ на М. Грчев во Бруталиск (Илинденска, 38А) во 12 часот.

 

„Текстови за удолниот релјеф на времето, 2019 - 2021“, е поднасловот на четвртата книга на Мирослав Грчев во Темплум едицијата Градот. Од книгата „Креативниот демон на глупоста“, составена од деведесетина текстови, овде го пренесуваме авторовиот предговор.

Епската трагедија што го сардиса македонското општество од 2006 до 2017 година, кога беснееше мафијашката партија‒држава на ВМРО, го испразни нашево земјиче од неговите најважни и бесценети блага: од младината што избега од земјата, од културата на солидарност и соживот, од моралните вредности и од надежта за подобра иднина. Материјалните траги од овие порази денес како отворени гнојни рани ни го дефинираат идентитетот. Нашата престолнина стана светски позната депонија на најгротескниот архитектонско‒скулптурален кич од кој еманира свежа реа на вмровскиот фашизам. Ние, поданиците на „заробената држава“, со чии пари е изградено ова чудовиште, го носиме „Скопје 2014“ како личен белег со кој се препознаваме во целиот свет како нација на кретени што во сопствената земја не можат да го одбранат ни своето културно наследство, ни сопствената историја и идентитет, а не можат да постигнат ни консензус околу основните факти за своето постоење.

Дали извлековме некакви поуки од општествената катаклизма што ја преживеавме, дали ги залечивме раните од вмровското декапацитирање на државата и дали се справивме со материјалните, културните и идентитетските последици од катастрофата? Очигледно ‒ не. Дали како општество воопшто станавме свесни за природата и значењето на културоцидот што го спроведе ВМРО‒ДПМНЕ? Апсолутно не. Дали некој во земјава се запрашал каква и колкава е вкупната културна штета што настанува со врежувањето во овдешните мозоци налудничави, фашизоидни и морничави, франкенштајн‒барок стилови, лажноисториски и други блуеници? Дали некој помислил дека овој културоциден радиоактивен отпад ние им го втиснуваме на младите преку еволуциски најсилниот и генетски најотворениот канал на верувањето, директно во нивните мозоци, длабоко во нивните души? Не, не и не.

За жал, историските факти кажуваат дека не сме осамени во глупавата неподготвеност за критичка и аналитичка мисла што ќе го овозможи самокорективниот пат кон посакуваната иднина. Испаѓа дека најголемиот број катастрофи, несреќи, војни и нехумани владеења, непрегледната маса на човечки страдања во историјата не само што останала без поука, смисла или разбирање, туку е безмилосно фрлена во заборав, патем и попат, во забрзаниот, несопирлив и безмилосен, во ништо загледан маршев чекор на времето.

Заедно со трагичните настани се забораваат и поуките. Тоа историско глупило на катастрофите, како и самообновувачката тапост на несреќите, можеме да ги следиме секој ден, зашто нивите бранови бесно удираат во нашите прозорци и екрани, како што плимата на одвратните вести го плави медиумскиот простор на планетава. Кои се причините за очигледното заглупавување не само на библискиот народ, туку и за очигледното когнитивно и интелектуално затапување и на целиот колективен запад?

Имам чувство дека удолниот релјеф на времето го детерминираат повеќе конвергентни историски тенденции. Првата е недостатокот на политичка имагинација за идејно осмислување на општество на слободни и рамноправни граѓани на светот, што е денешна пандемиска болест на човештвото. Се чини дека причинител за ова затапување е заборавот на единствената хумана и праведна посткапиталистичка перспектива на светот ‒ оцијалистичката идеја за општество ослободено од експлоатација и од економско, политичко и социјално ропство.

Заборавот на идеите на Доброто неминовно е проследен со пропаѓањето на сите прогресивни леви движења, сите видови синдикално организирање сите движења што се борат за остварување на универзалните вредности на егалитарноста и солидарноста помеѓу луѓето. Притоа, за овие 40 години глобализација и изопачување на идеалите на слободата, еднаквоста и солидарноста, не се појави ни еден морален еквивалент на пролетерскиот интернационализам.

Конечно, последната но не и завршна причина за системското затапување, е несомерливата хоризонтала на полувистините достапни на социјалните мрежи и интернетот со која се сакати епистемологијата на човештвото и неговата способност за критичко мислење. Како последица на оваа ментална деструкција се создава епистемолошки вакуум, идејна празнина во која лесно се вселуваат умосерините на секоја моќна будала, авторитарен режим или тоталитаризам од каков било вид.

Резултанта на сите овие ментално ерозивни чинители е вкупното заглупување на човечкиот вид, кој почна забрзано да се тркала удолу по историската стрмнина. А, парадоксално, колку што е пострмна кривата на растечките девастирачки последици во природата и климата на целата планета, толку поупорно хомосапиенсот се држи за самоубиствената капиталистичка мантра за бесконечниот економски и материјален раст. Колку што се намалуваат природните ресурси, толку се зголемуваат апсолутните глобални бројки на производство, потрошувачка, транспорт, загадување, емитирање CO2, дефорестизација и истребување на живите видови. Како да решивме по секоја цена да станеме галактички ударници во нашата планетарна глупавост и кретенизам.

Но, јас истрчав пред настаните што ги коментира оваа збирка текстови, без намера да ви го расипам напнатото читање и љубопиството за тоа кој на крајот на приказната за удолниот релјеф на времето ќе испадне главниот злосторник, убиецот на сопствената татковина, на единствената планета што му е дом.

 

Цртежи: Саул Стајнберг

Слични содржини

Општество / Теорија / Историја
Општество / Јавни простори
Општество / Свет / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото