Внатрешноста на мојата кула е нацртана на прозорските стакла од студот

09.04.2024 11:10
Внатрешноста на мојата кула е нацртана на прозорските стакла од студот

 

што ми рече ти

ти ми зборуваш за невидливиот свет
за духовите што се движат по покриви
за скриените убавини
за нештата што немаат име
што не ги собира дури ни бескрајот на јазикот
јас ти велам
да го запалам ли светлото

 

твоите чудесни очи

нацртани на хартија
пред мене стојат
о боже колку се убави
како сини планински цвеќиња
што имаат магична моќ
твоите очи
сини цвеќиња
оставени тука од светиот дух
на хартија
на хартија
само на хартија

 

пластење на жолтилото

о боже како е испластено жолтилото
во оваа моја соба без излезна врата
неизбежните прозорци се жолти
фотелјите килимите ѕидовите
мојата стара машина за пишување
и нејзиниот звук
еве и сонцето што ги прелива
моите прозорци
и тоа е жолто
и моето лице
и мојата песна
и надежта
оти ќе ги видам цвеќињата
кога есента ги жолтее
планините и полињата

 

срндакот во сон

срндакот над позлатените лисја спие
го ниша него благото планинско ветерче
еве го стариот бард излегува од пената
на потокот
ја закачува лирата на неговите
величествени рогови
и помеѓу двете песни
ја создава тишината со ноти за сон
околу дабовите цветаат лалиња и сништа
срндакот ги гледа врвовите
на огромните грмушки
како му ги носи срната
цвеќиња цвеќиња цвеќиња
и планинската симфонија
му се причинуваат и зелени кањони
млади јасики росни тревки
сончевите зраци како ја истураат
вечноста по планината
а кому би ишло на памет во сонот
дека тука сосема блиску бдее ловецот

 

графика на стакло од прозорец

внатрешноста на мојата кула
е нацртана на прозорските стакла
од студот
во длабочините на зимската ноќ
извезена е
со нитки на ладно сребро
со бел отсјај
сега кога треба да се истури
грст утринска светлина
на моите прозорци
се гледаат безброј пупки
на симболи
дадаистички овошја без лисја
и без плодови
еден мал питач покриен со снег
на мостот
со смрзнат венец на ѕвезди
над главата
ја има испружено тенката рака
за милосрдие
не се гледа коса да ѕвечка студено
во воздухот
ни црната точка зад момчето
снег снег
а на рамнина паѓа и се тркала
зборот пролет
и волјата Господова


Слики: Judy Riola

Превод: Џабир Ахмети

Извор за песните: И/Dhe/And – избор на македонската млада поезија (Темплум, 2002; приредувачи: Искра Гешоска и Џабир Ахмети)

ЛИНДИТА АХМЕТИ (1973-2024) е родена во Призрен. Во Скопје се школуваше и живееше. Објави десетина стихозбирки, на албански и македонски. Песните ѝ беа објавени во низа списанија на албански и македонски јазик. Беше една од најдобрите преведувачки од албански на македонски јазик. Добитничка е на наградата „11 Октомври“ за 2022 година.

ОкоБоли главаВицФото