Анатомија на еден линч

09.07.2021 17:09
Анатомија на еден линч

Психологијата на толпата за линч остана неиспитана област во науките за човекот. Едно е сигурно: толпата за линч е секогаш составена од обични луѓе. Линчот го вршат малограѓани, што долго време трпеле системско насилство и неправда, кои во еден миг ќе осетат олабавување на стегите, еден вид анархична слобода во која нивното незадоволство ќе избувне во неконтролиран бес што – очајно задоцнето и сосем погрешно – ќе се струполи врз првиот случаен повод што ќе им наиде. Во тоа магновение толпата за линч – во име на правдата и највисоките вредности – сурово казнува невини жртви, сосем заменувајќи ги вредностите на доброто и злото.

Никој подобро не ја опиша разбеснетата чаршија од Иво Андриќ, кој во „Травничка хроника“ опишува неколку ситуации во Босна, во почетокот на 19 век, кога чаршијата ненадејно избувнувала линчувајќи случајно одбрани Срби. Ова е еден од тие маестрални книжевни описи на толпата за линч, се разбира, во мојот немушт и однога превод: „Десетте најубави јулски денови во Травник владееше потполна анархија. Едно заразно и општо лудило ги бркаше луѓето од куќи, ги гонеше да чинат неверојатни и чудовишни работи на кои никогаш и не помислувале. Настаните се одвиваа сами од себе, по некаква логика на крвта и изопачените нагони. Ситуациите се создаваа случајно, од еден извик или младешка шега, течеа непредвидливо и завршуваа неочекувано или напросто одеднаш се прекинуваа на половина тек. (…) Ревноста на тие луѓе беше чудна. Секој гореше од желба до придонесе во одбраната на верата и добриот ред и секој со најдобро уверение и света огорченост сакаше не само со своите очи туку и со рацете да учествува во убивањето и мачењето на предавниците и лошите луѓе кои се виновни за сите големи зла во земјата како и за секоја лична беља и поединечна мака на секој од нив. Луѓето одеа на губилишта како што се оди на светилиште каде што се наоѓа чудотворното заздравување и сигурното олеснување за секоја мака“.

Гневот на чаршијата

Така и во библиската Македоња, во летото господово 2021, едно издадено одобрение за градење ја избрка скопската чаршија на медиумските улици каде што се претвори во толпа за линч која во одбрана на „јавниот интерес“ и други граѓански светини реши да линчува секого што ќе ѝ се најде на патот. Но, најважниот факт за разбирањето на „праведничкиот гнев“ на толпата за линч не е дека чаршијата не го препозна нарушувањето на јавниот интерес кога локацијата карши хотелот „Холидеј ин“ беше наменета за мешана станбено-деловна намена уште во Генералниот урбанистички план на Град Скопје од 2002 година, или кога истата намена беше предвидена и во следниот ГУП од 2012 година. За да се сфати изопачената свест на толпата за линч не е релевантно ниту тоа што таа не осети јавна одговорност кон остатоците од Ново Маало, кои повеќе од половина век останаа во истата состојба како што беа есента 1964, по расчистувањето на урнатините од катастрофата, како утрина негибната од „јавната грижа“. Не, не е суштинско за разбирање на логиката на линчот ниту фактот што гневните праведници цели половина век не исцедија ниту капка емпатија кон замрзнатата мизерија на новомаалци на кои со конфузното планирање и општата неодговорност им беше одземена иднината.

Највредните факти за разбирање на помрачениот ум на толпата за линч е што истата таа „граѓанска јавност“ ниту во еден момент во изминатите 15 години не го препозна чудовишното систематско уништување на јавниот интерес во центарот на Скопје што го вршеше партиско-мафијашката вмровска „заробена држава“. Молчеше денес гневната јавност и кога – од 2006 до 2012 – десет пати се менуваше деталниот урбанистички план за Малиот ринг, за да се овозможат ужасните злостори врз престолниот плоштад, околните плоштадки, кејовите на Вардар и паркот „Жена – борец“, сите овие јавни простори и општо добро за кое со закон е прогласен јавниот интерес.

Молчеше толпата за линч кога се подигаа криминалните споменици на македонскиот фашизам – александри, филипи, ќосиња, триумфекални капии и куќи на фашизмот – сите со злоупотреба и партиска приватизација на градежно земјиште за општа употреба за коешто да прашате и дождовна глиста ќе знае да ви одговори дека се работи за злостор врз највисокиот можен јавен интерес. Молчеше јавноста и кога се градеа перверзните зданија на уставниот суд, археолошкиот музеј и државниот архив – во едно малоумно здание сместено среде плоштадот „Карпошово востание“ и пешачкиот кеј потаму, следени од исто толку бесмислени градби на јавното обвинителство, агенцијата за бла, бла и министерството за надворешни работи.


Не го препозна уништувањето на јавниот интерес – истата оваа чаршија – и ништо не ја побуди да подигне глас против искривоколчувањето ни на националната историја, ниту против карикатуризацијата и идиотизацијата на македонскиот национален идентитет, ниту пак против вкупниот франкенштајн-барок со кој станавме меѓународно признаена метропола на кичот и нација со тешко нарушување на свеста за сопствениот идентитет. Има ли појавен интерес од уставниот поредок, националниот идентитет, култура и историја; од продадените булевари, плоштади, кејови и паркови, од унакарадената парк-шума Водно?
Но, сите тие години исполнети со тешки системски злостори врз јавниот интерес не побудија гнев кај „граѓанската јавност“; не, не, ниту ронка од овој што се дигна заради едно законски издадено одобрение за градење. Токму таа тишина – кога се вршеше вистинскиот мега-злостор – со која некои од учесниците на линчот беа препокриени затоа што одгледуваа азијатски кетман (внатрешен отпор вешто затскриен зад сервилна насмевка), некои затоа што беа водени од нагонот за самоодржување со веднати глави, а некои затоа што директно или индиректно учествуваа во злосторот, велам, токму таа децениска тишина најдобро го објаснува овој задоцнет, бесмислен и промашен гнев. Токму таа тишина и го овозможи градењето на ужасот наречен „Скопје 2014“ и токму длабоката свест за сопственото соучесништво денес го создава слепиот бес на толпата за линч.

Никој што молчел 10 години додека се изведуваше најголемото зло во историјата на македонската држава – едно чудовишно архитектонско, урбанистичко, културно и идентитетско национално саморазнебитување – и никој што молчеше последниве 4 години кога требаше да се крене гласот за чистење на спомениците на фашизмот од јавниот простор на престолнината, никој од сите тие партиципиенти во толпата за линч нема никакво морално или човечко право ни да зуцне за заштита на јавниот интерес!

Лудилото како норма

Тие што молчеа кога се уништуваше највисокиот јавен интерес во градот и државата сега се кренаа гневно – со грешка од 180 степени – против приватниот интерес нарекувајќи го јавен!? Зашто, да спомнеме на крајот, јавниот интерес во градот е уреден со закон: тоа е Законот за експропријација во кој е експлицитно уредено дека станбената и комерцијалната група на намени не се од јавен интерес. Ако е законот погрешен – сменете го!

И лоповската одредба за отуѓување на градежното земјиште во државна сопственост доколку приватникот во една парцела поседува повеќе од 30 насто е уредена во малоумниот Закон за градежното земјиште што е уште – од никого неоспорен – на сила. И ГУП и ДУП што уредуваат дека карши „Холидеј ин“ практично нема јавен интерес (во доминантната станбено-деловна намена) се уште на сила! Сменети ги!

И за крај, да повторам: тие што не беа способни да ја препознаат смртта на јавниот интерес во градењето на „Скопје 2014“ и што се уште не препознаваат дека чистењето на тие културоцидни фекалии се највисокиот јавен интерес во Македоња; тие, велам, што не беа кадарни да ги сменат вмровските лоповски закони и урбанистичките планови цели годиништа, сега гневно се кренаа да ја рушат и самата смисла на јавниот интерес и на правниот поредок претворајќи го лудилото на линчот и произволното укинување на законите и плановите во норма. Кој јад и која беда!?


Слики: Свирачиња
Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото