1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Дека Македонците се плашат да го кажат своето мислење покажало и истражувањето на „Еврометар“ (во извештајот „Политичката култура, европеизацијата и стравовите во Македонија“). На прашањето дали слободно го кажуваат своето мислење, 67 проценти од граѓаните одговориле „не“, 63 отсто веруваат дека тајните служби ги прислушуваат луѓето кои ги сметаат за противници; 67 проценти потврдиле дека власта може да дознае како гласаат граѓаните, а над 75 проценти од анкетираните сметаат дека нема спонтани протести, односно дека ги организираат центрите на моќ.
Од резултатите на истражувањето може да се прочита дека оној флуиден, неодреден, недефиниран страв што го има во сите земји - значи и во тие кои се лидери во заштитата на човековите права и слободи - власта во Македонија толку го прошири и го надгради, што веќе го освои целиот простор: и општествениот, јавниот, и приватниот, интимниот. Речиси нема нешто за што луѓето можат да кажат дека никој ништо не им може. Се плашат - со право - дека со ваква власт во секој момент и без голема причина може да го изгубат имотот, работното место, здравјето, да не зборуваме за угледот, честа, достоинството...
Анкетата нуди и едно поинакво читање. Ако оние 67 проценти од анкетираните, кои рекле дека не можат слободно да го кажат своето мислење навистина имаат свое мислење, тогаш има надеж дека ќе има слобода. Многу пострашно од неслободата е ако дале алиби-одговор, ако се плашат да кажат дека немаат мислење.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња