Враќање

27.09.2023 14:44

Кој знае (ах, никој ништо не знае,
Кревко е знаењето!), можеби во мене
Капнало ронче вистина од други димензии?
Или се тоа само фантазии?!
Уште би можела љубов
Да ни се случи ‒ велам.
Но не знам јас, дали ја пожелувам
или не ја пожелувам.

Во морето на животот што вечно
Врие и испарува, по истите стапки,
Се создаваат одново, се сретнуваат пак
Можеби истите капки ‒
И кога ќе мине вечноста по оѕвездениот пат,
По несфатливостите пусти,
Во бакнеж би можеле да се најдат
Истите усти.

Можеби еднаш навечер ќе се појавиш
Прекрасна, сета благородност,
Не насетувајќи дека својата светлина си ја леела
Низ мојата дамнешна стварност.
И јас, кој со срце полно со тебе ги пишувам
Чудниве рими, за да се сетиме,
Ох, јас нема да го знам, копнежу на мојата бит,
Ниту твоето име!

Па и ако душата во тој миг
Своето уво го напне,
Разумот со сигурен глас ќе биде задушен
Од она што насетувањето ќе ти го шепне.
Кај вечерните фенери ние кришум
Ќе се погледнеме како странци
Без ималку свест колку нè врзуваат
Старите ланци.

Но времето се движи, но времето се движи
Како кружна сончева трага
И ни го носи пак она што било:
И радоста, и тагата.
И ќе светнат очите, ќе се најдат рацете,
Низ срцата пак ќе се родиме ‒
И слепи за стапките на бившиот живот
По нив ќе одиме.

‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒‒

Кој знае (ах, никој ништо не знае,
Кревко е знаењето!), можеби во мене
Капнало ронче вистина од други димензии?
Или се тоа само фантазии?!
Уште би можела љубов
Да ни се случи ‒ велам.
Но не знам јас, дали ја пожелувам
или не ја пожелувам.

Превод: П. В.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото