За „Сликата на Доријан Греј“ од Иван Олбрајт

10.12.2015 11:37
За „Сликата на Доријан Греј“ од Иван Олбрајт

Ме потсети ненадејно Ставре, седнувајќи до мене додека во врнежливото ноемвриско пладне го пиев своето кафе во „Синема“, видно возбуден после читањето на „Сликата на Доријан Греј“ од Вајлд, восхитен од книгата, но и од писателот. Но мене неговата ескапада ме одведе кај Иван Олбрајт, апартен сликар од минатиот век за кого прв пат дознав од книгата на Леонид Шејка „Трактат за сликарството“, една крајно необична книга издадена кај белградски „Нолит“ 1964 година, која никако не можеше да се пронајде тогаш кога ја барав, и која на волшебен начин еден ден ми ја донесе доктор Томаноски, од Белград. Во неа Шејка за Олбрајт и неговото сликарство, меѓу другото, вели:

„Олбрајт создаде една сликарска визија на која тешко може да ѝ се најде претходник. Ако во неговото дело има традиција тоа е само затоа што неговиот поглед и неговиот дух го истражуваат времето. Навистина, каков е тој сликарски поглед кој е во состојба да се здржи на еден предмет со години следејќи го буквално траењето и изумирањето на предметот, следејќи го и откривајќи го односот на минливото и вечноста. Минливото е она вечното минливо, време кое трае секогаш во вечната сегашност. Сите патеки на времето се сечат на една површина во сегашноста. На таа површина се појавуваат предмети кој стареат, кои се чист знак на човечка судбина“.

Е, сега, она што старее во сликата на Иван Олбрајт, за која овде станува збор е Доријан Греј - се појавува таа слика со богат колорит во црно-белиот филм на Алберт Левин од 1945 година „Сликата на Доријан Греј“, работен според фамозната книга на Оскар Вајлд за кого ова дождливо ноемвриско пладне ми зборува Ставре, во топлата удобност на „Синема“, се распаѓа Доријан Греј на крај, и во стварноста и на сликата – жив доказ дека овоземното и материјалното се бедни, минливи категории.

„Додека седиш во својата ќелија биди при себе и мисли на својата смрт. Суетата на овој свет нека те вџаши“.