Објавена детската поетска книга „Збрка во трка” на Весна Мундишевска-Велјановска

04.04.2024 09:38
Објавена детската поетска книга „Збрка во трка” на Весна Мундишевска-Велјановска

Излезе од печат новата детска поетска книга на писателката Весна Мундишевска-Велјановска насловена „Збрка во трка”, во издание на издавачката куќа „Перун Артис” од Битола.

За неа писателката Милица Димитријовска Радевска ќе каже: „Во песничките видливо е сказноликото шаренило, басноликото параболично соѕвездие. Снешко, Ешко и Клукајдрвчо, чавки, страчки и мачки... хумористично се надмудруваат, низ немуштиот јазик философираат, си реплицираат, се челичат златните струни на мислата. Така детето полесно го разбира својот свет наспрема светот на возрасните или така побрзо и посигурно преминува од детството во светот на својата зрелост и полнолетство. Таа козерија од детската журналистичка школа е многу често недофатлива за забавеното реагирање на возрасните.“

Весна Мундишевска-Велјановска пишува поезија и критичко-есеистички текстови, а (ко)автор е и на шест стручни книги и три учебници, како и на стотина трудови од областа на образованието. Нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици. Застапувана е во антологии и добитник е на награди. Уредник е на списанието за култура – книжевност, драмска уметност, филм и издаваштво – „Современи дијалози ” чиј издавач е МНД, а била уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст ”, главен и одговорен уредник на списанието „Современи дијалози”, уредник и главен уредник на неколку списанија и билтени („Плима”, „Изрек”, „Грст”, „Графопрес”, „Разгледи”, „Воспитни крстопати”), како и уредник и главен уредник на четириесетина поетски книги и зборници.

Весна Мундишевска-Велјановска е родена 1973 год. во Битола. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), на Македонското научно друштво – Битола (МНД) и на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг”. Била претседател на Друштвото за литература и култура „Развиток” – Битола и на Книжевна младина на Македонија – ОК Битола, секретар на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг”, член на Уредувачкиот совет на МНД и член на телата на ДПМ. Настапувала на бројни книжевни манифестации, а неколку години ја уредувала и водела радио емисијата „Поетска квечерина” на Радио Битола. Била член на организационен и програмски одбор на литературни манифестации, како и член на комисии за доделување на национални и меѓународни награди. Амбасадор на мирот е во Cercle Universel Des Ambassadeurs De La Paix – Suisse/ France од 2016 година.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото