Почина ирската пејачка и кантавторка Шинед О'Конор

27.07.2023 10:55
Почина ирската пејачка и кантавторка Шинед О'Конор

Почина Шинед О’Конор, ирската кантавторка на хитот „Ништо не се споредува со тебе“ (Nothing Compares 2 U), потврди нејзиното семејство без да ја наведе причината за смртта. Имаше 56 години. О’Конор, која отворено зборуваше за нејзината децениска борба со менталната болест, на почетокот на овој месец напиша на својата фејсбук страница дека се вратила во Лондон по 23 години и го завршува албумот што треба да биде објавен следната година. Таа ги сподели и плановите за турнеја во Австралија и Нов Зеланд во 2024, а во Европа, САД и други  земји во 2025.

Нејзиниот 17-годишeн син Шејн почина минатата година, неколку дена откако беше пријавен за исчезнат. Пишувајќи на социјалните мрежи по неговата смрт, таа рече дека тој „одлучил да ја прекине својата земна борба“ и побара „никој да не го следи неговиот пример“.

О’Кoнор се преобрати во ислам во 2018, го смени името во Шухада, но продолжи да настапува под нејзиното родено име.

О’Конор имала тешко детство по разделбата на нејзините родители кога имала осум години. Пејачката уште од рана возраст тврдела дека нејзината мајка, со која живеела по разделбата, физички ја малтретирала, поради што О’Конор подоцна стана гласен застапик на злоупотребувани деца. На 15 години, О’Конор поминала осумнаесет месеци во манастир поради измами и кражба во продавница. Сепак, уште на рана возраст, О’Конор покажувала музички талент и снимила демо со четири песни, а подоцна формирала бенд, го напуштила училиштето и се преселила во Даблин.

Кариерата на О’Конор напредуваше откако почна да работи со поранешната соработничка на бендот U2, Фахтна О’Села, и постигна успех со објавувањето на деби албум „Лавот и кобрата“ (The Lion and the Cobra) во 1987, кој ѝ донесе номинација за Греми за најдобра пејачка. Нејзиниот меѓународен пробив дојде со објавувањето на втор албум, „Не го сакам она што го немам“ (I Do Not Want What I Haven’t Got), во кој беше и нејзиниот нов аранжман на „Nothing Compares 2 U“, песна оригинално напишана од Принц и објавена на негов спореден проект, „Фамилијата“. Песната стигна до број 1 во неколку земји, а остана на прво место во Ирска 11 недели. Песната ѝ донесе номинација за Греми за плоча на годината, a aлбумот ѝ донесе Греми за најдобра алтернативна музика.

Таа се појави и во улога на Богородица во филмот од 1997, „Момчето касап“ (The Butcher Boy), на Нил Џордан. О’Конор објави уште осум албуми и беше номинирана за Греми награда за најдобро музичко видео, долга форма, за нејзиниот концерт во живо „Година на коњот“ во 1990. Нејзината песна „Глад“ (Famine) од 1996 доби награда за Греми за најдобро музичко видео, кратка форма. Во 2012, песната „Спушти ја главата“ (Lay Your Head Down), која ја изведе за саундтракот на филмот „Алберт Нобс“, доби номинација за Златен глобус за најдобра оригинална песна.

Во текот на кариерата, О’Конор имаше неколку контроверзии поради нејзиниот бескомпромисен неконформизам. Во 1993, ја искина сликата на папата на парчиња додека ја пееше акапела верзијата на „Војна“ на Боб Марли на „Saturday Night Live“ како протест против сексуалната злоупотреба во црквата, поради што Ен-Би-Си прими над 4.400 поплаки.

Извор: https://sdk.mk/

ОкоБоли главаВицФото