Иселувањето не е само заради парите, туку и политиките

21.06.2023 12:18
Иселувањето не е само заради парите, туку и политиките

Извор: Дојче Веле

Миграцијата е еден од клучните предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан. Едно од пет лица си заминуваат, а уште повеќе загрижува фактот што анкетите посочуваат дека една третина од испитаниците искажале волја да си заминат. Причина за иселувањето од Балканот не се само парите, туку и политиките. Независно судство и нулта корупција се важни предуслови за младите да не ја напуштат државата, или пак да се вратат дома. Потребно е справување и со недовербата во институциите и недоволните можности за младите, кои се меѓу главните причини за иселувањето. Ова се дел од пораките коишто можеа да се слушнат на економскиот дел од дискусиите во рамките на „Преспа форумот за дијалог 2023“ во Струга.

На различни панели, проблемот со стареењето на населението во Европа, одливот на млади кадри, потребата од отворање на нови работни места и можности за младите, како и создавање на терен за привлекување на што повеќе странски инвестиции - беа главните теми коишто се провлекуваа во излагањата на бројните гости на форумот во Струга.

Старее населението во Европа

Во Европа се случува стареење на населението и наскоро 31 процент ќе биде постаро од 60 години. Феноменот на одлив на мозоци на висококвалификувани кадри кои бараат подобри услови за живот е особено присутен во земјите од Западен Балкан. Тоа доведува до загуба на човечки потенцијал и остава сериозни социо-економски последици.

„Едно од пет лица си заминуваат, а уште повеќе загрижува фактот што една третина од испитаниците искажале волја да си заминат. Има проценки дека во последната деценија, ако не би имало емиграција, за два до три процентни поени би бил растот на земјите во Западен Балкан“, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Причина се парите, но и политиките

Причина за иселувањето од Балканот не се само парите, туку и политиките „Тоа е заради сите вештини и идеи кои произлегуваат кај нив, визијата што ја имаат пред себе, коишто ги мотивираат да одат понатаму и да се движат“, вели Ејми Поуп, генерална директорка на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), при учеството на Преспа форумот за дијалог.

„Она што го гледам на Балканот сега е дека луѓето не само што имаат знаења, вештина и мотивација да го направат тоа, туку дека ќе има многу голема празнина што ќе се случи во идниот период. Тоа е дел не само од Балканот, туку е дел од Европа. Потребен ни е начин, корекција, алатки, нешто со што ќе можеме да пристапиме кон ваквата средина и ќе почнеме да даваме одговор на ваквите предизвици“, рече Поуп на форумската сесија „Управување со миграциите на релација ЕУ-Западен Балкан: солидарност и споделени обврски“.

Наспроти ситуацијата пред десетина години кога се бараше каква било работа, работниците во регионот сега бараат подобро платени работни места и подобри услови за работа.

Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека процесот на проширување на Унијата како трансформација на општествата не ги решава сите проблеми, вклучувајќи го и оној со одлив на мозоци. „Прашањето на миграција на луѓето, тука и одливот на мозоци е проблем присутен и кај државите членки на ЕУ. Процесот на трансформација на државите преку проширувањето на Унијата не значи автоматско решавање на проблемот - тоа го видовме кај Полска, Хрватска, Бугарија... Дури и во рамките на самата ЕУ има проблеми на миграција и иселување на региони, рурални области, што значајно го отежнува рамномерниот развој“, вели Гир. Перспективата за членство во ЕУ, според него, е веројатно најдобрата алатка за спречување на појавата на одлив на мозоци.

Како да се задржат младите?

Креирање европски работни места дома и реформа на образованието што ќе ги подготви младите за професиите на иднината се клучни да се спречи одливот на мозоци од регионот. На младинскиот панел „Развивање вештини и создавање можности: стратегии за справување со одливот на мозоци“, се дебатираше за конкретни решенија со кои треба да се влијае врз намалување на миграцијата, особено на младите и како оние што се иселиле да се поттикнат да се вратат дома.

„За да ги задржиме младите треба да го промениме и наративот и ставот кој го имаме, да внесеме позитивен и инклузивен пристап, да се осврнеме кон развој и соработка“, вели Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Јован Деспотовски, директор на Технолошки индустриските развојни зони (ТИРЗ) посочува на негативните проекции според кои следната деценија земјите од Западниот Балкан можат да загубат и до третина од своето население. „Час поскоро треба да се направи нешто во врска со тоа“, вели тој.

Деспотовски смета дека во земјата има многу паметни и школувани луѓе и нивниот интелектуален потенцијал е она што може и ќе ја придвижи државата напред. „Ако се решите да ја напуштите земјата, тогаш не можете да ја направите промената. Ако останете, можете да се обидете, да успеете и да бидете промената. Мора сите да работиме заедно за да создадеме иднина за младите дома наместо живот спакуван во куфери“, порача тој.

Регионот да ги отклучи своите потенцијали

Процесот на миграција не може да се избегне, но мора да се има поинаков стратешки пристап кон овој проблем. „Треба да имаме да имаме политики кои соодветно ќе одговорат. Мора да обезбедиме инвестиции и многу знаење. Во однос на економијата на ЕУ, особено стандардот на живеење, платата и социјалните услуги, за граѓаните е многу важно да имаат еднаквост и пристап до сите можности“, порача министерот за економија Крешник Бектеши од Преспа форумот во Струга.

На сесијата „Трасирање на патот кон просперитет: економско-финансиски стратегии за раст на Западниот Балкан“, вицепремиерот Фатмир Битиќи, од аспект на задржување на младите во земјата, рече дека е потребно да се отклучат сите инвестиции и потенцијали во Западен Балкан.

„Сега е вистинско време кога можеме да го направиме тоа и имаме можност. Немаме простор понатаму да одложуваме. Да се фокусираме на енергијата, на безбедноста и финансиите. Тоа треба да биде наш приоритет“, вели вицепремиерот.

Министерот за финансии на Црна Гора Александар Дамјановиќ, смета дека сите земји од регионот би биле поатрактивни за инвеститорите заедно, отколку кога би настапувале сами. Проблемот со одлив на млад кадар ја мачи и Црна Гора. „Недостиг на кадар има дури и во туризмот и градежништвото. Тоа е генерална закана за целиот регион, во моментов и најопасна. Неопходно е брзо да се реагира и да се дефинира стратегија. Да бидеме иновативни, да соработуваме и да разменуваме добри практики, во тоа лежи клучот за Западен Балкан“, порача министерот.

Мурали: Fintan Magee