„Odd on the inside“ – изложба на Ивана Самандова

11.10.2023 11:04
„Odd on the inside“ – изложба на Ивана Самандова

На 12 октомври (четврток) од 20 часот, во Паркот на франкофонијата, во Мобилната/Монтажна галерија, ќе биде отворена изложбата на Ивана Самандова.

„Искуството со човековата меморија е од комплексен карактер проследена со мноштво согледувања. Преставува ментална алатка на сеќавање и препознавање, или пак, долготрајна импресија на импакти стекнати од одредени биднувања – настанувајќи субјект на (не)опипливи изменувања во различни аспекти низ постоењето на човекот. Покрај тоа, во личниот аспект таа е и лабилното складиште на минатото и личните (како и колективни) наративи кои го обликуваат идентитетот и интеракциите кон светот. Продлабочените импликации кон личната меморија и акумулацијата на емоции и чувства, во овој случај се надминува типичната носталгија кон сеќавањето и фокусот се пренасочува кон комплексната интерконекција помеѓу сеќавањето и нејзниот импакт на когнитивните процеси, емоционалните одговори и физичката форма“, стои во најавата.

Преку изложбата „Odd on the inside“, се истражува љубопитноста не само кон општото разбирање на функцијата на меморијата и нејзиното расплинето толкување на разновидни општествено-политички домени, туку нејзиното влијание од личниот аспект и како воспоставува динамична улога на обликување, изменување на мисловните насоки и теоријата на соматската меморија – сугестијата дека емоционални искуства од интензивен карактер исто така оставаат траги или мемории во и низ човековото тело преку телесни сензации – тензии.

„Тематиката на оваа изложба започнува од опсервацијата на личната состојба, навлегувајќи во преиспитување на несвесноста на мисловните насоки/процеси, како тие влијаат врз секојдневните одлуки, слободата и јазикот на умот и телото, како и пребродувањето на истите стеги“, се вели во најавата.

Изложбата е финасиски поддржана од Министерство за култура со логистичка поддршка од Општина Центар.

Ивана Ќ. Самандова (1997, Скопје) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во 2020, на отсек сликарство, модул конзервација и реставрација. Нејзината уметничка практика се фокусира на процесите на набљудување и истражување на социо-политички проблематики, структури, однесување и интерконекции помеѓу специфични ситуации на една заедница или индивидуа. Често пати се обработуваат тематики на почувствуван, поттикнат интерес, подоцна пренесени преку интердисциплинарна уметничка практика која се состои од истражување на различни комбинирани и нови медиуми.

Својата прва самостојна изложба ја има реализирано во Музејот на град Скопје, насловена „Сите мали нешта – микрокосмос“ (2021) благодарение на добиената награда „Борко Лазески“. Втората самостојна изложба со Ана Трајковска „FLUX“(2022) и „FLUX Surfacing“(2023). Има учествувано на групни изложби: „Просторни реадаптации: Скопската ‘плажа’ како место закултурна практика“ (2022 и 2023), „Човеколики неволји“ (2022-2023) партиципативен проект и изложба иницирана од Ивана Мирчевска, „Каде реката текла, ќе тече пак“ (2023) организирана од Еко-свест со Јадро, и други.