Почина Мирко Попов

25.03.2024 09:25
Почина Мирко Попов

 

На 24 март на 51 годишна возраст почина Мирко Попов, еден од најпознатите македонски автори и продуценти на електронска музика. Беше диџеј, продуцент, текстописец и постојан актер и поддржувач на независната културна сцена, особено на младите и алтернативни музички откровенија.

Мирко беше сеприсутна и значајна појава во урбаниот, културниот и јавниот живот на Скопје и пошироко. Редовно настапуваше по кафулиња, дискотеки и фестивали, постојано снимаше и издаваше музика и неуморно промовираше млади музичари.

Мирко Попов се родил во 1972 година во Скопје. Израснал во Градски ѕид, во неговото „Кучкар маало“, како што велеше. Почнал да купува плочи и ја засакал музиката уште во основното училиште, што резултирало со првите роденденски диџеј сетови во раните 80-ти години на 20-иот век.

„Неколкуте авангардни музички револуции во 80-тите, но и неверојатно високиот квалитет на поп музиката од тоа време му помагаат да развие здрава љубопитност, разнолик музички вкус и ориентација кон постојан прогрес, што ќе се одрази пресудно во понатамошните одлуки“, пишува Ивана Тасев за Мирко.

Попов првиот професионален диџеј букинг го добил 1992 година и оттогаш не престанал со настапи. Истата година добил простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“, еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. „Слободното изразување, кое е основна филозофија на оваа радио станица, може да направи чуда со човек“, велеше Попов. Од 2008 до 2010 беше главен и одговорен уредник на Канал 103.

„Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Канал 103 е главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација. Во тој правец се движи и формирањето на ПМГ Колективот во 1995-та од Мирко Попов (и Александра Малевски), како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години ќе прерасне во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции во полето на музиката и урбаната култура. Настаните на ПМГ од 90-ите се суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј има можност редовно да настапува низ регионот, но и на некои атрактивни европски клупски дестинации“, пишува Ивана Тасев.

Во 1998 Мирко ја формира ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика во блиското минато.

„ПМГ Рекордингс денес е водечка независна дискографска куќа во земјата, со над 300 изданија (тука влегуваат и изданијата на под-лејбловите ПМГЏез, ПМГ Танц Дигитал, Con:Tempo и Мкаедониде)“, . пишува Ивана Тасев.
Во дискографијата на ПМГ Рекордингс има албуми и на артисти или бендови како Псајкоз, Роботек, Мугер Фугер, Душко Јаневски, Бернејс Пропаганда, Д Џон, Марија Каева, Беј Д Фиш, Фајтинг Виндмилс, Фонија, Александар Пејовски, Конкверинг Лајн, Галатеја, Милко, Мухамед Ибраими, Александар Велики, Горан Кан, Д Локал Блу, Блекстејт, Лепи Џони, Виктор Гавриловски, Исток Ј. Улчар, Диџеј Магија…

„Последните години на минатиот век за Мирко ги донесоа и првите (хаус, техно и електро) продукции. Во 2003-та сето тоа прераснува во бендот ПМГ Колектив (еклектична комбинација на жив и електронски пристап во слободен стил) каде што Мирко е автор на музиката и текстовите, вокалист и оператор на машини за звук. Бендот за кратко време прераснува во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век. ПМГ Колектив има издадено 9 албуми и едно издание на најголемите хитови, и отсвирено повеќе македонски и европски турнеи (повеќе од 500 концерти досега).

Мирко Попов, меѓу другото, е дел и од електро-џез состав Кантон 6, со кој досега има издадено повеќе е.п. и 3 албуми, како и од необичниот проект #МакедонидеКру со 6 албуми. Објавил албум и неколку е.п изданија и реализирал концерти и со македонскиот џез состав Сетстат.

„Од 2020 година продуцира, издава и настапува и како соло артист под името Mirko Popov Quartet.

Остварил повеќе улоги во театарски претстави, како и на филм. Потпишал неколку музички авторства за театар и филм. Режирал и радио драма. Сценарист е и продуцент на документарниот филм „103-Љубовно Писмо До Алтернативната Култура” и комплетен автор на музичкиот филм „До Небото Замок”. Продуцент, сценарист и автор е на повеќе од 50 музички видеа.

Автор е на книгата „20 Години те Сакам (Монографија за ПМГ колектив). Автор е на книгата за деца „Розевата Планета” издадена за Чудна Шума на македонски и албански јазик.

Како музички новинар пишувал текстови во Трн, Реборн, Урбан Магазин, Тротоар, Скопско Метро и др. Објавувал своја проза, поезија и стрипови во Маргина, Лифт, Скопско Метро и др.

Заедно со музичарот Владан Дробицки, идеен творец е на џез фестивалот Крај Вардарот Џез. Беше иницијатор и уредник на музичкиот проект, платформата „Силата ЕУ младите“. Попов е еден од ретките, кој во континуитет се грижеше на површина да испливаат надоаѓачките генерации домашни млади музичари.

ОкоБоли главаВицФото