1021 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 07:59
Мудриот човек, логично, бара одговори, за сѐ она што го опкружува и што му се случува. Тој се бори против нелогичноста, иако некогаш таа борба народот ја препознава само после одредена временска дистанца. Всушност, ја препознаваат некои други луѓе од иднината кои постигнале повисок степен во својот развој, кои одлучиле да се разбудат. Од таа перспектива, емпириски, тој процес на умствено будење и освестување е толку бавен, бидејќи на мноштвото му е поедноставно да живее во слепило, да дозволи да биде воден од слепиот, само за да не размислува. Можеби дел развиле некаква свесност дека другиот пат е мачен, осаменички, а борбата можеби однапред загубена, а им треба барем мала сатисфакција за да можат да продолжат, па затоа уште еднаш си потврдуваат дека е поедноставно само да следат. Да бидат тапи набљудувачи на нивните бедни животи, да останат добри граѓани, бидејќи се плашат од храброста која е сосема различна од добрината. Но, оној којшто се обидува да ја спроведе контролата ги изедначува овие два поима и им ја продолжува агонијата.
Историски гледано, повеќето народи порано или подоцна се кренале против глупоста, но нашиов, повторно историски гледано, толку ја потиснувал таа состојба на бунтовност, па доживеал состојба на резигнација, како еден вид на сатисфакција, негово спознание и спасение, за да може да опстане. Оваа состојба е таков феномен кај нашиот народ што евентуално би можела да се патентира и од неа да се профитира.
Уште една идеја за маркетинг кампања: „Држава, не многу позната по суштински достигнувања, продава упатство за управување и контрола“.
Тоа е за жал народ којшто веќе нема очекувања, или толку ги потиснал зашто веќе е изморен од фрустрација, па единствено што му преостанува е да се пали на мртвата историја која му се наметнува, која суштински ништо не му носи, освен уште поголема трагедија, безвкусна компензација за неговата немоќ да се спротивстави, да се бунтува.
Во светот важи правилото дека власта е рефлексија на народот, но човек од една своја позиција, едноставно не сака и не може тоа да го прифати за реалност, за судбина. Поаѓајќи од овој факт, човек би требало да ја прифати реалноста колку и да е спротивна на неговите концепции за сегашноста и за иднината, колку и да се коси со неговите сфаќање. Но, сепак не може и не сака, бидејќи најверојатно тоа би значело до некоја граница негација на сопственото постоење. Негирање на сѐ во што си верувал, на критериумите и вредностите што си ги градел, верувајќи во нешто посовршено, а така си ја насочил и сопствената едукација. Едноставно, човек не сака да си поверува дека припаѓа на една загубена генерација и дека така ќе биде обележан од историјата.
Колку и да се обидуваш да се изолираш, да го пренасочиш вниманието на други нешта, секогаш повторно и повторно тој систем на искривени вредности се појавува и те ограничува во остварување на она за што сметаш дека е правилно и вистинско.
Една кратка ретроспектива за политичките случувања во нашава земја го засилува она чувство на бесперспективност и очај, дека сѐ во што си бил воспитан да веруваш, се претвора во обична лага и хипокризија.
Се обидувам уште еднаш да разберам дали е сѐ безвредно, осиромашено и заостанато на едно закржлавено социјално, политичко и културно ниво, кога се дозволува ситни страсти во вид на патриотски конструкции да ја определуваат судбината, да го обликуваат народот во нешто што историјата ќе го запамети како деградирана нација.
Помрачување до тој степен, да не може да се препознае дека сме дел од најодвратно сценарио и манипулација на свеста, дека некој се обидува да нѐ врати во мрачните периоди кога стравот и паниката владееле со луѓето. Сѐ е исто освен посуптилниот пристап, со оглед на технолошките достигнувања. Уште потрагично е кој го спроведува сето тоа, а уште поедноставен е и одговорот.
Еден типичен школски пример на растроена личност, како што би го дефинирала една гранка од медицината, со тежок комплекс на супериорност, што ја олеснува дијагнозата, бидејќи нема, не постои ниту еден атрибут со кој човек би можел да го поврзе со таа состојба, со која тој се идентификува - супериорноста.
На крајот епилогот би бил создавање на една аморфна нација, некритична, лесна за контрола, бидејќи е целосно зависна, бидејќи е заложник на една луда идеја. Наместо да се создаваат ментално силни и индивидуални луѓе, кои ќе бидат реализирани и самозадоволни, оваа политика или квази идеологија создава загубена генерација. Сѐ е со цел да се заокружи конструкцијата и да се обезбеди целосна доминација. Зашто сите луѓе околу таа квази идеологија се дилетанти во политика, почетници во осознавање на животот и соочување со животот. Очигледно на таа возраст е најлесно да влијаеш врз и онака загубената генерација. Ги правиш до толку зависни, што и да се побунат во еден момент, нема да имаат никаков избор, освен да следат, бидејќи системот и идеологијата која ги создала им ја уништила самодовербата со тоа што ги оставила без никаква реализација или можеби се реализирале во нивната квази политика. Тие млади луѓе стануваат само машинерија, токму поради фактот дека можат сѐ да загубат доколку исчезне нивната лага. Немаат подготовка да се вратат во светот на реалните вредности, да се интегрираат, иако повеќето се магистри и доктори на науки коишто овој систем ги продуцира, но тоа во реалниот свет не функционира.
Уште една потврда за воведувањето во диктатура е фактот што не треба да си некој голем економист или политиколог за да го препознаеш правецот во кој се движат нивните проекции. Имено, наместо да создадат силна основа за здрава држава, за силен народ којшто ќе може самиот да ја остварува сопствената проекција, тие носат мерки за тотална зависност на народот од нивните одлуки и добра волја. Нивната главна тактика е субвенција. Наместо да се создадат услови за една здрава економија во која државата би ја добила вистинската улога, една од нивните најпопуларни мерки е таа субвенција. Тоа не е ништо друго освен уште еден модел за обезбедување на контрола. Сите сме зависни од државата, се извинувам, од добрата волја на една креација која на тој начин си ги лечи сопствените фрустрации. Во каква психопатска држава сме осудени да живееме... И за жал толку сме обземени со една лажна еуфорија, што најверојатно го заслужуваме тоа што го добиваме.
Слики: Ерик Шарман