Тешко на народот кој не ја ткае облеката што ја носи

21.03.2016 01:50
Тешко на народот кој не ја ткае облеката што ја носи

О тешко, тешко, на ваков народ кој не ја ткае облеката што ја носи, клетва врз сите! Но триж поголема клетва врз народ кој јаде храна која ниту е сеена, ниту жнеена, ниту е уловена од него. Таквата туѓата храна во устата секогаш ќе има вкус на испросена храна. И секоја чинија грав која ке ја исркаш алаво, твојот внук, во истата таа храна ќе може само да стави прст и да лизне, да вкуси, колку да го испита нејзиниот квалитет, пред – не една, туку три, тристотини и три чинии храна ќе мора да му врати на странецот која ти дал чорба, пред многу години, а ти си ја исркал, алаво, безумно... Клетва за таков народ, чии татковци го јадат лебот, ја арчат среќата на внуците!!! Тешко за народот кој само во своите сништа се бори против злото кое го сардисало. А херојот низ сништата, во своето јаве, понизно ведне глава, се ничкосува на колена пред истиот тој диктатор, пијавицата на слободарството народно... Тешко на народот чие херојство е под „јорган планина“, а улицата е празна и нема, желна за бунтовен КРИК!!!

Срам неснослив, за народот кој покорно и своеволно, дури и со восхит и одобрување, врви по острицата на нивниот „преродбенички“ меч, по барокниот лавиринт во кој недостојниот моралист – очигледно граѓанин од втор ред, заскитува и гине, а „ведноглавиот собирач на трошки“ си го наоѓа патот до излезот (влезот во јавна администрација или вмровско-партиски вработувања), или пак, како да е арлекин или двроски шут, се потсмева како неговиот сонародник, барат, пцовисува под диктаторската чизма на крвникот, на својот Вожд, на главосечачот на сопствениот сродник...

О тешко, тешко, тешко на народот кој молкум гледа како Деспотот го одродува, го обезличува, му ја менува генетиката... Тешко на оној народ што својот глас го крева само на погреби, а почит кон себе искажува само на парастоси! Пеколни маки го чекаат народот чии вистински мудреци се со сила замолчени и затемничени, а Пастирот, нивниот засекогаш даден и зададен предводник, им е слеп! И тој Пастир - заслепен до лудило, везден му пее на својот народ благоугодни песни, а пак народот му возвраќа – терцирајки, со блеење хвалоспеви за него и неговите големи дела! За чудата! За економското вундеркиндство! За исечените ленти... за, за, за... за ЗАНДАНАТА! За занданата што некогаш беше наша татковина! Тежок воденички камен го влече таквиот народ кон бездна!

„Ретка ѕверка“ е таквиот народ, не „ѕверка“(!?), ма каква ѕверка? Не е ѕверка - туку пиле обично, со самопочит голема како зрно грашок, па и тоа зрно самопочит шета, се движи и се искачува од газот кон грлото, само тогаш кога овој – народецот - е под пиедесталот на бронзениот коњ и коњојавачот со меч. Тешко, тешко бреме за таквиот народ, кој секогаш кога ќе посака да исчекори за чекор напред – се враќа сто чекори назад!

Тешко, тешко, за таквиот народ! Колку потешка чизма го гази, тој толку повеќе го милува царот свој – Николај!

Тешко, тешко, за таквиот народ!!! Кој не се бања за да не им смрди опиконот кој им ја гмечи честа, кој им „танцува“ по маките! Оооо Тешкото! Тешко, само „Тешкото“ за таквиот мој народ!!!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња