75 години македонски правопис

07.06.2020 14:05
75 години македонски правопис

На денешен ден, 7 јуни 1945 година, со решение на Министерството за просвета потпишано од тогашниот министер Никола Минчев. Еден месец претходно, на 5 мај 1945, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик. Со ова се заокружува еден од темелите на македонската државност, удрени со решението на АСНОМ од 2 август 1944, донесено во манастирот Прохор Пчински, со кое македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава.

Еден од ретките примероци на првиот правопис, книшка од 20 страници, издадена од „Државно издавачко претпријатие“ во 1945 во Скопје, го има во личната архива на Кочо Битољану, една од македонските партизански легенди и член на првата скопска влада, кој почина во 2015. Неговиот син Вања Битољану за порталот сакамдакажам.мк овозможи пристап до примерокот, кој ќе ѝ биде отстапен на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) за дигитализација во одделот Дигитални ресурси за македонскиот јазик.

Во работа од нецела година и на три комисии, азбуката и правописот ги донесе Третата јазична комисија во состав: Венко Марковски, Васил Иљоски, М. Павловски, Блаже Конески, Крум Тошев, Иван Мазов, Г. Влахов, Владо Малески, К. Х. Василев, И. Топаловски. На 3 мај 1945, дефинитивно ја утврдила македонската азбука, која ги содржи следните 31 буква: А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О, П, Р, С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш. Истиот ден, Владата донела решение со кое била озаконета азбуката, кое било објавено во весникот ‘Нова Македонија’ во празничниот број (II, 104) од 5, 6 и 7 мај 1945 година. Оваа комисија, со исклучок на Мазов, на 2 јуни 1945 го утврдила и нацртот за македонскиот правопис, за кој на 7 јуни 1945 е донесена Резолуција од Владата со што македонскиот правопис станал официјален.

„Усвоениот елаборат бил објавен во посебна книшка, а веќе следниот ден по усвојувањето на правописот, Конески го објавува написот ‘За македонскиот литературен јазик’ во кој се презентирани ставовите за македонската азбука и правопис, а Влахов ја објавува статијата ‘Слободна Македонија во Федеративна Југославија ‒ крај на меѓусебните борби на балканските народи’“, вели проф. д-р Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Првите измени и дополнувања на Правописот се направени две години подоцна.

„Некои измени и дополнувања на Правописот биле направени од Комисијата за преразгледување на прашањата во врска со македонскиот правопис во состав: д-р Михаил Петрушевски, Блаже Конески и Крум Тошев, назначена на 20 ноември 1947. Од овие промени, најважна била промената на наставката -уе во -ува (кажуам во кажувам). Предлогот бил прифатен на собир на македонските писатели, новинари, филолози и други културни работници на 6 април 1948 и објавен во проширеното издание на Македонскиот правопис со правописен речник на Конески и Тошев, објавено во 1950“, вели Груевска-Маџоска.

Македонскиот правопис од 1969 година, во авторство на Б. Видоески, Т. Димитровски, К. Конески, К. Тошев и Р. Угринова-Скаловска) во 1970 е дополнет со Правописен речник од 30.000 зборови. Последното издание на овој правопис е коригирано од Т. Димитровски и објавено во 1998, а нов Правопис на македонскиот јазик е објавен во 2015 и второ издание во 2017., под редакција на Ж. Цветковски, С. Веновска-Антевска, С. Груевска-Маџоска, Е. Јачева-Улчар и С. Саздов.

Електронската верзија на ова последно издание на Правописот, од декември 2017 е бесплатно достапна за симнување и за пребарување на Интернет на адресата www.pravopis.mk.

Минатата година, МАНУ усвои Повелба за македонскиот јазик во којашто ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на МАНУ во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки.

 Фотографии: сдк.мк

ОкоБоли главаВицФото