Промоција на „Дискретниот шарм на македонскиот филм” на Ана Василевска

09.04.2024 09:39
Промоција на „Дискретниот шарм на македонскиот филм” на Ана Василевска

Книгата насловена „Дискретниот шарм на македонскиот филм” на Ана Василевска во издание на „Македоника” ќе биде промовирана во „Јавна соба“ на 10 април (среда) од 18.30 часот. Промотори на книгата се режисерите Ана Опачиќ и Даријан Пејовски.

„Дискретниот шарм на македонскиот филм” е еден сублимиран приказ на состојбите во нашата кинематографија во периодот од осамостојувањето на државата до 2021 година, односно опфаќа три децении македонска продукција.

„Нашата филмска традиција има поопсежна историја и несомнено можеме да ја сместиме во неколку епохи, но новото наше филмско творештво, до денес, повеќе од сигурно испиша нова историја, изроди ново филмско стебло, направи нов уметнички исчекор. Ете за тие факти зборува книгата на Ана, не заборавајќи да ја спомене и генетиката на македонскиот филмски уметник, или ако сакате повеќе, генезата на македонскиот филмаџија. Таа умешно ги проткајува споредбите на мак филмот со светските филмски уметнички дела, цитирајќи едни од најголемите светски и македонски филмски умови, паралелно прикажувајќи ја средината, состојбата и општествените прилики во кои се создавала светската наспроти македонската филмска креатива.

Книгата во која на стотина страни е отсликана македонската филмска продукција во последните триесеттина години е јасна и концизна приказна за почетоците на нашето самостојно филмување, но и стручен приказ на времето во кое живееме сега во филмска смисла на зборот, до каде сме и каде сме се упатиле, имаме ли перспектива и што е она што треба да смениме за да напредуваме, оти во уметничка смисла, иако вака и вакви мали, ние имаме што да му понудиме на филмскиот свет, но и рамноправно да му парираме на светскиот филмски џет сет. ( од рецензијата кон „Дискретниот шарм на македонскиот филм”, од Ана Кубин).

Промоцијата ќе биде проследена со музички настан.

ОкоБоли главаВицФото