Замрзнат јазик

23.04.2014 02:48
Замрзнат јазик

Кампањата на власта, како и целокупното нејзино владеење, ги карактеризира отсуство на дијалошкиот јазик како таков. До скоро власта го користеше јазикот исклучиво едносмерно, монолошки, за пропаганда, како средство за ширење на сопствената идеологија. Меѓутоа од скоро оваа инструментална функција - која е сѐ уште делотворна на маргините на системот - го препушти местото на една поинаква функција на надзор (преку јазикот). Сега јазикот е префрлен во сферата на спектакл или настан и e претворен во празно верглање. На пример, „идентитетот не го даваме“ (испразнето од вистинска смисла и прашања: кој ни го негира, кому не го даваме, кој го дава, како да се справиме со негирањата и слично); или „Уставот не го даваме“, „Македонија да успее“ (а во што да успее, како да успее)... Тоа се се празни места во кои веќе никој не гледа, но се повторуваат и како гробни плочи го поклопуваат платото на јазикот.

Во оваа смисла посуштинско од функцијата на пропагандата (која се однесува на јазикот како средство свртено кон целта) е заробувањето и неутрализацијата на јазикот. Јазикот на власта - и во оваа кампања тоа е случај - не кажува веќе ништо, не комуницира, како ниедна нова порака да не е можна, никакво друго искуство на зборовите како веќе да не е можно. Tоа верглање веќе не може да одржи ничиј фокус, па останува само да ловиме гафови (иронично, само таму јазикот добива привид на смисла - повикува на ловење граматички и фактографски грешки).

Овој неговор може да пројде само како дел од настан. Тој, имено, бара митинзи, огномети, спектакуларни собири со присуство на што е можно поголем број луѓе кои треба да означат некакво славење на заедништвото во организирани и институционализирани рамки. Во оваа смисла власта е фактички принудена на големи митинзи наместо, на пример, на блиски средби со граѓаните.

Ваквиот развој на политичкиот говор води во убиство на јавноста, na res-publiса, на вистинското политичко. Тој кај нас е карактеристичен и за нормалните, неизборните периоди. Наместо вообичаени интервјуа, одговарања на прашања, положувања одговорност на најразлични нивоа, ние имаме настани – спектаклот на Отчетот, отворањето објекти, фрлањето лопати на каментемелници, прес-конференции со постројувања на цела влада или партија. Сѐ е претворено во замрзната и инструментална слика на моќта (на фиксираните хиерархии), а вистинската политичка комуникација и одговорност не постојат.

Дополнително, говорот на Претседателот, кој беше предмет на многу јавни дебати и пишувања (Н. Гелевски, М. Грчев) во поголемиот дел е истиот тој замрзнат јазик, верглање во празно, неговор. Онаму, пак, каде што тој претендира да добие смисла - да е топол, грижлив за нашето достоинство, заедништво, опстанок... - таму ја испраќа најстрашната порака. На пример, основниот слоган - „Државата пред сѐ“ , тоа говорење за правата и достоинството не на македонските граѓани, туку на нацијата, исклучиво на едно колективно тело, е сосема поинаква визија за човековата судбина во заедницата од онаа на либералната демократска традиција (и нејзиниот култ на правото, правдата, слободата, солидарноста и моралот заснован на Разумот). Тоа е од арсеналот на колективистичките апели на секој популизам и диктатура - кон народот, додека индивидуалните права се под репресија. Додека се воспева народот, се гази граѓанинот.

Ваквото видување беше карактеристично и за претходните избори и кампањи, но до сега, макар и неискрено, тоа сепак се затскриваше под официјалниот дискурс на западната демократија (универзални човекови права, демократско цивилно општество и слободен пазар). Сега веќе јасно и без нелагодност овој дискурс се напушта. „Државата пред поединецот“, а не на пример, државата на поединецот, или на сите поединци како заедница на солидарност и слобода.

Ваквите слогани се во согласност со она што на терен веќе подолго време се спроведува: државата се трансформира од правно-политички ентитет во некаква природна, органска заедница која е место на средба и размена на афективна блискост и потпора на етнички сличните. Преродбата, слично на секоја авторитарна традиција, цели кон формирање на едно тотално тело на политичката заедница, што на прво место значи поништување на структурата на државата за наводното добро на народот. И ова не е само престројување на општествениот поредок, туку и наше ментално престројување, кое ни дава еден пореметен идентитет. Па така, автентичноста сега подразбира лојалност, а не креативност. Да си верен на себе, според власта, значи да си верен на татковината, всушност на партијата.

Проектот на еманципаторска, одговорна политика во оваа смисла е секогаш потежок и тешко е да се спротистави на етничката мобилизација на страв и манипулација во ситуација на перманетна криза на општеството. Но тоа е неопходна политика за нашата слобода и развој.

Повторно, демократијата е заедница во која не само што е можно, туку е и императив да се биде личност. Она што не смее да се изуми е дека другата страна на ова навидум благородно (патриотско) повикување на сложно и цврсто поврзано општество е жигосувањето на секое издвојување на единката. И оваа власт е цврсто решена да ја уништи интеркомуникативноста на индивидуализираните интелигенции. Преродбата и имагинацијата се некомпатибилни.

Точно е дека на општеството му е потребно единство, поточно хармонија. Но таа посакувана хармонија не може да гази, да оди преку индивидуалноста или личната автономија на поединецот. Напротив, токму поривот за хармонија во прв ред треба да ги овозможи и заштити индивидуалноста и автономијата. Власта го наметнува единството баш онаму каде што е потребен несклад или натпревар помеѓу компетитивни вистини, ставови околу судирите помеѓу различните вредности инхерентни на секое општество. А од друга страна, пак, власта прави целосен неред на ниво на секојдневен живот. И ништо во едно општество не е пострашно од ваквата злоупотреба на човековата желба за хармонија. Едноумие и хармонија не е исто. Исто како што и агресијата која е пуштена да лебди во општеството не може да се поистовети со слободата на граѓаните.

Затоа денес предизвикот е да се отвори можноста одново да се употребува јазикот кој сега е заробен од власта. Неговото ослободување и повторното ставање во употреба е политичка задача на оној кој ќе дојде на власт. Toa e сериозна политичка програма на вистинска реформа.

Погрешно е да очекуваме дека тоа ќе се случи кога актуелната власт ќе се одважи да учествува на дебати и соочувања. И погрешно е тука да го лоцираме главниот проблем. Што би добиле кога ќе споите човек кој верува во јазикот (во расудувањето) и човек кој е неприемчив за причини и искуство, кој од почетокот решил на зборовите и причините да им ја намалува вредноста? Во таков случај должноста на човекот што верува во расудувањето е сериозно да се служи со зборовите бидејќи тој верува во разумот, во повисоката причина. Но, оној другиот, неговиот противник, однапред се поставил на друг терен, со него воопшто не може да се комуницира. Во оваа смисла дури е контрапродуктивно овој замрзнат јазик (неговорот) на претставниците на власта упорно да се вметнува во некаква дебата, за божем да имаме наводна рамнотежа на ставови. На тој начин неговорот се легимира како говор. Она што е потребно е овој неговор да биде поклопен со говор, а затоа не се доволни фејсбук статусите на политичарите или прес-конференциите и соопштенијата, реакциите и контрареакциите до јавноста. Тие упаѓаат во истата матрица на замрзнат јазик во кој удобно се чуствува пред сѐ Преродбата. Потребно е повторно да почне да се говори, да се објаснува, но на една нова платформа на реалноста, каде што стварно владеат каузалитетите и каде што расправата има смисла, води кон претресување на работите, кон подобри решенија, а не кон замрзнати и ирационални односи на моќ. Само на тој начин можеме да излеземе од ова ментално пелтечење и од духовно-културниот регрес во кој сме заплеткани.

Слики: Cesar Santos