Меѓу фашизмот и идиотизмот

08.01.2015 11:41
Меѓу фашизмот и идиотизмот

Она што ни се случува е толку чудно и лудо, што, сè повеќе и повеќе, сум на мислење дека за да се анализира, сфати и разјасни, покрај идеолошко-политичка рамка на фашизмот, мора да се употреби и патолошко-психијатриска рамка на идиотизмот.

Значи, нè вклештиле меѓу фашизмот и идиотизмот каде политичките трансвестити кои се одзиваат на националистичкиот крик од лажниот пастир, нè држат во „ментален пресинг“ со нивните лажни тези и прозивки, па така живееме во една малоумна ситуација, во која политичарите, иако самите нестручни и некомпетентни, ги прозиваат за нивната стручна компетентност докторите на науки, професорите, судиите, лекарите, студентите, учениците... Па, потоа, во една таква перверзна поставеност на нештата, сите почнуваат да се „правдаат“ и да ја докажуваат својата “стручност’, да се делат и глодаат меѓу себе. И, под дејство на пропагандната тортура, скоро сите забораваат дека треба да е обратно - граѓаните да ги прозиваат и критикуваат политичарите! Згора на тоа, забораваат дека прозивките од политичарите едноставно треба да ги игнорираат, оти нивните паушални квалификации и не заслужуваат никаков одговор.

Нè вклештија меѓу фашизмот и идиотизмот, нè прегазија со „преродбата“, нè заразија со национализмот и квазипатриотизмот, па нè втурнаа во лошиот и кретенски фашистички филм на предавници и патриоти, на мали и големи Македонци, на албанофили и албанофоби... Во хорор-филмот на раздори и делби на народот по сите основи, режиран од оние професионални демагози, кои вербално манипулираат со генетиката и биохемијата, со културата и антропологијата, а кои истовремено темелно и безмилосно нè пљачкаат и уништуваат, сите ние останати сме претворени или во актери или во статисти кои свесно или несвесно глумат, па сосема непотребно зборуваат, теоритизираат и дејствуваат за безвредната „барокна уметност“, за антиквизација, за наштелувани економски анализи и статистики, за независно судство со зависни судии, за суеверие и празноверие... Едноставно, нè вклештиле меѓу фашизмот и идиотизмот, па нe разликуваме патриотизам од национализам, наука од политичка агитација, историографија од митоманија, економија од маркетиншка пропаганда, антифашизам од фашизам, социјализам и капитализам, македонизам и врховизам...

Нè вклештиле меѓу фашизмот и идиотизмот, па не знаеме што е вистина, а што лага... Владеачите, со помош на поткупените лигави морални џуџиња од квазиинтелигенцијата и медиумите (а тоа се сите оние кои се блиски со секоја власт), успеаја гнасната и грозна криминална стварност да ја прикажат како најголем успех на нашата земја. Дојдовме во состојба на тотална излуденост, на тотално помрачување на умот и разумот, на масовен мозочен енцефалитис, на тотално отсуство на свеста и совеста, состојба во која луѓето не веруваат на своите очи и уши, на својот здрав разум, туку на она што им го кажува пропагандата преку телевизиите и весниците. Во таква ситуација, фашистичката мафија постепено нè убеди дека е непроменлива, дека е семоќна, дека секого може да обвини, дискредитира, лустрира, затвори и убие, па заради сето тоа никој не смее и не треба да прашува за нивните грешки и криминални дејства. Токму затоа, скоро сите молчат за грандиозните афери „Аналитико“, „Актор“, „Македонска банка“, „Платежна картичка“, и безбројно други „поситни“ кражби на големи државни пари... „Убивајќи“ ја политичката опозиција преку демонизација, владеачите успеаја да го замолкнат гласот кој треба непрестано да прашува: Кој ќе одговара за кражбите? Каде се ветените осум милјарди евра? Каде се инвестициите на Субрата Рој и сличните на него? Каде е реализацијата на сите оние ветувања за евроатлантска интеграција? Зошто не се спроведува попис? Каде ни заминаа над триста илјади, претежно млади, луѓе? Кој печати лажни пасоши и лични карти? Каде...? По скоро десет години владеење, веројатно, непријатните прашања може да се редат во недоглед...

Нè вклештиле меѓу фашизмот и идиотизмот, па мнозина помислија дека аполитичноста и „оградувањето“ од опозицијата и од нејзиното дејствување се спасот од етикетирањето и консигнацијата. Фашистичките ганстери, откако неколку години потрошија безбројно милиони евра наши пари на најцрна можна пропаганда за да се сатанизира политичката опозиција и да се дезавуираат сите оние кои во македонското општество имаа морален и интелектуален интегритет, сега скоро сите ги втурнаа во глупавата и апокрифна „приказна“ дека е страшно лошо, дека е најлошо, дека не постои полошо, отколку да си член или поддржувач на опозиционата партија, па сите, дури и пред било кој да ги „праша и прозива“, веднаш велат ние сме „натпартиски и "аполитични“! И колку повеќе се трудат да се дистанцираат од опозиционата партија, толку повеќе им ги заокружуваат главите во црвено! Само се прашувам, дали и кога ќе сфатат дека ја играат играта на режимот, па ако сакаат да се борат против него, ќе биде нужно сами себе да се заокружат со црвена боја и да речат - јас сум со опозицијата! Јас во овој контекст ќе се обидам да им го појаснам едноставниот факт дека власта е таа која ја контролира државата и процесите во неа, а не опозицијата! Зарем не гледаат дека власта, а не опозицијата, е таа која носи закони како сака, троши пари по сопствено наоѓање, ги поседува војската, полицијата, државниот апарат, тајните служби, тајкуните, медиумите... Зарем не е перверзија која се граничи со деменција, во една таква ситуација, некои сè уште да агитираат дека „сите се исти“ и дека „опозицијата е најголемиот проблем“ за слободата на граѓаните на Македонија и за тоа што се распаѓаме како општество и држава! Таквите групи и поединци би било добро да го прифатат повикот кој овие денови го испрати Левичарското движење „Солидарност“ за здружено дејствување и за прекин на меѓусебните напади и обвинувања во антифашистичкиот фронт.

Нè вклештиле меѓу фашизмот и идиотизмот, па додека студентите и средношколците протестираа по улиците, нивните родители наместо да излезат и да им се придружат, седееа дома, зачудено и со неверување ги гледаа и непрестано „пресметуваа“ дали тоа ќе им нанесе штета на нивните професионални кариери! Тоа е типичен пример на масовно грандиозно себеобесчествување! Само не ми е јасно, како пред себе си, можат да го оправдаат сопственото непорекливо медиокритетство и евтин политички опортунизам, како се гледаат во огледало и како ги гледаат во очи сопствените деца и луѓето околу себе? Всушност, може слободно да се каже, а да не се погреши, дека вклештени меѓу фашизмот и идиотизмот, мнозина ја загубиле љубовта и добрината, срцето и душата, храброста и достоинството... Токму затоа, во оваа наша криминална атмосфера, стана природно да постојат кражби, силувања, издрогирани деца за кои никој не се грижи, силеџии и рекетари кои изигруваат „оштетени штедачи и губитници во транзицијата“, купени пропагандисти низ медиумите и заплашени гласачи кои учествуваат на целосно лажирани избори... Најлошото е што обездушеното мнозинство е претворено во целосно индиферентна маса кон грдата стварност. Тоа мнозинство знае само да слегне со рамениците и да ја сврти главата на другата страна... Едноставно, нè научија да живееме аутархично, да се грижиме само за сопствениот интерес, да не можеме да распознаеме што е добро, а што лошо, што е исправно, а што е погрешно... Само во овие епистемолошки координанти, може да се сфати како интелектуалните лилипутанци, кои се само бедни следбеници на гебелсовштината, успеаја да го десензибилираат мнозинството, до тој степен што, на пример, додека младите демонстрираа, мнозина нивни врсници седеа по кафулињата и со невидено спокојство и епска бесрамност, немо ги набљудуваа и им се потсмеваа. Таквата целосно надреална и антихуманистичка слика, слика на обессрцени луѓе, на луѓе кои немаат човечко чувство за бунт и солидарност, е, веројатно, најголемиот успех на нашиот фашизам, но и најголемиот пораз на македонскиот антифашизам! И, секако, најгомиот пораз на хуманизмот!

И, на крајот, да не биде сфатено оти ги оправдувам оние кои молчеле и се криеле пред злото, да кажам и предупредам дека иако сме вклештени меѓу фашизмот и идиотизмот, па тешко дишеме и размислуваме, тешко гледаме и слушаме, тешко разбираме и познаваме, тоа не е изговор за политичката рамнодушност и неактивност! Сепак, живееме во време кога политичката манипулација е деконструирана и разголена, па нема оправдување за отсуството од борбата против фашизмот и неслободата!

Извор: Глобус, 07.01.2015.
Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото