За стадото и гордоста на пастирот

06.12.2016 02:20
За стадото и гордоста на пастирот

Изворот на состојбата во која веќе 25 години се наоѓа Република Македонија може да се бара и да се лоцира длабоко во нашата примордијалност, во која најверојатно почнала да се обликува и нашата генетика и која најверојатно нè детерминирала да станеме какви што сме. Но, не е потребно да се анализира толку длабоко. Едноставно, доволно е човек да направи мала ретроспектива на случувањата во изминатите еден до два векови во нашата земја и поблиското опкружување, не мора да се оди подалеку, за да се дојде до она најнепријатно сознание и спознание за себе си. Колку и да е тешко да се прифати таа вистина, слабоста, нефункционалноста, искривениот ментален склоп, соочувањето како почеток на процесот за евентуална промена на нештата е неопходност, односно ургентност.

Без претензии за расветлување на историски вистини или лаги, доволно е човек само да се запраша зошто сме последни речиси во сите општествени процеси во однос на нашето потесно, па и пошироко опкружување? Зошто кога насекаде во Европа се појавила свесноста, онаа националната, и кога почнало создавањето на европските држави на овој народ му бил потребен уште еден век, за да сфати дека мора да прави држава? Овдека, се разбира, не го земам предвид оној поран обид на кој сите се гордееме, а кој бил далеку од концептот за формирање држава, концепт којшто воопшто не имплицирал некаква развиена свесност за национално единство и заедничка држава, концепт кој немал капацитет да се прошири надвор од атарот на едно село или помало гратче.

Да се навратиме на поновата историја, преполна со примери кои само ја потврдуваат македонската инертност и непостоење на желба и капацитет да се биде дел од прогресивните движења во одредени периоди од таа историја. Во основа постоеле некакви проблесоци, но тоа ни одблизу не било доволно за да се наметнеме макар и како најминорен авторитет, за да конечно некој започне да нè доживува сериозно. Вечно ламентираме над нашата лоша судбина проткаена со ропства, угнетувања, страдања, а во поново време и експлицитни подјебувања. Секогаш за таа лоша судбина ја обвинуваме политиката, нечии економски интереси, нашата географска местоположба од која произлегува оној патетичен комплекс дека сме центарот на светот, без да се осврнеме на самите нас, на фактот дека сè уште сме на тест, дека сè уште оние авторитети кои треба да нè препознаат и признаат, не препознаваат ниту волја ниту капацитет да имаме и да водиме држава. На многу помали и помлади нации тоа право им беше признаено, бидејќи нивната желба за државност беше силна и недвосмислена.

Во еден период од историјата, така да речам најнова, имаше знаци за еволуција, капацитет за промена, но излезе дека и тоа не било еволуција туку само рефлексија на неспособноста. Македонецот ја величи слабоста, просечноста и затоа во моментов постои плодна почва за сè што се случува да продолжи да се случува. Непотребно се лутиме на зборот „Македонче“, тоа е она што најдобро го детерминира нашето психолошко-социолошко битисување. Ние сме безрбетници кои за мизерна извесност способни сме да истрпиме тоа што никој друг нема да може. Па не за џабе сме биле пет векови под ропство. Не постои ниту еден таков пример во историјата, барем по нешто сме единствени, по тоа колку сме проклето слаби. Луѓе без идентитет и интегритет даваат дозвола за да се случуваат нешта кои се рефлексија на една ненормална состојба и механизам, без капацитет да се спротивстават, без капацитет да променат. Сите сме заложници на нешто што успеа да влезе во најдлабоките интими, сè уште претставува модел за идентификација.

Сето ова може попластично да се елаборира и преку дуализмот.

Тој принцип на вечна борба на две спротивставени страни, на која во основа почива светот, која го одредува сето она што по некој еволутивен пат се создало во природата, се разбира, е мошне интересен феномен, неисцрпен извор преку кој нештата можат да се осознаат или да се објаснат, за жал на нашиве простори или да се биде попрецизен на просторот на Република Македонија, едноставно не постои. Тоа се потврдило многу пати низ нејзината историја кога можеби во прашање бил доведен и опстанокот, кој повторно не успеал да го породи импулсот кој ќе предизвика конечно реакција во сивата маса на нашите мозоци.

Во моментов, пак, сме подалеку од кога било до сега од тоа достигнување. Веќе со години не постои никаков капацитет за спротивставување, па нормална состојба е да не постои никаков развој во сите сегменти на нашево живеење, особено не на едно повисоко ниво, на ниво на мислата и умот.

Оваа состојба, така го нарекувам ова што се случува, како ништо пред неа успеала да го сфати наједноставниот модел да го држи народот заспан или под хипноза, со многу едноставно потхранување на неговата вечна потреба, тенденција кон просечноста. Му ја дозира среќата, се разбира, и за тоа има плодна почва, зарем постои друго место на планетава каде е жива изреката „Не се смеј да не те задеси несреќа“.

Нашата состојба е патетична како и црквата, која го поткопува дуализмот заради одржување на контролата. Токму поради тоа се во таква суптилна врска со црквата. А, црквата како и состојбата, се хранат со стравот и контролата која го интензивира чувството на нивната моќ, која е веќе толку голема што има тенденција да го уништи и најмалиот обид за нејзино амортизирање, а камо ли за нејзино осуетување. Концептот кој го нудат овие два елементи е концепт на затворање, целосно уништување на слободата на умот. Ориентација кон внатре, кон темнината, не кон надворешната светлина. Нашиот пример е единствен, тој е обнова на најмрачниот период од историјата, на шпанската инквизиција, иако и тогаш луѓето се бореле за слобода на мислата. Додека не се создадат услови за борба на спротивставените страни, може само да останеме резигнирани или како и секогаш да чекаме да дојде Нео од иднината, бидејќи тој е разбуден, па можеби и нас ќе нè раздрма или конечно сами ќе создадеме нова состојба, провокација за да ја разбудиме мислата.

Најновите потврди за кулминација на просечноста и возбудата што ја предизвикува кај народот, претставуваат актуелните случувања на предизборната кампања, особено еден којшто отсликува психолошки профил кој одговара на менталниот капацитет на овој народ, особено оние кои стојат позади него. Истиот лик најбрутално, откога им влезе во интимите на илјадници граѓани воден од неговата лична параноја и несигурност, сега ги идентификува со стадо овци, потврдувајќи го уште еднаш апсолутистичкиот ум преку паролата „Горди мои Македонци“. Тој лик своите фрустрации на микро ниво ги амортизира, поради тоа што му е дозволено, на едно макро ниво доживувајќи се себе си како пастир, како татко на оваа патетична и несреќна нација, негова нација.

Каде отиде светот, каде Македонија?

Слики: Свирачиња