Тимот на гордите Македонци

16.04.2014 10:15
Тимот на гордите Македонци

Едно од најбедните сознанија на човекот на денешнината, барем на оној кој сѐ уште се обидува да размислува со сопствената глава, иако таквите се навистина ретки, особено во услови на постојана ментална тортура, е очајниот народ со кој е опкружен, очаен во секоја смисла на зборот.

Во еден момент човек се запрашува дали некаде во светот постои толку исплашен, анксиозен, патетичен народ, како македонскиот, којшто тие слабости се обидува да ги затскрие позади чувството на патриотизам, гордост, единственост. Во ред е кога би бил барем свесен за таа слабост, а горенаведените атрибути би ги користел за да амортизира, за да си го компензира незадоволството од сопственото постоење.

За жал состојбите во неговата ментална структура се толку ескалирани што во прашање се доведува и она малку интегритет којшто е сѐ уште некаде присутен во нашата потсвест и повторно сме исплашени да го разбудиме, да го извадиме на површина.

Од еден целосно независен агол, растоварен од секакви политички предрасуди, се обидувам да разберам што навистина се случува. Во очи на не знам веќе кои избори по ред во изминативе шест години, човек не може да остане индиферентен на ова што некои се обидуваат да го претстават како рај на земјата. Умот на Македонецот е толку замаглен, испиен од онаа бедна претпоставка за неговата единственост, што мислам дека дури и Орвел во целата негова визионерска фантазија не би можел да измисли ваков народ. Уплашен и горд во исто време. Горд на сопствените стравови, грчеви, горд на сопствениот молк. Оттука, логично се наметнува едно прашање. Дали овој народ воопшто е свесен пред кого молчи, од кого се плаши? Тоа е народ на којшто, ако се земе во предвид неговата историја, најверојатно, тој страв му е веќе запишан во неговиот генетски код. Толку да се биде слеп и нерезистентен на една индоктринација е навистина загрижувачки, да се удираш во гради за нешто што отсекогаш си го чувствувал е во најмала рака бедно сознание, а уште позагрижувачки е што тој, Македонецот, не верува во самиот себе. Тој смета дека овој апсолутистички режим е виновен за неговото освестување. Не знам дали, медицински гледано, стравот може да влијае на интелигенцијата на луѓето, но дефинитивно може да ја намали моќта за рационално расудување. Токму тоа е најверојатно посакуваното сценарио на овој апсолутистички режим. Да нѐ врати во времето на средниот век, во времето кога било забрането човек да се смее или да биде среќен, бидејќи среќата и смеата се противотров за стравот.

Се прашувам одвреме-навреме, со што овој апсолутистички режим го задолжил овој народ, за да може толку лесно да го контролира. Повторно не наоѓам одговор, освен стравот. Дали овој народ се запрашал кои се вистинските вредности кои му ги овозможил овој или кој било претходен режим, ако се изземе демократијата како ултимативна вредност која некои претходни структури имаа доблест да не ја задушат? Луѓето коишто овој режим ги хипнотизирал најчесто се на егзистенционалниот раб, но тие се „силни“ Македонци. Му продаваат пуфки, а тој, народот, се радува како мало дете на чоколадо, а за жал во најголем број случаи не може да си дозволи ни чоколадо за да го направи своето дете навистина среќно. Сепак, тој е горд на лозата чија генеологија оди до длабоко во праисторијата и најверојатно би била и предизвик за серијалот „Who do you think you are“.

А сега малку би се осврнал на креаторите на овој режим. Еден човек со диктаторски аспирации, опкружен со еден супериорен мачо тип, кој ќе пукне како зрела тиква од своето преголемо его. Тоа мажиште ги става во затвор сите што ќе се осмелат да му застанат на патот на остварувањето на концептот на нашиов диктатор, зад чија наивна и по малку глупа насмевка се кријат фрустрации од невидени размери. Да, можеби сите ние сме помалку или повеќе фрустрирани, но овој избрал перверзен метод за го компензира тоа чувство, со оглед дека очигледно не може да се погледне себе со очите на разумот, зашто најверојатно го нема.

Наизглед се започна можеби и премногу наивно. Ги купи со малку пари „мозоците“ кои би требало да се коректив, да ја градат критичката мисла во оваа земја. Мислам на оние „авторитети“ кои очигледно никогаш немале вистински капацитет, туку во најголем број случаи се нашле на погрешно место во вистинско време и подготвени се да направат сѐ за да ја задржат таа позиција.

Следниот чекор беше купување на сите медиуми, печатени и електронски, што веќе претставува надминување на границите на оној срамежлив вовед кон диктатура. Логично, нивна задача беше и е да ја прикажуваат земјава како Еденската градина, каде што нашиот диктатор е никој друг туку самиот бог. Па затоа и ние мораме да го слушаме и целосно да му се посветуваме за да не нѐ снајде судбината на Адам и Ева.

Тој не само што ви го зеде идентитетот, туку ви даде лажен идентитет. Најпрвин ве обезличи, а потоа ве обликуваше според неговата волја.

Паралелно со интелектуалното обезличување, следеше и обезличување на главниот град. Негово претворање во кулиса за некоја од бајките на Волт Дизни, за да го заокружи своето грандиозно дело. Да направиш нешто толку без вкус е еклатантен индикатор за невкус или за некој проблем од друга природа. Не би навлегувал во подлабока анализа на овој проект бидејќи заслужува посебна елаборација.

Понатаму, еден од аргументите за неговите апсолутистички аспирации е создавањето на неговите кадри. Станува збор за млади луѓе, сѐ уште професионално непотврдени, кои наместо да работат на сопствената реализација стануваат инструирана и индоктринирана аморфна маса, продолжена рака за остварување на една психотична програма и идеологија. Никогаш на тие позиции не можат да се видат сериозни, изградени, дефинирани луѓе со сопствени ставови, бидејќи овој човек не дозволува, не поднесува некој да му се спротивстави, зашто едноставно тоа ќе му го сруши концептот за неговата божествена природа. Тој се плаши од таквите луѓе и ги одржува на сигурна дистанца.

Трагично е да се гледаат овие индоктринирани млади луѓе на импровизирани штандови кои наместо да уживаат во младоста, да прават нешта кои ќе им овозможат да се осознаат на едно повисоко интелектуално ниво, делат и нудат туѓи памфлети, шират некоја идеологија за која се збунети и нејзините креатори. Идеологија која нема врска со она прогресивното, изворно, освен доколку не ја застапуваат онаа друга, врховистичката. И тие млади луѓе, да не речам деца, доведени до степен на една лажна гордост поради она што го прават, се претвораат во машинерија за спроведување на една болна и рудиментирана идеја.

Дел од нив човек сепак не може да ги обвини, да им земе за зло, бидејќи покрај тоа што не се свесни за она во што ќе се претворат, едноставно немаат избор. Оние поамбициозните, поинтелигентните, сопствените проекции ги остваруваат надвор од оваа наша земја, воопшто не размислуваат да останат во неа. Сите останати, со оглед на тоа дека немаат никаков избор во животот, а мора да продолжат да живеат и да преживеат, поучени од она што го гледаат, се приклонуваат кон тие болни идеологии, односно на една од двете етаблирани во оваа држава. А тие, идеолозите, од кои актуелниот е многу поопасен, спроведуваат партизација на сите сфери во системот: и хигиеничар да си, треба да му заблагодариш на идеологот, бидејќи во оваа држава не можеш ни да одржуваш хигиена, а да не и се потчиниш на неговата болна идеологија. Родителите си ги индоктринираат сопствените деца, создаваат интелектуални инвалиди, бидејќи наместо да ги подготват да бидат вистински независни и силни личности, тие им го одземаат единственото нешто вредно, правото да изберат, вистински и правилно, се разбира кога ќе дојде време за тоа. Во каков болен систем живееме? Можеби во онаков каков што заслужуваме.

Конечно збор-два, бидејќи не можат да ми текнат три, за една исто така аморфна фигура со глуп и тап поглед таму некаде во хоризонтот, кој ќе треба да нѐ претставува таму некаде во светот. Тој е на ниво на развој на дете кое сака да го остават само да си игра, во неговиот случај историја, да си разговара и да ги докажува, се разбира дилетантски, длабоките корени на неговата нација. Тој така си гледа тапо на она што се случува, ама е горд и инсистира и ние да бидеме такви, па ние сме неговиот тим. Кој нормален човек сака да биде дел од таков тим?

И сега се поставува најболното прашање: Дали сме нормални?

Слика: Свирачиња