1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Македонците ги фрлаат, по кој знае кој пат, лажливите коцки на судбината во играта на своите животи надевајќи се дека овој пат ќе имаат среќа. Едни смело се обложуваат и ако знаат дека играта е наместена, дека сè е однапред решено, дека натпреварот е продаден, дека нивниот борец ќе падне во втората рунда, дека судиите ќе ја свртат главата, дека никој ништо нема да види од блесокот на блицевите во општата врева... Други, пак, играат на сигурно, го стават малиот жетон на својата надеж на црвеното поле и сметаат однапред на идната добивка. Тие знаат дека кога рулетот ќе запре и ако казиното секогаш добива, сепак, и за нив ќе остане нешто ситно.
Сите останати, како маалски пацери, гледаат како други се коцкаат со нивната судбина. Тие се плашат да влезат во казиното и да заиграат, ѕиркаат низ отворените врати претпазливо за де не ги забележи никој, се прават дека не ги интересира ништо и дека не знаат дека таму се игра со нивни пари на нивна сметка. Ова тивко мнозинство не го возбудува вревата во казиното, расправијата меѓу играчите, истрелите во ноќта, тепачката со столчиња и шишиња, курвите што меѓу себе си ја кубат косата, скршените огледала... Не им е грижа. Тие спокојно си го пасат добитокот, ги хранат кокошките, садат краставици, гледаат како расте тревата, јадат, седат во нужник напињајќи се да ги испразнат цревата, седат на клупа во паркот, седат во кладилница, седат во канцеларија, се проѕеваат, лапаат муви, гледаат како расте фикусот, гледаат како растат децата, седат со „сапуница“ во очите пред телевизиските екрани, навиваат за нивниот тим, гледаат вести на националната телевизија, читаат наслови со големи букви во весниците, спијат, понекогаш водат љубов со своите уморни жени, наутро ги буди будилник секогаш во исто време, слушаат радио, весели напеви од родниот крај, прогноза за времето, сонцето одново ќе изгрее... На работа одат со автобус или на велосипед, автомобилите ги користат само во свечени прилики или кога врне дожд, внимателно возат, пијат ракија само со мезе и пиво во зелено шише, понекогаш знаат и да се напијат малку повеќе, да се развеселат претпазливо... Може малку да ги налути неправдата, можат да ги растревожат цените на пазарот, поскапувањето и беспарицата, но бргу ја наведнуваат главата и кротко продолжуваат покрај излозите на продавниците полни со сјајни скапи нешта. Тешко им е само кога нивниот тим губи. Кога сè ќе им се собере и гомната ќе им дојдат преку глава, можат и да кренат секира на својата жена што по цел ден гледа турски серии и само нешто баботи или да ги натепаат децата, но никогаш нема да излезат на улица да се побунат, да се спротивстават, да кренат глас против неправдата или да ви кажат што навистина мислат и нема трошка волја во нив за да направат нешто со своите посрани животи. Може слободно светот да пропадне, месечината да падне на земјата, вонземјани да ги грабнат и да ги силуваат, разбојници да ги ограбат до гола кожа, да паѓаат од небото жаби, крдо бели слонови да прошета по улиците и розови фламинга да слетаат на нивните глави.
Македонците излегуваат на лажни избори со лажен гласачки список и лажни гласачки ливчиња како лажни граѓани на една лажна држава. Излегуваат на избори, уште еднаш, кој знае по кој пат, опчинети од политичката магија на изборната измама, шашардисани од лажливиот сјај на привидот, од огнометот, од разнобојните балони и од светкавите конфети, од ветувањата на политичарите за кои знаат дека нема да бидат никогаш остварени, од евтината изборна понуда за глупаци и малоумници, од бесмислиците и бладањата на говорниците, од патриотските песни на платените пеачи, од пиштењето на звучниците, од блесокот на рефлекторите, од виорењето на знамињата...
Македонците одново играат на среќа во игра каде нема и не може да има среќа. Одново ги вложуваат своите пари и имоти на коцкарскиот стол во коцкарницата над која трепери црвениот неонски натпис Македонија со надеж дека овојпат ќе ја „разбијат банката“, дека господарите на играта овојпат нема да внимаваат, дека нивниот борец ќе победи, дека јазичето од тркалото на среќата ќе запре на нивниот број, дека коцката ќе се преврти во последен миг, дека еднаш и тие ќе добијат добри карти, дека ќе се случи чудо… Но, мечот е наместен, картите се обележани, коцките се стокмени, а рулетот е наштиман и секогаш покажува еднаков број.
Македонците дуваат во коцките, прават магии, се преместуваат од нога на нога, држат палци, пијат баена водичка, ги бакнуваат амајлиите, ги галат зајачките нозе, не ја перат среќната кошула, се молат, го запираат здивот и подрипнуваат возбудени од помислата на добивката ако падне нивниот број. Тие прават пресметки за сигурни комбинации, планираат што да прават со добивката, каде и на кој стол да вложат одново, која игра да заиграат. Уште оваа игра не завршила и зората е далеку, а тие веќе мислат колку кредит да подигнат, каков заем што немаат намера да го вратат да земат, кому да се јават прво по изборите и да побараат мала услуга, што ќе прават првиот ден на работа што ќе ја добијат за да не мора да работат ништо се додека нивните се на власт... Замислуваат во која нова канцеларија да се вселат, во кој управен одбор да се бутнат, во која државна комисија има повеќе пари, кое директорско место да грабнат, каква фотеља, каков автомобил, каков костум да си купат со државни пари и го вратат тркалото на среќата, фрлаат карти на столот, врескаат од среќа или страв кога рулетот се колеба каде да запре, ја влечат возбудени рачката од блескавиот автомат полн со парички, се обложуваат, гребат грепки, заокружуваат бројки… и секогаш губат. Одново и одново ги ограбуваат, одново и одново ги мамат гледајќи ги во очи, одново и одново прават будали од нив, а тие се среќни. Видете им ги само глупавите насмевки на лицата.
Македонците им ракоплескаат на измамниците, ги поздравуваат со извици на одобрување, се разлева како бран преку толпата победоносен крик кога на силно осветлената бина се појавуваат газдите на казиното кои лажно се претставуваат како политичари во своите скапи костуми, со своите златни часовници, лакирани чевли, вештачки заби и вештачки насмевки. Тие безобразно лажат и говорат будалаштини во кои никој не верува и било кој од толпата да ги сретне надвор од кругот светлина од рефлекторот на бината, без нивните скапи костуми, златни часовници, телохранители и курви би ги препознал како разбојници, измамници и крадци. Излегуваат сега тие на отворената бина и ветуваат чуда, ломотат неверојатни глупости и со неверојатна леснотија лажат не чувствувајќи потреба дури ни да смислат некоја озбилна измама. Тие ја мамат избезумената толпа, а тие во толпата, и ако знаат дека ги мамат, мавтаат со знаменца, паѓаат во занес, врескаат, плачат, пеат, пијат, кршат шишиња од сопствената глава... Сите скандираат, ги развеале знамињата, ги соблекле кошулите со кои мавтаат качени врз нечии плеќи со црвено-жолти лица обоени во националните бои и сите заедно со отворена уста ја лапаат пената од шишето со шампањ што прска меѓу нозете на политичарите од бината каде се слави уште една историска победа.
Збрлавени од безброј пати повторените политички пропагандни пораки, од треперењето на телевизиските екрани, од политичката топ-шоп понудата на продавачите на ветер и на магла, од ритмичкото повторување на едни исти бесмислени зборови, од сето тоа политичко баење, хипнотизирани од тапиот поглед и очите на претседателот кои ги гледаат каде и да погледнат, тие гледаат патишта и фабрики што не постојат, работни места и странски инвестиции што ги нема, пруги и мостови од иднината, неверојатни градби на небото и величествени споменици на облаците... Зинале како на панаѓур, им се лепи по лицето розовата „шеќерна волна“ на слатките ветувања, се тресат звучниците од лагите на говорниците и веќе им се врти во празната глави од сите тие неверојатни бројки и астрономски величини: 2.100 остварени ветувања, 2.047 нови проекти, 725.000.000 евра субвенции за земјоделците, 200.000 компјутери, 119.186 создадени работни места, 100.000 нови работни места, 751.124 километри обновени патишта, 100 километри нови патишта...
Наместо да ги пребијат измамниците, да ги соблечат голи и така, намачкани со катран и накитени со перја, да ги избркаат од градот, од земјава, од своите животи... наместо да ја урнат оваа куќа на измамата, оваа балканска крчма каде се пее и се пука, оваа јавна куќа со евтини курви и оваа коцкарница каде ги ограбуваат до гола кожа, тие повеќе сакаат да се тепаат со оние кои им говорат дека се ограбени, вадат ножеви и пиштоли на оние кои се обидуваат да ги превртат коцкарските столови во казиното затоа што биле измамени, им вртат грб на оние кои се обидуваат да ги предупредат и ги туркаат настрана разумните како што се турка здодевна сопруга што ги донеле децата во јавна куќа и му се обесила околу вратот на работник кој пијан ја троши тешко заработената плата на комар и на курви...
Врвно лицемерие е на народ неспособен да направи избор и да препознае вредност да му велите во лице: „Направи избор, направи разлика!“ Постои тука огромно перверзно уживање во измамата, уживање на изманикот кој ве гледа во очи и ве лаже, уживање во играта на моќта. Народот ја прифаќа играта на моќта (заборавете дека само дел од народот учествува, зашто и тие кои мислат дека не учествуваат, всушност, се дел од играта) како што мазохист сака да биде измачуван од садист; како што силуваниот може да го обожува силувачот; како што жена која мажот ја пребива, а потоа плаче на колена пред неа, упорно одбива да го напушти...
Како што се црпи задоволство од доминантната позиција на моќ, така жртвата црпи задоволство од понижувањето. Кој е тука господар (доминус), а кој слуга (министер), кој владее со кого? Чувството на лична немоќ и беспомошност се компензира со стекнување моќ и контрола над другите. Народот и моќниците се потребни еден на друг. Сомелен во државната машинерија и сведен на безлична толпа, народот се препознава себе во доминантната фигура на моќникот. На моќниците им е потребен народот за да се чувствуваат моќни, а народот во моќниците одново го наоѓа својот загубен субјект (мазохистот сам ја организира својата претстава и ги одредува улогите). Трансферот е олеснет ако моќниците се однатре празни, ако се само шупливи фигури. Погледнете ја само толпата што вреска пред бината каде стојат тие насмеани, потстрижани, исончани, добро облечени политичари како млади самобендисани богови: секој од толпата мисли дека може да се најде таму под рефлекторите, а секој од моќниците се гледа себе зголемен во очите на толпата. И едните и другите се во потрага по симболична врска затоа што немаат „во себе свое средиште“ (Фром). И ако изгледа дека моќниците се слободни од својата жртва, жртвата им е неопходна за да постојат како што тие и’ се потребни на жртвата. Овде никој не е невин. Оваа перверзна игра меѓу народот и моќниците постои само зашто и двете страни се согласуваат да ја играат играта на моќта. А тоа е и причина за постоење на коцкарница или јавна куќа.
Изградивме коцкарница во пустињата на нашите животи. Нашата држава не е ништо друго туку коцкарница, јавна куќа или saloon сред пустиња. Секаде наоколу се трошни куќички, сиви бетонски станбени блокови, напуштени фабрички хали, плевел по дворовите, празни полиња, правливи патишта, сиромаштија, купишта смет, индустриски отпад, гомна, кал, пустелија, а сред таа пустелија коцкарница - блеска раскошна во лажливиот сјај на позлатата, огледалата, кристалните лустери, црвеното кадифе, златноврамените слики, златните ефеби, капките вода од фонтаните...
Нашиот намачен народ тука може оправдано да се надева на заборав, забава и добивка без труд. Ако има малку среќа, може да добие нешто и ако не вложил речиси ништо и може сето тоа да го потроши тука опивајќи се среќен со глупава насмевка на лицето во прегратката на некоја цицлеста курва. Тука може да заборави на ужасот околу него, на стварноста поради која секогаш има неодолива желба да се начука до бесвест, на шефот што стално му се дере, на својата дебела жена во скинати чорапи и папилокни на главата што лупи компири дома, на расплаканите децата кои бараат нови блузички и патики, деца кои во училиште повеќе време минуваат во училишниот нужник одколку во училница, кои се опиваат на клупите пред тажните згради со мрачни прозорци, кои се дрогираат по валканите подруми, кои се ебат на задните седишта на нечии луксузни лимузини, кои се продаваат за малку пари, добар збор, добри оцени, дипломи, работни места што никогаш нема да ги добијат, иднина што никогаш нема да ја имаат... Има и што да заборави тој наш народ.
Како и сите неуки говедари, овчари, ратари, рудари, фабрички работници, градежни работници, сезонски работници, работници на црно, возачи на камиони, копачи на канали, улични препродавачи, улични чистачи, чистачи на чевли, чистачи на нужници, продавачи на зеленчук, корисници на боросанки со проширени вени, службеници, наставници, културни работници, касиерки, келнери, корисници на мали пензии и бесплатен автобуски превоз, мијачи на садови, приучени мајстори, горди сопственици на улични ваги за мерење на тежината, корисници на социјална помош, собирачи на отпад, бездомници и останати клетници без наследен имот, без добро платена работа, без луксузни станови во центарот на градот, вили на Водно, скапи џипови, сјајни лимузини на чии задни седишта им ги „растураат“ децата, банкарски сметки на Кајманските острови, дивиденди, ренти и други дополнителни приходи, нашиот мал човек кој работи од утро до вечер за да го прехрани семејството, сонува со отворени очи за лажната раскош на казиното, за можноста од лесна добивка, за голите танчерки на бината, за...
Земјата ви е пустош, по празните полиња дува ветер и ги тркала тркалајките како во каубојски филм, а, ете, некој се досетил да изгради насред таа пустиња КОЦКАРНИЦА. Тоа е Лас Вегас во пустињата Невада, пустињска фатаморгана, казино „Ројал“, каубојски saloon на крајот од светот, црвен фенер на крајот од мрачната улица или јавна куќа со осветлени прозорци во ноќта од каде се слуша весела музика. Уморни од тешка и бесмислена работа, слабо платени, валкани од шталско ѓубре и машинско масло, намачени, ненаспани, накурчени, насилни, неуки, неписмени, прости и преплашени, Македонците посакуваат фатаморгана, остварена фантазија, мираж, раскошно прибежиште од невољите на животот, од пискотниците на жената и на децата кои од ништо не се задоволни, од безработицата и беспарицата што полека ги убива како неизлечива болест... и одеднаш пред нив се појавува како привидение СКОПЈЕ 2014. Пред нив е сета таа лажна раскош, сиот тој лажлив сјај, сиот тој треперлив гламур и кич, сите тие евтини украси, релјефи, слики, статуи, фонтани... Може сега тој наш намачен народ со гордост да кажете: КОЦКАРНИЦАТА ПРЕД СÈ!
Добродојдовте во капитализмот! Оваа држава е коцкарница во рацете на разбојници, револвераши, улични измамници, подводаџии, џебџии, комарџии, патувачки продавачи на „водичка што сè може да лечи“... кои ги ограбуваат глупавине и тврдоглави каубои, одгледувачи на добиток, ратари, рудари, работници, занаетчии и дуќанџии кои дури и кога ќе се освестат во некој уличен контејнер за смет исфрлени од казиното, сè што посакуваат е да се вратат во силно осветлената раскошна лажна палата од нивните соништа.
Ова е казино што располага со 20 милијарди евра во последните осум години од кои поголемиот дел се потрошени за забава на народот, коцарница од која меѓу 2001 и 2011 година се префрлени 4,7 милијарди евра на приватни сметки во Швајцарија, Белизе, Кипар или Далавер, коцкарница со јавен долг од… Заборавете. Ова е математика за морони. Овде и онака никому не е грижа. Дури и кога ќе фатат некого во кражба овде никој поради тоа не се возбудува премногу. Впрочем, во казино влегувате за да загубите (сè што ќе добиете одново да го прокоцкате). Тука не е важно остварување на добивката, туку остварување на фантазијата. Ова е „куќа на илузиите“, а не „куќа на разумот“.
Да беше ова држава, а не казино, и ние да бевме диво афричко племе од голи црнци со коски во нос што ги излажале дека имаат држава, ќе излезевме да ја браниме државата и да се буниме со копја во рацете на улица кога државата ја ограбуваат. Но, ние знаеме дека ова не е вистинска држава. Ова е казино. Оттаму ние весело играме на среќа или како последни пацери чекаме да испадне некоја пара од вреќите на крадците во овој грабеж на столетието и се грабаме за парите што тие ги покрале од нас и сега ги имаат толку многу што ги фрлаат од бината како летки. Секој може да дофати некоја пара, ако има среќа. Тоа е магијата на казиното.
Значи, додека поголемиот дел од нашив народ си ги троши парите или се задолжува, добивка имаат само газдите на казиното (државата). Но, кога играте на среќа, тогаш немате право да се лутите ако губите. Никој не може да ве натера на сила во казино. А во казино се добредојдени сите зашто и најмалата пара ја полни касата на газдите. Има тука место за секого кој сака да си ја проба среќата. Не мора да сте голем играч. Можете и како идиот да влечете рачка на некој автомат. Сè додека постои казиното постои и можност за добивка. Политичката опозиција е само друга банда што сака да го преземе местото на газдите. Дури и кога би биле почесни и подобро би го воделе казиното (државата), не би се променило ништо. Затоа никој нема да ја поддржи бандата што се бори за власт освен самите членови на бандата и тие што се надеваат на лична добивка кога ќе се смени управата. Инаку, кому е грижа која банда управува со казиното?
Тие што управуваат со казиното не мора нужно да ја местат играта. Дури и ако нема грубо местење и насилство (а има), секогаш конечната пресметка е против вас. Сè додека ја прифаќате логиката на казиното со матемачика сигурност, покрај привидот на добивка, на крајот губите. Казиното никогаш не може да загуби дури и кога навидум губи. Сите сопственици на „куќа на илузии“ знаат дека кога би губеле сите во казиното, набргу би морале да го затворат. Затоа тие дозолуваат ситни добивки. Одвреме навреме ќе чуете дека некој добил нешто, некој добил државна нарачка, кредит, тендер, некој добил работа, некој си го вработил детето, некому среќата се насмеала... Колку повеќе добивате, толку повеќе губите, а колку повеќе губите, толку повеќе заглавувате. Дури и кога тркалото на среќата ќе престане да се врти и вие нема да го добиете тоа на што се надевате, магијата нема да ја снема, зашто секогаш, додека постои казиното, ќе има можност за уште една „рака“, уште еден обид, уште една можност за добивка...
Овој наш неук и алчен народ не е во состојба, ниту сака, да ја препознае лагата и глупоста, ниту, пак, може да ја почувствува монструозната метастаза на власта во својата сопствена глава - од што полудува, сè повеќе ослепува и пропаѓа. Стомакот му се залепил за свитканиот рбет, под кожата коските му се гледаат, а тој наш намачен работен народ ја накривил каубојската шапка и се фатил како будала за опаш на коњ за она малку надеж со која измамнициве го мамат и јури кон казиното. Не се предава нашиов јуначки народ, уште лиги му течат кога ќе помисли на добивка без труд, уште мижурка маѓепсан од волшебните светла на автоматите за игри на среќа, од вртењето на рулетот, од разнобојните светилки, од лажните пари што ќе паѓаат од неонското небо на ветениот вештачки рај... Истиот тој наш горд народ кој клечеше пред иконите на светци и им ги бакнуваше рацете на свештениците кога државата беше црква, кој мавташе со црвени знаменца поздравувајќи ги воодушевено комунистичките водачи кога државата беше фабрика, сега јури, се тетерави, паѓа и ползи на пат кон својата светла иднина, кон блескаво осветлената КОЦКАРНИЦА НА КРАЈОТ ОД ИСТОРИЈАТА.
Така ќе биде сè додека има струја. А кога ќе снема струја и ќе падне мрак...
Слики: Robert Williams