Започна четвртото издание на фестивалот „Друга приказна“

06.09.2019 16:02
Започна четвртото издание на фестивалот „Друга приказна“

Со разговорот на тема „25 години Маргина, 10 години Окно; списанија и портали“, во кој учествуваа гостите од Србија Станислава Бараќ и Дејан Илиќ и Анaстас Вангели, Никола Гелевски и Сеад Џигал, вчера започна четвртото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна, која годинава е со тема На маргините.

Една од причините за ваквиот наслов е што годинава ја одбележуваме 25-годишнината на списанието за култура, „Маргина“, а кон него се придружува и друг, за нас не помалку важен јубилеј - 10 години од порталот „Окно“, кој всушност и настана, на почетокот на 2009 година, како своевидно продолжение на „Маргина“, рече Никола Гелевски. Тој додаде дека во изминатите години од почетокот на постоењето „Маргина“ и „Окно“ и медиумскиот и општествениот контекст е прилично изменет и го постави прашањето за улогата на ваквите културни производи и медиуми денес.

Илиќ, кој беше уредник на книжевното списание „Реч“ објасни дека тоа веќе не излегува две години затоа што сосема се промениле условите и веќе можеби нема причина за неговото излегување. Станислава Бараќ даде краток осврт на историјата на списанијата и рече дека треба да се истражуваат и оние списанија кои што биле на маргините бидејќи можеби тие даваат и подобра слика на контекстот во кој биле објавувани.

Анастас Вангели рече дека заради големата достапност на различни содржини на интернет веќе ја нема возбудата од времето кога излегуваше списанието „Маргина“ и рече дека не треба по секоја цена да се инсистира на бројност на продадени списанија или кликови на ваквиот вид изданија. Сеад Џигал рече дека во актуелниот контекст на лажни вести и хиперпродукција на вести ваквите изданија се важни заради развивањето на критичката мисла.

Централен настан на вчерашното отворање беше доделувањето на наградата на „Друга приказна“ на босанскиот писател Ненад Величковиќ. Наградата ја дизајнираше Билјана Клекачоска. А Величковиќ примајќи ја наградата рече дека му се допаѓа што има и огледало зашто на писателот често му е потребно да се погледне себе за да не ја заборави сопствената одговорност.

Во разговорот со него што го водеше Ѓоко Здравески, Величковиќ зборуваше за неговиот доглогодишен проект на пронаоѓање на индоктринациски содржини во учебниците по книжевност на босански, српски и хрватски јазик. Потенцираше дека улогата и влијанието на книжевноста, особено кога се работи за развивање на национализам кај младите, воопшто не е наивна и рече дека одговорноста треба секој професор да си ја побара прво кај себе.
Величковиќ има комплексен и разгранат книжевен опус (неколку негови книги се преведени и на македонски), но има и големо искуство во некои алтернативни образовни книжевни практики кои често се занимаваат и со тоа која книжевност треба да биде „канонска“ („национална“, школска), а која да биде „на маргините“. Тој вчера одржа и школски час за учениците во гимназијата „Корчагин“ како и работилница посветена на наставниците и професорите по книжевност, „’Фигури’ на индоктринација“ (петок, 16 часот, и сабота, 10 часот, во МКЦ).

За време на Фестивалот „Друга приказна на платото пред МКЦ е поставена изложбата на насловните страници на списанието „Маргина“ кои ги изработиле истакнати македонски уметници. 

Исто така, на штандот на платото публиката може да ги најде изданијата на „Темплум“.

На крајот на вечерта, на платото пред МКЦ настапи групата Волтер Мани Ал Хаким од Скопје.

Програма за денеска:

ПЕТОК

18.00. Разговори и читања (1)
„Очите на другите“
Душко Крстевски (водител) и Иван Димитров

18.30. Разговори и читања (2)
Разговор за детската книжевност
Билјана Црвенковска (водителка) и Дејан Алексиќ

19.00. Разговори и читања (3)
„Во мојот двор“
Никола Гелевски (водител), Сузана Тратник и Андреј Блатник

19.30. Разговори и читања (4)
„Овде нешто се случило“
Фросина Крушкаровска (водителка), Луиза Бухарова, Ана Марија Грбиќ и Енес Куртовиќ

21.00. Натпревар со „едноминутни новели“

„ОВДЕ ПАЃААТ КРУПНИ ЗБОРОВИ“

Водители Ѓоко Здравески и Драган Протиќ

Учествуваат: Ненад Величковиќ, Лана Басташиќ, Андреј Блатник, Сузана Тратник, Ѕвездан Георгиевски, Луиза Бухарова, Владимир Лукаш, Ана Марија Грбиќ, Дејан Алексиќ, Ненад Јолдески, Билјана Црвенковска, Живко Грозданоски, Тристан Халилај, Нора Ислами, Иван Димитров, Саша Станишиќ, Гето Руди, Горазд Кени Китановски, Алек Букарски, Тихомир Диковски, Линдита Кадриу...

 Фотографии:Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото