„Писма од карантин“ - нова книга од Димитар Башевски

23.03.2021 20:45
„Писма од карантин“ - нова книга од Димитар Башевски

Издавачката куќа Слово од Скопје, деновиве ја објави најновата книга „Писма од карантин“ од Димитар Башевски. Книгата, проследена со краток текст од писателот Томислав Османли и ликовно обликувана од ликовниот уметник Екатерина Змиевскаја, е настаната во месеците на ковид пандемијата и донесува еден број книжевно-есеистички текстови во вид на отворени писма до познати личности во светот и до познати личности и пријатели кај нас.

Во освртот кон изданието, Томислав Османли пишува:

„Димитар Башевски, еден од нашите најистакнати писатели, на публиката сега ѝ предлага една особена книга. Тоа е книга на еден вид отворени писма пишувани во време на пандемијата на ковид-19, во време на затвореност, на изолација, кога мислата се фокусира на суштествени теми. Во книгата „Писма од карантин“, Башевски го иницира жанрот на книжевно-есеистички, книжевно-критички и филозофски писма, каков што досега не се пројавил во нашата средина, барем не во објавени книги, додека тој литературен вид, во културите и книжевностите во светот, бележи многувековни традиции, од антиката па до денес. Оттаму, објавувањето на ваков вид, книжевни и есеистички обраќања од еден автор по пат на отворени писма, се пројавува како оригинален творечки чин“.

Димитар Башевски е романсиер, раскажувач и поет. Неговите книги се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици. За своите дела ги има добиено високите книжевни награди и признанија кај нас.

 

 

ОкоБоли главаВицФото