Што ни беше Мирко Попов

27.03.2024 11:18
Што ни беше Мирко Попов

Ги издвоивме зборовите на дваесетина луѓе кои деновиве напишаа проштални зборови за својот пријател, музичар и важна културна фигура.

 

„Семирот понекогаш
е осамен и студен,
но цврсто држам правец
и речиси сум буден.“

Патувај мирно кон Розевата Планета, Мирко Попов.
Вечно ќе живееш во нашите срца.

Билјана Црвенковска

 

Ај што го испиша саундтрекот на нашата младост и љубов, туку беше од оние ретки индивидуалци кои со своја лична сила, енергија и ум во ваква мала земја како нашата покренуваат и одржуваат цели културни традиции. Колку музика и текстови напиша Мирко, колку изданија објави од наши музичари (над 100!), колку фестивали организираше?

Кога кај нас ќе замине човек како Мирко е како да снемало корален гребен, ко да потонала планина. Ама ајде да го земеме неговиот пример и неговиот оптимизам, и тоа - да работиме и да живееме силно, полно.

Румена Бужаровска

 

За мене, засекогаш ќе си еден од најсилните и најцврстите столбови на моето Скопје.

Ти си Скопје. Ние сме Скопје.

Ти си еден од најголемите градители на современа Македонија. Кој разбра, разбра.

Мирко Попов нѐ задолжи сите нас овој град да пулсира, да татни со љубов, елан и да блика од идеи за култура, музика, заедништво...

Соња Исмаил

 

Смртта на Мирко Попов е огромна загуба за нашата култура. Кога велам култура мислам на широкото значење на зборот, на целокупниот наш контекст, особено градски, на односите меѓу луѓето и на смислата на создавањето артефакти во една ваква брутализирана средина. Оти Мирко беше поврзувач на сцената (ми се чини, еден од последните), позитивен дури и во негативна смисла - поврзувач или судирач на орбитите и световите. Притоа пак зборувам за сцена во поширока смисла: сцената на градските улици, кафеа, дискотеки, „културни и некултурни“ простори, сцената во нашите глави. Наспроти сепштотото атомизирање, т.е. распаѓање на заедницата (на миљон мали капиталистички индивидуализирани огледалски шизо сцени), ми се чини дека Мирко имаше осет за таа една сцена во која актерите и енергиите се испреплетени.

Никола Гелевски

 

Мирко Попов, како ретко кој, успеа да го поистовети родниот град во кој живееше и твореше со уметноста што ја создаваше. Сите ние со нашето делување и однесување ја креираме сликата за градот како шаренило од темпераменти и можности, но сепак, кога него ќе го видев на улица, си велев: "Еве го модерно Скопје!"

Имав впечаток дека тој живееше со двојно мото. Првото, иако бендот сигурно не беше еден од неговите омилени, е наслов на песна од Партибрејкерс: Ono što pokušavam sad, Ti nećeš za ceo svoj život. А за да го достигне посакуваното ниво, се придржуваше до Ворхоловото: Work, the most important thing is work.

Игор Анѓелков

Мики, другар мој... наш. Сакам да знаеш дека денеска те испративме достоинствено, без патетики, ти тоа не го сакаше. Дојде кремот на Скопје, оној крем од 80-ти, 90-ти, и убави деца од новиот милениум. Само да можеше да ги видиш, Мики, колку градски, продуховени, умни луѓе, стотици и стотици, дојдоа да ти оддадат почит. Река од луѓе. Да можеше да ги видиш твоите грации, челични дами, твојот столб и жена од карпа, Вики. Колку само ќе беше горд на нив. Твоите најверни другари, скршени од болка, а сепак, никогаш поубави. Сани најде лалиња, ти изградија замок од лалиња, Мики. Пишуваше „До небото замок – ПМГ Колектив“.

Ивана Тасев

 

Мирко Попов го запознав кога имав 10 години. Беше дојден кај нас дома со тогашното друштво на сестра ми Енџи со која заедно работеа од самите почетоци на Канал 103. Ко старо-мало сакав да седам со нив и да ги слушам нивните бескрајни разговори за музика и уметност.... Мала бев и набрзо ме избркаа од собата. Пораснав, па години потоа во едно тв гостување на Мирко кај мене во емисијата „Пулс“ на самиот крај од разговорот му реков: Денес имаш 40 години, се надевам дека на истиве овие столчиња во ова темно телевизиско студио ќе седиме повторно кога ќе имаш 60 и ќе бидеш исто толку бунтовен и револуционерен!

Збогум Мирко! Си дадов задача да успеам да ги ископам од архива сите емисии во кои си ми бил гостин за да може повторно и одново да ги слушаме твоите идеи, ставови и твојот бескомпромисен глас!

Ана Јовковска


Да умреше и за 50 години од денес, пак ќе беше млад.

Живееше во перспективна Македонија, не онаа која се заглавува и мумифицира во своето минато. Тоа многу ми се бендисуваше кај него. Кај нас повеќето луѓе живеат во минатото и се фокусираат само на лошото. Мирко не! Тврдоглаво одбиваше да живее во таква Македонија. Наместо тоа, ја градеше својата модерна Македонија и влечеше многу луѓе да му се придружат во неа. Тоа е и ќе продолжи да биде Македонија во која и јас сакам да живеам.

Ми се чини дека не смееме премногу да жалиме. Тоа немаше да му се свиѓа. Подобро ќе е да продолжиме (ние што работиме слично како него) по зацртаниот пат. Би ни се налутил доколку тоа не го сториме.

Вангел Ноневски

 

Уште не сме свесни колкава е загубата, не само за тоа што Мирко Попов го остави како дело, туку и како идеја.

Срѓан Јаниќијевиќ

Мирко Попов, во ниту еден миг во својот кус живот, не се измори да удира со главата во ѕид. Покрај сите крвавења што ги доживуваше на својот пат. Покрај сите не(до)разбирања, потценувања, падови и презриви погледи.

Не! Тој, длабоко сум убеден во тоа, знаеше дека нема сам да го урне ѕидот. Знаеше дека во таа нерамноправна битка меѓу неговата глава и непробојната градба побргу ќе ја скрши главата отколку што ѕидот ќе падне. Ама знаеше и една, би рекол, клучна работа: ако не се урне ѕидот, тогаш сигурно една, две, три… цигли ќе се поместат и ќе се изгуби статиката на нашиот вкоренет конзервативизам.

Ѕвездан Георгиевски

 

Мирко знаеше, можеби повеќе од било кој друг, да направи да ни биде убаво во Скопје, но и да ни пренесе дел од неговиот жар, да се качиме на тој луд воз на верба во самите нас. Беше упорен, тврдоглав и бескрајно посветен на својата мисија, која ја извршуваше (еднакво упорно) во своите чудни црни шалвари (во недостаток на посоодветен збор), кој никој не сфаќаше зошто го носи – и веројатно затоа и ги носеше.

Мирко Попов со неговата работа и постоење ширеше едноставна, а сепак за многумина скандалозна порака: Овде е добро. Оваа порака ја стави и на маичка и одеше наваму-натаму да ја разнесува по луѓе. Мене ми се падна розова. Многу си ја сакам таа маичка. Исто како што сакам да живеам во Скопје и да верувам дека центарот на градот се луѓето.

Калиа Димитрова

 

Музиката за Мирко беше неговиот вистински простор на знаење, на живеење, на идентификација. Да препознае, да констатира, да нѐ едуцира и да нѐ запознае со најдобрите парчиња на новото во музичките светови. Привилегирани бевме што имавме во урбаната култура човек што толку добро селектираше и промовираше сѐ што е најдобро од новите музички разгранувања. Благодарна сум за сите патувања низ електронскиот космос во деведесеттите кои ги имав благодарение на Мирко.

Искра Гешоска

Од раните осумдесетти неговата посветеност на музиката беше повеќе од страст - тоа беше повик. Како прв македонски диџеј кој стапна на меѓународната сцена, тој не само што физички ги премина границите туку се залагаше за еден бестрашен израз кој го разбираа оние што требаше да го разберат. Ќе го паметиме и по неговата инаугуративна диџејска историја која почна во 1992 година, а и како човек кој имаше директно учество во растот на култната скопска Стотројка.

Животот на Мирко беше уметност, дебата, пркос… Од енергичните ритми на PMG до наративите во неговите многубројни стихови и текстови. Неговата работа, покрај музиката, се протегаше од новинарство до глума, од театар до поезија, што беше доказ за духот, неограничен по жанр или медиум.

Денес, додека неговата музика ни се враќа низ спомени и светлата се затемнуваат, остануваме ние, кои навистина го почитувавме, да го слушаме ехото на заминувањето, тишината која многу зборува за просторот што тој го остава зад себе.

Љубица Ангелкова

 

Денеска, се испраќаме со нашиот Мирко Попов. Денеска, се испраќаме со дел од градот, со дел од култното и убаво Скопје...

Не прифаќаме дека така требало да биде, дека овие луѓе и уметници живеат 2 животи во 1, доаѓаат, создаваат, ни оставаат и мораат да заминат...

Со Мирко многумина имале и расправии, полемики, долги дискусии, кавги и несогласувања, но тоа е КУЛТУРАТА, тоа е сцената, тоа е урбаното и фраерлукот кој ретко кој го поседува.

Тагува Скопје. Тагува МКЦ. Тагува Градски ѕид. Тагува градот, кој веќе одамна е изгубен и талка, питачи и нѐ потсетува на мизеријата која ја живееме.

А, ти... ти сакаше да продолжи да живее овој град, да раскажува, да едуцира, да се забавува... како порано, кога бевме град и поим за сцена, ноќен живот и забава.

Ниту еден проштален статус не е залуден.

Затоа што тие што сега растат и тие што после нас ќе дојдат, мора да знаат кој оставил траен печат за нашето Скопје, за културата и идејата, која не сите ја разбираат.

Терапија

Со неверување ја примив веста дека го изгубивме најистакнатиот промотор на македонската независна музичка сцена и култура.

Неговата продукција се потпиша на повеќе од 300 изданија на македонски автори од современата музика.

Остави наследство кое имаме обврска да го пренесеме на младите генерации како четиво за нешто поразлично, смело творештво и важноста на алтернативната култура.

Бисера Костадиновска Стојчевска

 

Мирко, прерано се збогуваме со тебе. Читам и гледам колку си бил сакан, почитуван и колку ќе недостасуваш, и верувам. Знам дека твоето семејството е во неверојатна болка, знам дека знаат дека твојата неизмерна љубов ќе ги крепи, знам дека твојата музика ќе се слуша, дека твоите најблиски соработници и сите млади музичари на кои им помогна да се афирмиррат ќе продолжат да ја негуваат твојата животна и работна филозофија. Со неверојатна работна етика успеа да создадеш свој свет на исклучителна култура и уметност, кој го изгради со идеја заснована на љубов, почит и дијалог. Ќе те очекувам да се сретнеме повторно на плочник или во МКЦ, или на кеј, или било каде низ град, да застанеме на момент и да се прашаме како сме и што има ново. Мирко, секогаш ќе шизиме со Кике во твоја чест, нема да заборавиме дека ни го даде најубавиот комлимент еднаш на журка со тебе и Вики во Менада, дека сме „шизеле како никој да не нѐ гледа“... Нема да престанеме да шизиме, ти ветив. Знам едно, Скопје и сите што те сакаа, почитуваа, слушаа, дружеа, и ти се радуваа, нема да те заборават. Слава ти!

Јане Чаловски

 

Мирко Попов е неизбежен и незаменлив дел од нашата урбана и културна историја во независна Македонија, без чии напори во одредени моменти таа немаше да биде толку разновидна и креативна, а богами ќе немаше ниту да има кој да ја издава или промовира.

Овие нешта требаше да се искажат за едно 30 години, а не сега кога беше во полна сила. Трагедија е кога ќе си замине некој прерано, но Мирко проживеа и остави зад себе наследство за три животи. Без него нема да може да се напише историјата на културата на ова време, дефинитивно.

Најдлабоко сочуство за семејството и најблиските во овие тешки моменти.

Слава му за сè што направи за овој град и за музичката и културната сцена!

Милан Дамјаноски

Ми иде да напишам нешто за Македонија и политичарите, полуинтелектуално и полуисфрустрирано, само за да те замислам како се нервираш и ми пишуваш коментар со полудетски вреѓ. А потоа ќе се сретнеме низ град и ќе си даеме најдетско гуш. И така во спирала ќе се потпораснуваме еден со друг, макар и за милиметар.

А се засакавме од твитер - ми искоментира зајадливо за некоја игра на зборови и те нареков Немирко Попов. Ме праша од кога сум така вицкаста и ти реков уште од 80ти. Мислам и дека се изнервира што ти се свиде тоа.

И немој да мислиш дека ќе престанам да те нервирам, Мики. Знаеш дека сум верник и дека особено сега кога ни се разминуваат димензиите, осеќам колку те нервира тоа што вака не сум се осеќала од на Тоше несреќата. А ти не си ни убав ко него. И од овде гледам дека сега го прашуваш таму: Тоше пер зашо ми горат ушите? И пак ќе се изнервираш кога ќе ти каже: Онаа - те спомнува у молитва... Море неколку илјади се, не е само она.

Епа сеа.... јади го, Мики!

Тања Аждаја

 

Жал ми е за луѓето што не поседуваа доблест да прават разлика помеѓу јавната персона на Мирко Попов, и реалната личност позади. Посебно уживање беше да западнеш во конфликт со него, ама и да го проследиш како прв ќе застане помеѓу тебе и првиот дилетант што на некој начин ќе се обиде да ти наштети.

Филип Букршлиев

 

Јавно не се согласував со многу од неговите мислења, а и тој со моите. Неретко знаеше да критикува некои од моите изразени ставови во колумни со доза на цинизам, ама секогаш љубезно и искрено. Го критикуваше моето и македонското постојано глумење на жртва, самосожалување и дефетизам и иако го правеше тоа на начин кој никогаш не ми се допаѓал, секогаш му ја разбирав суштината, со која всушност и се согласував, се согласувам и секогаш ќе се согласувам - што ни фали бе нам?! Што е Скопје помалку од Белград, Загреб, Лондон, Њујорк? За Мирко Попов секогаш бевме фраери, секогаш бевме кул и секогаш бевме, ај, ќе го кажам зборот, урбани. И сме! Тој не само што веруваше во тоа, туку и активно, упорно и ентузијастично работеше тоа да (о)стане вистина. Затоа, во негова чест треба да престанеме да се жалиме и да продолжиме да твориме.

Kalina Kaczorowska

 

Мирко Попов, чијашто музика ќе остане засекогаш да ми го разигрува срцето, некни замина на оној свет. Од овој свет. Велат дека кога ќе се најдеш на страшниот суд, (такво е преданието и - да, се базира на верување), ќе ти биде поставено само едно прашање: Ме сакаш ли? Наводно, прашањето ќе го постави Господ. Нема душевадник, нема хамартолошко сметководство. Самите се казнуваме кога не сме во состојба на љубов, сфатена како петиот елемент на постоењето. Но нели е оксиморон или, поскоро, контрадикција ин адјекто, судот да се става во иста равенка со љубовта?

Епа ете, тука сме. Во една бајковита и слоевита земја. Во која лицемерието е на врвот на скалата на сакани/несакани вредности. Кога е подобро да се молчи, и да се биде постојано во комфор зоната на добриот изговор за немањето храброст. Можеби и тоа е подобро отколку само вербалното витештво.

Будимка Поповска

 

Жал ми е што не успеа да види колку е сакан, иако тоа веројатно го знаеше, на некое ниво.

Ана Чушкова (Дива Лига)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото