Жителите на Сопиште бараат да се прекине градењето на трговски центар

05.11.2021 12:28
Жителите на Сопиште бараат да се прекине градење на трговски центар

Жители од Општина Сопиште, поточно од улицата 10 бараат да се прекине градењето на трговски центар во непосредна близина на нивните домови. 

Нивното писмо го пренесуваме во целост.

Како засегнати странки по прашање на Одобрение број 23-84/21 за градење на станбено деловен објект КП 1357/4 и КП 1357/5 КО Сопиште, ве известуваме дека сметаме дека одобрението е издадено на нетранспарентен начин и без да се земат предвид квалитетот на животот на непосредните соседи и на оние во пошироката околина. Имено на нешто повеќе од 3000м2, на земјиште опкружено со градби за индивидуално домување не повисоки од приземје плус два ката, Општината Сопиште издала одобрение за градeње на несоодветно голема градба предвидена за трговски центар, подземни гаражи како и три ламели со станови од кои пониската е приземје плус три ката и поткровје, додека двете повисоки се со приземје плус четири ката со поткровје. Инвеститорот кој добил вакво нелегитимно одобрение е „Друштво за промет и услуги ЈАКО МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје“ во сопственост на Цветко Николовски и Бети Вуковојац а чиј управител е Цветко Николовски. Ваквите димензии директно ќе ги влошат условите на живот на околните домаќинства, ќе ја сопрат природната циркулација на воздухот и на некои од нив значително ќе им ја намалат изложеноста на сончева светлина. Предвидените деловни дејности во објектот драматично ќе ја влошат состојбата со светлинска, со звучна и со воздушна загаденост.

Покрај овие очигледни нелогичности во планот кој е одобрен сомнителен е фактот дека законската обврска на Општина Сопиште да ги извести лицата кои се граничат со парцелата 1357 е пробиена за повеќе од два месеца. Известувањата се пратени на 2 ноември 2021, но по реакција на нас засегнатите, додека одобрението е издадено на 01 септември 2021. Нам лично не ни е јасно толкувањето дека од денот на добивањето на известувањето имаме право 15 дена на увид во документација, но во тие 15 дена градењето по основа на дозволата може да се одвива. Имаме право на приговор кое ќе го искористиме, но имајќи ги предвид процесите кои довеле до издавање одобрение се сомневаме дека ќе наидеме на разбирање од соодветните органи на Општина Сопиште.

Иако при издавањето на дозволата, одговорните за урбанизам, како и градоначалникот нѐ уверуваат дека сите правни норми се запазени, ние сме уверени дека тоа не е така.

По тоа прашање ќе наведеме три неоспорни точки и една нелогичност:

Неоспорните точки се:

#1 Одговорно тврдиме дека одобрението е издадено без инвеститорот или Општина Сопиште да обезбеди или да има во план да обезбеди сообраќаен пристап до планираната градба. Од едната страна на плацот излезот е директно на регионален пат кој не може да се користи како главно сообраќајно решени за пристап на возила. Од другата страна се наоѓа пат во широчина од 3.5м кој е во приватна сопственост, поточно направен е со отстапување на приватно земјиште од страна на 32 сопственици. Тековната состојба на изградените куќи и нивната поставеност не дозволува дополнителни проширувања на патот. Тоа е сервисна улица на која и сега возилата во две насоки тешко се разминуваат. Оттаму наводното ветување на инвеститорот дека тоа допрва ќе го решава укажува на флагрантна индиферентност на соодветните органи на Општина Сопиште кои сеедно му издале одобрение за градење. Сѐ што е побарано од инвеститорот е да потпише изјава дека е свесен дека тековната сообраќајна инфраструктура не соодветствува со потребите на планираната градба.

#2 Одговорно тврдиме дека одобрението е издадено без инвеститорот или Општина Сопиште да обезбеди или да има во план да обезбеди соодветна канализација. Тековниот капацитет на одводните цевки веќе го достигнува максимумот да ги опслужува приклучените домаќинства. Запознаените со оваа проблематика алармираат дека дури и во сегашната состојба големо количество на фекална и отпадна вода завршува надвор од одводот во обработливо земјиште на приватни сопственици. Незамисливо е што ќе се случува ако на оваа постоечка канализација се приклучи наведениот станбено деловен објект.

#3 Одговорно тврдиме дека со давањето одобрение Општина Сопиште не ги зела предвид незадоволителните капацитети на напојувањето со електрична енергија и со вода на ниво на целата општина, а посебно на непосредната околина на планираната градба. Имено, во летните месеци има секојдневен прекин со водоснабдување. Прекинот на електричната енергија сразмерно со, на пример, на оној во град Скопје, е неколкупати почест во текот на годината. Паушално, ако една населба во град Скопје во просек има прекин на секои шест месеци, во Сопиште тоа се случува на секои шест недели. Потребите на наведената градба дополнително ќе ја влошат состојбата.

Нелогичната точка е:

#4 Иако четвртата точка не е во домен на Општина Сопиште или на инвеститорот, рокот кој законот го предвидува за завршување на градбата мора исто така да се оспори. Се работи за период од 10 години! Имајќи ги предвид страшните примери низ Македонија на незавршени конструкции ваквиот рок е несразмерен ако законодавецот би сакал да ги заштити правата на граѓаните. Можноста градењето да се одложува до десет години е на директна штета на здравјето на сите, а особено на најранливите категории како оние хронично болните, децата и повозрасните.

Покрај овие четири неоспорни точки поради кои одобрението треба да се укине, а планот за градење значително да се ревидира и сразмерно да се редуцира, има уште една причина која се однесува на загарантираните човекови права. Општина Сопиште засега е една од најзелените подрачја во околината на град Скопје. Додека на други места ПМ10 честичките се енормни, во Општина Сопиште тие се во текот на целата година под 10mg/m3. Ако градбата се изгради квалитетот на воздухот во непосредната околина драстично ќе се влоши, пристапот до сончева светлина значително ќе се оневозможи, а според искуството од други слични објекти бучавата ќе стане неподнослива. Ова е во директен судир со уставно загарантираните права на македонските граѓани, а се разбира и во судир со Универзална декларација за човекови права. Ничиј профит и лични интереси не смеат да ги загрозат. Општината Сопиште очигледно тоа го прави со издавањето на одобрение за градење на инвеститорот.

Оттаму, ние засегнатите жители на Сопиште со адреса на живеење на улица бр. 10, бараме итно прекинување на какви било градежни дејства на парцелата, сѐ додека Општина Сопиште не се изјасни за нашиот приговор за кој имаме 15 дена од денот на добивањето на известувањето. Бараме средба со советот за урбанизам на Општина Сопиште, како и отповикување на одобрението за градење со цел да се дојде до заемно прифатливо решение кое ќе ги задоволи потребите на инвеститорот, а нема да ги обесправи и да го загрози квалитетот на животот на засегнатите жители на Општина Сопиште.

Сакаме да нагласиме дека дури и да се работи за „легално“ добиено одобрение за градба, односно дека во процедурата сѐ било запазено според законите, горенаведените аргументи тоа го оспоруваат, а се разбира останува прашањето не само на легалитет туку и на легитимност. Многу закони кои се косат со основните човекови права биле носени или и сега се носени по легален пат, но тоа не ги правело или ги прави легитимни. Случајот со одобрението за градење со број 23-84/21 на станбено деловен објект КП 1357/4 и КП 1357/5 КО Сопиште е еден таков пример.

Се надеваме дека со објавувањето на ова известување медиумите ќе ни помогнат во нашата борба за правда и за човекови права. Примерите за успех на граѓанските иницијативи во Македонија се малку, но оние кои сеедно се избориле за позитивни промени ни даваат надеж дека ќе успееме и ние.

Со почит,
Коста Милков (DPhil Oxon)
Во име на засегнатите жители на Улица 10, Сопиште

 

ОкоБоли главаВицФото