Каде исчезна зборот НЕПОКОР?

11.08.2014 11:18
Каде исчезна зборот НЕПОКОР?

Сѐ уште не можам „македонцките работи“, како што ги нарекол Мисирков, да ги набљудувам од дистанца. И не можам да ја затечам Македонија, јас можам само да се запрашам дали сум затечен од „македонцките работи“ денес. И морам да признам дека не сум затечен ниту од алчноста ниту од лудилото на озабената власт која денес ја управува Македонија. Затечен сум од ноевското однесување на оние кои требаше да ја зауздаат. Затечен сум од слепилото, глувоста и молкот. Затечен сум од одбивањето нештата да се именуваат со вистинските зборови. Велите дека ништо во општеството не се помрднува од мртва точка, а јас мислам дека се помрднува, односно се лизга од лошо кон полошо. Македонија прилега на „Титаник“. На бродот се лумпува, а сантата се наѕира во мракот, чамците се подготвени за спасување на номенклатурата на власт и нејзината камарила, а оние под палубата не можат да се пробијат горе. Вратите се затворени, а бродот веќе крцка.

***

Погледнати од денешна перспектива, деведесеттите години од минатиот век ми се чинат како години на надежи дека независна унитарна Република Македонија не е само утопија. Но, ветената милијарда за признавањето на Тајван во 1998 година ни донесе кинеско ембарго во Советот за безбедност и повлекување на војниците на УНПРЕДЕП од западната и северната граница. Се создаде триаголникот на кој се одвиваше шверц на сѐ и сешто. Профитите ги делеа партиите од коалицијата на власт, најпрвин ВМРО-ДПМНЕ/ДА/ДПА, потоа ВМРО-ДПМНЕ/ДПА. Се знаат и процентите. Криминалот организиран или овозможен од власта ја ослабе безбедноста. Македонија некако ја преживеа косовската бегалска криза, но не можеше да се справи со вооружениот судир во 2001 година. Ни политички ни војнички. Без оглед на споровите за тоа дали НАТО одмогнал или помогнал. Се покажа дека големото мнозинство од македонските граѓани не е за војна. И тоа се потврди на изборите 2002 година кои се одржаа по потпишувањето на Рамковниот договор кој, подоцна, го минираа токму некои негови потписници. Тоа беше првата „тоалетна хартија“. Победниците на изборите во своето салдо го запишаа признавањето на уставното име од САД и кандидатскиот статус за членство во ЕУ, но криминалот и корупцијата останаа рак рана.

И така стигнавме до 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ, само со нов лидер, се врати на власт. Ветувањата беа огромни, милијардата на Циле беше ништо во споредба со осумте милијарди на Грујо. Денес, осум години подоцна, во Македонија расте само власта на Грујо, паралелно со долговите на граѓаните и на државата. Списокот на соучесниците во грабежот на векот се зголемува, ретките хроничари не можат да навасаат да ги запишат. И списокот на непријателите, надворешните и внатрешните, се зголемува, тука мегафоните навасуваат и приклаваат. Фасадите се множат и поскапуваат. Треба да ја прикријат растечката мизерија, а и да ги донаполнат џебовите кои како да немаат дно.

***

Мислам дека Брисел (засега) бара од Македонија само да не стане жариште на регионален судир или извозник на нестабилност. Се разбира, цената е скапа и таа ја плаќаат граѓаните. Задолженоста, сиромаштијата, неслободната демократија, безумното едноумие, длабоката поларизираност по сите линии, сето тоа Брисел го овозможи со поддршката за власта која ја клекна Македонија. Се чини дека Груевски незапирливо ја води Македонија кон пропаста.

***

Луѓето знаат дека моќта е во Скопје. Луѓето знаат дека само во Скопје ќе бидат слушнати и нивните молби и нивните пцости. Под услов да не ги запре полицијата. Во Скопје беше убиен Мартин Нешковски, во Скопје беше уапсен Љубе Бошковски, во Скопје беа натепани пратениците и набркани заедно со новинарите, во Скопје поскапе струјата, во Скопје се вработувањата, во Скопје се парите... Скопје се населува, Македонија се иселува... Централизацијата во Македонија не започна со граѓанските протести. А сепак, последниве месеци неколку протести се случија надвор од Скопје или во Скопје, но организирани од внатрешноста. Дали е можно некакво движење „од долу“ кон „горе“ не знам. Знам само дека надвор од Скопје притисокот на власта е посилен бидејќи е подалеку од очите на она малку јавност што преостана.

***
Не ме мачи (веќе) прашањето дали водам изгубена битка. Не ме мачат клеветите, етикетите, навредите. Не ме мачи лустрацијата. Ме мачат прашањата од познати и непознати минувачи: „Ќе има ли крај оваа власт?... Има ли спас од вмровциве?... До кога ќе трае лудилово?... Зошто Запад не презема ништо?...“ И не толку самите прашања, колку што ме мачи тоа што прашувачите очекуваат чудо, спасителот го бараат во некој друг и не ни помислуваат дека би требало и самите да придонесат за сопствениот спас.
Ме мачи прашањето: Каде исчезна зборот НЕПОКОР? И како тој збор да не остане заробен во литературата и да стане дел од нашата свест, етика и дејствување?

Слики: Свирачиња
Извор: Интервју за порталот „Мојот град“, 08.08.14.