1012 hPa
30 %

32 °C
Скопје - Саб, 19.07.2025 13:59
Сузана Милевска
Денеска би сакала да ја изразам својата радост и благодарност за/од/едно заедничко патување – станува збор за патување засновано на доверба, поттик, критичко, креативно и, би рекла длабоко политичко проникнување. Патување кое вклучува траекторија низ којa постојано се реобмислуваме себеси, својот контекст, своите идеолошки, теориски и политички позиции, со цел да го разбереме другиот и светот, со цел ризоматски да ги отвориме хоризонтите. Патување во кое мноштвеноста (multitude) навистина почнува да функционира (да дејствува) низ сите пори на она што значи да се биде заедно - being in common. Патување на дисензус.
Ваквото патување за Контрапункт, според мене и моите пријатели и колеги Артан Садику и Тијана Ана Спасовска, беше можно заради исклучително значајната одлука на македонската најзначајна теоретичарка на визуелната култура и уметност и кураторка, Сузана Милевска која ни го довери својот ракопис кој е посветен на партиципациската уметност. Станува збор не само за издавање на книга, туку за процес кој, веројатно, би се сметал за луксузен во актуелните издавачки формати – процес каде што постоеше взаемна длабока поддршка од авторката, критички дијалог, солидарна и емпатична размена. А сето тоа, би рекла води кон идејата за радикални форми на издаваштво кои се во отпор на совремните неолиберални динамики. Да се послужам со зборовите на авторката – станува збор за потрага по релациите на рамноправноста.
Едновремено, ваквиот процес е длабоко инхерентен на темата на оваа книга, насловена „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“, како што е инхерентен и на професионалната врвица на Сузана Милевска, и на дваесет и петгодишната работа на Контрапункт. Еден од клучните сопатници, без кои немаше да ги преведеме, промислиме и уредиме световите, термините, идеите, теорските постулати и епистемолошките плетива од еден во друг јазик е Ана Димишковска, која не само што го направи брилијантниот превод од англиски јазик на текстовите поместени во оваа книга, туку посветено, детално, со својот огромен корпус на филозофско и јазично знаење, покажа како се вообличува идејата во јазикот. Таа, со сите свои коментари, разработки, длабоки разложувања и промислувања на филозофските, теориските и политичките концепти на Милевска, создава вистинска додадена вредност во јазикот на теоријата.
Дозволете ми да го споделам искуството при средабта со размислувањата на Милевска – станува збор за круцијален текст не само за теоријата на уметничките практики туку и за политичките парадигми. Не е едноставно да се сублимираат сите подотворени врати кон слоевитите критички репрезенатции и ризоми кои Милевска ги создава преку своите реисчитвања на темата за партицпациското, мноштвеното, заедничкото не само во сферата на уметничките практики туку и во политичката и општествената магма.
„Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ претставува избор од петнаесет есеи за партиципациската уметност, кои Сузана Милевска ги пишува и објавува на англиски јазик во различни публикации, во период од повеќе од петнаесет години, почнувајќи со првиот есеј објавне во 2006 година. Книгата, е преведан и уредена и на македонски јазик од Ана Димишковска – а тоа дополнително нѐ радува.
Сузана Милевска успева врз основа на еден спектар на теорски и искуствено кураторски модели брилијантно да изведе политичка анализа за јазикот на уметноста. Таа ни покажува како уметноста, особено онаа која стреми кон партицпативност, е мост кој премостува и создава премини и фини канали низ кои се дренира и расчистува шумот и семантичката недоумица помеѓу продукцијата на дискурси во различните општествени контексти. Милевска, како што сведочат и текстовите во оваа книга, е во конструктивна полемика која создава простор за критички исчекори во однос на размислувањата за партиципативаноста не само во уметноста туку и во поширокиот контекст на колективот, и на општеството.
Токму тоа е најзначајното и најспецифичното што Сузана Милевска како врвен мајстор со врвно техне (умеење) го создава во својата теориска и кураторска посветеност - простори кои длабоко критички проникнуваат во контекстот, простори на припаѓање, препознавање, но и на повик за постојан отпор кон она што е втолпено и опортунистички прифатено.
Секогаш прецизна и внимателна не само кон естетското/уметничкото, туку и кон етичкото. Особено кога станува збор за деликатните консеквенци од партиципациската уметност.
Сузана Милевска ги артикулира и интерпретира плуралните, отворени, променливи форми во уметноста кои, сепак, претставуваат кохерентно единство, структура која потенцира и репрезентира одреден свет на релации помеѓу поединечните општествени и човечки и интимни наративи, помеѓу политичкото и уметничкотот. Зошто е од исклучително значење книгата со теориски артикулации и размислувања на Сузана Милевска - заради нејзината важна интервенција во етичко-политичката организација на промислувањето на партиципациската уметност, и заради нејзиното храбро и предизвикувачко отворање/поставување прашања преку чии можни одговори може одново да се освои изгубениот политички и уметнички простор, разбиен со безмилосните напади на глобалниот неолиберализам. Милевска освен што во една повеќегодишна епистемолошка перспектива нуди огромен спектар на предностите и замките кои со себе ги носи партиципациската уметност, таа едновремено, нѐ воведува во една поинаква перспектива низ која ги согледуваме и институционалните лавиринти, и постколонијалните спирали, а сето тоа, се разбира, со исклучително внимателно инсистирање на контекстите во кои се одвиваат ваквите динамики. Теориските, културолошките и политичките размислувања на Милевска за партиципациската уметност, ќе си дозволам да кажам дека се парадигма за деридијанското дифернас (differAnce) – освен што добиваме прeглед на безброј разлики во интерпретацијата воедно го добиваме и она нужно темпорално одалечување кое ни дава простор синхрониски да ги согледаме различните полемички перспективи на темата.
Сузана Милевска е подеднакво значајна за теоријата на уметноста и за визуелната култура колку што е значајна во кураторските практики – таа секогаш била придвижувачка, суптилна но бескрајно слоевита, темелита и восхитувачки храбра турбина во уметничкото и социо-културното тело не само во Македонија туку и во меѓународните уметнички предизвикувачки платформи. Она што Сузана Милевска го означува во современата уметност и во теоријата на уметноста и културата, е еден специфичен, според мене единствен, јазик кој создава перспектива на калеидоскопска острина, колоритност и огледална јасност во критичкото генерирање нови дискурси.
Поглавјата укажуваат на релевантноста на партиципациската уметност во контекст на други актуелни дискусии – на пример, оние за импликациите на партиципациската уметност во различни општествени и културни процеси, за релацијата помеѓу институционалната критика и партиципациската уметност, за репрезентирањето на обесправените заедници во уметностите, за феминистичката уметност, за деколонизирањето на уметничките институции, за редистрибуцијата на културното богатство и за други активистички движења во уметничкиот контекст.
Секое тело има своја темна страна. Секое мноштво, секоја заедница, секој колектив има свои лавиринти без излез. И тоа е така токму заради збунетоста/конфузијата околу „еднината“ и „множината“, заради злодухот кој лебдее помеѓу „јас“ и „ние“. Токму во таа бездна се огледа мноштвото. Затоа што, мноштвото секогаш има обединувачка, но и разорна сила. Така и во уметноста, така и во политичките движења – политичката мисла од антика па до денес се втемелува на разликување помеѓу еден, неколкумина и многумина. Но мноштвото е воедно и едно и многу, а во тоа се состои најголемиот предизвик на партиципациската уметност.
Токму во оваа назнака сметам дека авторскиот подвиг на Милевска е уште позначаен – таа прави поттикнувачко поврзување и сопоставување/спротиставување помеѓу Жан Лик Нанси и неговите концепти за заедницата која се случува онаму каде што има прекин, фрагментација и суспензија, тврдејќи дека заедницата е сочинета од прекин на сингуларностите, вклучувајќи ги согледувањата на Агамбен за „бидувањето-во-заедништво“ како различно од заедницата, кој смета дека најзастрашувачката заедница за Државата, е онаа што го отфрла секој идентитет и секој услов за припаѓање, која е заснована врз сингуларноста и која сака не да припаѓа, туку самата да го присвои припаѓањето, па се до Николо Бурио, неговара Релациона еститика и Ги Дебор кој во неговите тези за „Општеството на спектклот“трвди, уште во средината на минатиот век, дека нашето општество е општество во кое човечките релации веќе не се искусуваат директно. Врз овие, а многу други теориски и уметнички референци, Милевска го гради својот епистемолошки, естетски и етички контекст во кој полемизира со мноштво семантички аспекти на она што значи партиципациска уметност.
Во тој простор се одвива клучната политичка, но и онтолошка битка на нашата современост – како да создадеме заедници во полето на биомоќта, а да не ја упокоиме, да не ја убиеме поединечноста. Како да создадеме колектив, а не зомбифирчка втолпеност, во демократијата која сѐ повеќе станува дискурзивна. Како да создадеме тело, хамлетовско тело кое ќе стои наспроти, и кое ќе ја редефинира наметнатата лага на капитализмот, на неправдата.
„Моите главни цели се да ја следам траекторијата по која востановените теориски концепти се претвораат во уметнички проекти и да ги лоцирам јазовите помеѓу ветувањето за партиципирање во теоријата и неговите недостатоци во конкретните уметнички проекти во различни контексти“, вели авторката.
Како што забележува Милевска, „најновото поместување на фокусот на уметниците: од занимавање со објектите и инсталациите кон занимавање со субјектите и кон нивно оспособување за земање учество во уметничките активности, го буди доминантниот интерес за процесите на воспоставување на извесни уникатни односи со овие субјекти, кои се иницирани од уметниците, и испитувањето на ефектите од таквите проекти што се одразуваат во реалниот живот на учесниците (а не само во „лабораториските услови“ на уметничките галерии). Партиципацијата е активирање на извесни односи што е иницирано и насочувано од уметниците и честопати поттикнувано од уметничките институции и кое понекогаш се претвора во единствена цел на извесни уметнички проекти. Поканувајќи ја публиката да земе активно учество, уметниците во партиципациските проекти создаваат извесни интерфејси што се однапред темелно подготвени и висококонтекстуализирани во определена општествена, културна и политичка средина“, полемизира Милевска. Се разбира, персепктивата на Милевска е критичка и полемична. Токму тоа е една поголемите вредносни на текстовите поместени во оваа книга.
Преку концептите и толкувањата кои ги нуди Милевска се обезбедува критика на границите и ограничувањата на затворените политички и институционални нормативи во дискурзивното поле. Милевска нуди своевидна параестетичка перспектива низ која политичкото се деелитизира и деконструира преку уметничката продукција. Овој концепт ги поставува следните прашања: Како одредени социјални и политички категории да се мислат во термините на културата и уметничката продукција, и како културната продукција да се мисли во термините на политичкото. Параестетиката ги исцртува филозофските, политичките и историските врамувања со кои социо-културните практики се поврзани. Милевска ни укажува дека не е доволна авторефлексивна критичка теорија или естетичка практика туку постојано конфронтирање на политичкото, естетското и етичкото.
Различните типови партиципациска уметност и она што го ветуваат тие, се занимавам со различните општествени ограничувања што ги спречуваат современите партиципациски уметнички проекти целосно да го реализираат својот потенцијал. Се говори и се полемизира за потенцијалите и за ограничувањата што ги носат со себе стратегии за општествена промена и за демократизација, преку партиципациска уметност.
Да заклучиме, не е можно да се расправа за парадигматскиот пресврт од објектите кон субјектите во партиципациската уметност во изолација од општиот општествен контекст и без да се земат предвид сите инволвирани страни (владините политики, економските промени, институционалната меѓузависност на оние што ги донесуваат одлуките за културната политика и реал-политиката, делиберацијата на локалната власт итн.).
Денес е неопходно повторното промислување на партиципациската уметност и реевалуирањето на степенот во кој таа може да ги исполни и во кој ги има исполнето. своите главни ветувања.