Вистинскиот губитник

30.04.2014 09:00
Вистинскиот губитник

Македонија пред изборите немаше ништо, ама по нив може да изгуби сѐ. Таа, како држава, е најголемиот губитник по вчерашното гласање за претседател и за пратеници. Се разбира, ако во изборите се гледаше можност, некаква шанса не да се спаси, туку да го навести излезот од ќорсокакот во кој е заглавена. Сега шансата е прокоцкана: власта направи сѐ што е во нејзина моќ да ја натера најголемата опозициска партија, СДСМ, да не ги признае резултатите од гласањето.

Точно е дека и немаше што многу да се изгуби. Земјата одамна ги изгуби сите, дури и најсимболичните белези на демократијата. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ целосно се поистовети со државата, укината е поделбата на законодавна, извршна и судска власт (сето тоa е обединето, ставено под контрола на владата, односно на премиерот), медиумите се претворени во гласила на власта, вклучувајќи го и јавниот сервис, државата стана најголем инвеститор, работодавец и бизнис-фактор, а земјата со години е во врвот на листите најсиромашни и најкорумпирани во светот.

Сепак, тешко е и да се каже дека не може да биде полошо. Може, и ќе биде. Ако победникот, заслепен од можноста да ја има апсолутната власт, реши да го игнорира овој потег на опозицијата, ако се однесува како ништо да не се случило, ако силата и натаму биде главен аргумент и ако во прославувањето на двојната победа не сака да види кој е единствениот вистински губитник.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото