Лечење на фрустрации врз дијаспората

21.05.2019 10:40
Лечење на фрустрации врз дијаспората

Професорката Мирјана Најчевска смета дека „тие (дијаспората) не смеат да решаваат за она што се случува во државата. За тоа можат и смеат да решаваат само оние кои живеат во оваа држава и кои ја споделуваат заедничката судбина“.

Кому му се фрла прашина во очи со вакви манипулативни ставови? Па кој решаваше за изборот на македонски претседател? Дијаспората, можеби? Или е можеби дијаспората виновна што само 40 проценти од гласачите во Македонија излегле да го дадат својот глас? Со што тоа придонела дијаспората за ширењето на толкава политичка апатија во државата?

Премногу се присутни напори во Македонија, дури и на највисоко интелектуално ниво, иселениците да се прикажат како егоисти, примитивни и неманципирани граѓани, да се понижи и со валкани, калливи чевли да се згазне нивното чувство за припадност кон сопствениот народ и татковина. Се чека секоја поволна пригода за да се потхранува таа мрачна агенда со нови сомнителни мотиви.

Слабоста на дијаспората е пред се во тоа што нема никакви поврзувачки нишки меѓу иселениците, тие се целосно разединети и настапуваат главно инцидентно и според интензитетот на дневно-политичките хаварии што ги предизвикуваат неодговорни поединци и медиуми во Македонија што си земаат за право да ја осудуваат и со тешки навреди жигосуваат иселената Македонија.

Може ли државата преку својот апарат да интервенира во јакнењето на мобилизираноста на дијаспората и воопшто свеста за културниот идентитет во редовите на многубројнато иселеништво? Одговорот секако е потврден, но прашањето за изборот на методологијата за остварување на таа цел бара поширока анализа. Но, со постојано симплифицирање на феномените поврзани со оваа проблематика, Македонија тешко ќе успева во напорите да изгради ефикасна стратегија за прагматичен пристап во однос на унапредувањето на врските на иселениците со татковината.

Најпосле, ако е тоа вооопшто важно да им се укаже на дијаспора-хејтерите, зарем не оставија ни еден микрон можност дека за Тамара гласале и други фанови на Евросонгот, кои со македонската дијаспора имаат врска колку и со ланскиот снег.

 Слика: Небојша Гелевски