1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 13:49
Книгата „Скарбо“, со сите раскази за возрасни на Јадранка Владова, ќе биде промовирана денес, 19 април (петок), со почеток во 13 часот, во Салата за состаноци на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Кон делотo на значајната македонска универзитетска професорка, писателка и критичарка Јадранка Владова (20.4.1956 – 11.12.2004) ќе се осврнат: Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска и Трајче Стамески.
Книгата „Скарбо“ ги спојува двете подзагубени збирки раскази на Јадранка Владова – „Скарбо во мојот двор“ (првично публикувана во 1986 година) и „Воден знак“ (1990), за кои со децении наназад беше полесно да се пишува, да се зборува или да се слуша отколку да се најдат во книжарниците и библиотеките. Новата публикација е дел од добропознатата и наградувана едицијата на „Арс Ламина“ – „Македонски книжевни класици“, во рамките на која се реобјавени капитални дела од најзначајните македонски книжевни великани Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ, Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Петре Бакески, Катица Ќулавкова и други. Со овој потег на „Арс Ламина“, „Скарбо“ повторно се враќа во рацете на читателите!
Јадранка Владова е родена во Скопје на 20 април 1956 година. На Филолошкиот факултет во Скопје ги предавала предметите светска литература и литература за деца. Нејзини најзначајни дела се: „Скарбо во мојот двор“, „Воден знак“, романот „Исток – Запад“ – во соавторство со Небојша Кнежевиќ, драмата „Куќа“, критичката книга „Волшебноста на зборот“ (за возрасни); „Измислување на светот“, „Мојот пријател А.“, „Девојчето со две имиња“, „Гледалото зад огледалото“, „Деца како мене“ – во соавторство со фотографот Владимир Тодоров (за деца); Учебник по македонски јазик за I година гимназија (ПЕКСНАС), Македонско-чешки речник (со група чешки соработници), Основи на демократијата за I одделение, Пристап кон лирската песна за основното образование, Читанка за петто одделение, Македонски јазик и литература за петто одделение, Македонски јазик и литература за шесто одделение и други. Почина во Скопје на 11 декември 2004 година.
По академското претставување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, издавачката куќа „Арс Ламина“ за пошироката публика ќе ја промовира книгата „Скарбо“ на Саемот на книгата, ден подоцна (20 април, сабота), кога се одбележува денот на раѓањето на Владова.