1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
Главна задача на секој вистински граѓанин е да ја брани - поточно, да ја одбрани - државата од нејзините властодршци. Ако не ви е јасно зошто, тогаш погледнете што ѝ направија овие сегашниве. Со нивниот патриотизам, со вредностите што ги инсталираа, со градењето, со крадењето, со уцените, со стравот, со делбите, со семејните вредности, со насилието, со методите на владеење, со програмите за развој, со ендеците, со плацевите, со динамитот, со корупцијата, со контрапротестите, со уништувањето на секоја друга иницијатива, со гласната пропаганда и со замолчувањето на различните, со измислувањето непријатели, со грчевитите обиди по секоја цена да ја задржат власта ја урнисаа државата до такво дереџе што може да им позавиди и најголемиот непријател на Македонија.
Тоа, се разбира, немаше да им успее - барем не така лесно - ако секој одговорен поединец беше свесен дека каменот од блиску доаѓа и ако си ја извршеше својата граѓанска должност. Но, изгледа дека сепак не е сè изгубено. Пречекорен е првиот чекор на долгиот пат од малограѓанска покорност, до која толку доследно се држевме, до граѓанската непослушност, што така изненадувачки ја демонстриравме. На власта, конечно, не ѝ успеа до крај да се справи со студентите, со средношколците, со граѓаните од Дебар Маало и Карпош, да речеме. Нивниот протест даде резултати што ја враќаат надежта. Затоа под никаков притисок не треба да се повлече подметнатата нога наречена граѓански активизам, што ја држи подотворена вратата за излез.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња