Држава

29.04.2014 05:14
Држава

Пред точно 26 години, во 1988 година, го полагав испитот „Основите на марксизмот“ при студиите на Факултетот за ликовни уметности. Тогаш сѐ уште така се нарекуваше тој предмет во школите за средно и високо образование. Професор ми беше Димитар Димитров. Се сеќавам дека предавањата му беа многу интересни, посебно тоа за зен-будизмот кое во тоа време многу ми значеше!

На испит одговарав за „Држава“ на Платон и добив 10, една од неколкуте десетки во мојот индекс. Таа оценка ја добив заради „големата храброст да се има став“, како што ми кажа тој тогаш. Инаку, морам да признаам, за време на студиите, бев бунтовничка без (или со) причина, (се дружев со „сомнителни“ типови од групата Зеро, уметници тогаш неприфатени од естаблишментот), бев во конфликт со професорите (за што сега се каам бидејќи не извлеков максимум од нивното знаење, а губев време во конфронтирање со нивното незнаење во кое го проектирав сопственото - што е лош пристап).

Значи, она писмо кое професорот го изнесе во јавноста пред неколку дена ми ја држи во континуитет мислата, без разлика на овие случки со изборите завчера, односно паралелно со нив. Мислата ми беше дека тоа писмо е пример за тоа како треба да се сруши лажниот, надуен углед на личностите на квази интелектуалците. Вистински пример за една фина, многу елегантно изведена демистификација на самобендисаното его на овие личности, и тоа во три потези. Јас се воодушевувам на храброста и доблеста да се каже баш вистинското нешто во вистинскиот момент!

Во многу говори изминатите денови се повторуваше зборот храброст. Денес премногу се експлоатира тој збор (како и многу други зборови) и затоа ништо повеќе не ми значи (така празно изговорен). Како и многу други зборови што повеќе немаат значење во Македонија, бидејќи напразно се изговараат.

Демагогијата е деградација на јазикот. Деградација на јазикот значи деградација на човекот. Дали после таа огромна количина напразно изговорени зборови, за време на изборните кампањи и завчера, зборовите држава, демократија, слобода, право, разбирање, единство, народ, напредок итн. сѐ уште нешто вистински значат? И удавени во оваа пропаганда - невидена на планетава - ќе најдеме ли смисла и понатаму да ги ползуваме? Оваа демагогија која владее со Македонија ја уништува во поим, во корен, смислата на зборовите.

Храброст според мене е да се соочиме со нашата болна вистина и да дејствуваме според моралните принципи и диктатот на здравиот разум, според етичките, но и естетските закони кои се втемелени во западната цивилизација од филозофи како Сократ, Аристотел, Платон, Питагора...

Големиот мит кој се создаваше во минатите години во Македонија е срушен, дефинитивно. Во три потези. Да бидеме трпеливи тоа да се реализира и во нашата реалност.

Да се гради држава е големо уметничко дело и дело на голема умешност во кое учествуваат сите креативни луѓе во еден заеднички социум – општество.

Затоа (и бидејќи „имам храброст да имам став“) ги демантирам сите интелектуалци кои се плашат дека „ние сме народ без смисла за државотворност“, бидејќи знам дека секој со својата стручност, професионалност и креативност најдобро придонесува за државотворноста. Ако барем манифестираа и уште малку храброст да имаат став во јавноста, ќе имавме друга слика во Македонија! A не ваков невиден триумф на ирационалните сили и фијаско на разумот!

Дали нешто вистински тлее во Македонија (така се изрази режисерот Александар Поповски во едно интервју)? И дали тоа тлеење набргу ќе се покаже како бран на позитивна енергија? Или тоа нешто што тлее сака што побргу да спрашти во некоја друга земја која веќе одамна ја планирало за цел во остатокот од својот живот? Тоа прашање јас си го поставувам сега. А што си замислува тој што мисли така да спрашти? Дека таму, во таа друга земја, веднаш ќе стане граѓанин од прв ред? Или, сè е подобро, па макар и да се биде граѓанин од втор ред во друга земја, само да не се дава отпор во сопствената? Да се конфронтира со некого е премногу голем напор за него? Мислам, тој кукавичлук и недавање отпор, непокажување минимални знаци на живот, непокажување борбеност кога навистина е потребна, таа апатија најмногу ме нервира и токму тоа е причината што има многу неопределени гласачи.

Сите ја критикуваат опозицијата како таа да треба да ги решава сите наши проблеми. Сите ги проектираме нашите слабости, нашата немоќ да се избориме за друга опција, нашиот личен неуспех во опозицијата. Зошто сите тие критички настроени елементи не се консолидираат и не формираат друга опозициска партија или некаков политички сојуз или не знам како да го наречам тоа, кој ќе ги опфати другите неопределени луѓе за сите тие да бидат нов бран позитивна енергија? Бидејќи главната опозициска партија веќе нема сили и идеи! Ние упорно бараме, бараме, бараме од неа да се спротивстави на ова зло.

Таа наша интелигенција која не гледа подалеку од својот нос, која потполно е повлечена во некоја дупка во својот удобен дом и знае само да критикува, но не и да преземе конкретна акција за конкретна промена и која чека прва прилика да избега од овде, што е таа интелигенција? Има ли достоинство, интегритет, некаква форма на човечност или е амеба без форма? Има ли патриотско чувство? Да не ѝ се случува феноменот на замрачување на свеста? Упадна во црна дупка?

Па нема белким Џабир, Најчевска, Сарачини, Хаџиќ и Уранија и уште неколку други активисти, новинари и политички аналитичари да ги оставиме сами да бидат на фронтот на отпорот, а ние другите да си гледаме сеир, да си следиме пренос за случките на ТВ? Што е сега? Не е ова фудбалски натпревар или телевизиска серија, туку реалност, нашата татковина и нашата држава се во прашање!

Ред и хармонија, секој ја работи својата работа за која е најспособен, најстручен и најкомпетентен, владеат најспособните... ВЛАДЕАТ НАЈСПОСОБНИТЕ – слика за нормална, ајде да не речам идеална држава. За тоа треба да се избориме!

Бидејќи, да се гради држава, а уште повеќе да се управува со неа, е сериозна и одговорна работа.

Да се гради држава и да се управува со една држава е комплексна работа, сигурно се согласува со мене и професорот Димитров.

За да се гради држава треба многу љубов, но уште повеќе разум.

Можеби потезите кои се направија во минатите години во Македонија и кои кулминираа завчера, меѓу другото се резултат и на големата криза - немањето концепт во Западната цивилизација (која во меѓувреме стана глобална) изминатите триесетина години, отприлика во периодот од мојот испит на тема држава до сега?

Концептот на немање концепција, но и „слободата“ во еклектицистичкото колажирање со разни концепции во еден тотален метеж на помешани методологии и компетенции, денес, ќе се сложи мојот професор, создава голем хаос во главите на некои луѓе опиени со идејата дека баш тие имаат историска задача и улога да „направат дело“, да го „спасат“ овој народ, да го изградат „идентитетот“, да „зачнат“ нова држава, парадоксално, во корените на „старата“ (старо-ново, многу помешано и замачкано). Се сечат сите „стари“ дрва во Скопје и се садат „нови“, симболично - несвесно да се означи почетокот на „вистинската“ историја на Македонија, додуша со мал прекин од 2.500 години.

Го поздравувам мојот професор Димитар Димитров и му посакувам да објави уште многу вакви „семинарски вежби“, токму во „Утрински весник“! Ваква елементарна доза на знаење за тоа што значи наука, што значи метод во науката, поука каков пристап треба да има обичниот граѓанин кон политиката и која е ползата од политички образованиот граѓанин многу ќе му значи на овој народ ако ја добива еднаш неделно или барем еднаш месечно.

Значи, следната „семинарска работа“ ќе биде на тема како се манипулира со наивниот и неук Македонец во градењето на грандиозниот македонски современ мит „држава на древни корени“ и како Македонецот многу милува да има голем водач кој ќе го заштити и води во времето кога „цел свет е зол, не го разбира, и е негов непријател“, колку што сфатив?

После неа друга „семинарска вежба“ претпоставувам дека ќе следи на тема како да се допре до сржта на злото, до сржта на тоталитарниот систем и да се демистифицира, кои фактори го формираат и како се камуфлира тој систем за да изгледа преубаво во очите на народот, и каква мимикрија тој поприма за да го залаже народот, односно кои механизми ги користи да го освои и потоа да управува со него, низ каква идеологија се спроведува и зошто во одредени социјално-економски-психолошки услови, во одредено време и простор одлично функционира, сето тоа низ компарација со слични појави низ историјата?

Трета „семинарска вежба“ која би ја сугерирала би била баш на тема држава. Што е држава по дефиниција, на што се темели, какви институции треба да има за да биде држава во вистинска смисла на зборот...

Да се гради држава не е едноставна работа.

Сите ние треба добро да се помачиме ако сакаме да го најдеме најдобриот модел за нас, во ова време во кое многу модели испаднаа недоволно добри, во ова време на владеење на политикантите и политикантството, а не на политиката со јасно поставени принципи и јасна идеологија. (Прочитајте го писмото „Силата на идеите“ во „Слободен печат“ од Трајче Грујовски кого веќе „го гази“ 93-та. Да ни поживее уште многу години!)

Темелот на нашата држава е во идејата за мирољубива политика и почитување на другиот, во идејата за ненасилството и солидарноста, во идејата за конструкција и здружување наспроти деструкцијата и разединувањето. Многу е јасно, чисто и едноставно. Нема потреба од сложени идеи – слогани со скриени значења кои нè замајуваат и дислоцираат од сегашноста во некои митски времиња итн.

Да се гради држава не е лесна работа. Треба да се вложи огромен напор, и постојано одново тој напор да се освежува со нови сили.

Да се гради држава, значи, според моите скромни сфаќања, пред сè да се вложува најмногу во квалитетното образование и во културата и во науката, нели? ОБРАЗОВАНИЕ, КУЛТУРА, НАУКА.

Никогаш не е доцна да се промени насоката на движење, ако се има добра волја и ако грешките, па дури и најтешкиот пораз, не се сфатат како катастрофа и трагедија туку како лекција за памет понатаму. Колку побргу ја учиме лекцијата, толку побргу ќе положиме на испитот и ќе се извлечеме од нашата голема несреќа, се разбира, со помош и благодарение на вакви семинарски вежби од областа на историјата но и од областа на другите општествени, па и природни науки, кои треба да ги посетуваме ние, обичните граѓани со полет во себе, така оформувајќи став за светот и за себе и така стекнувајќи широка култура, ние, обичните граѓани кои сакаме нашата земја да ја направиме убаво место за живеење.

Му посакувам долг живот и добро здравје на професорот Димитров и уште многу успешна работа во процесот на втемелувањето на историографијата како автентична наука во Македонија заедно со други наши научници историчар(к)и како на пример Ирена Стефоска (од мојата генерација) - скапоцен придонес во градењето на нашата држава.

Ние граѓаните на Македонија конечно сме желни да го слушнеме гласот на разумот и науката во ова време на големо безумие!

Цртежи: Татјана Миљовска, 1998 година

ОкоБоли главаВицФото