Промоција на книгата „Телесност и отелотворување: иконографии на човечкото тело”

08.01.2024 11:28
Промоција на книгата „Телесност и отелотворување: иконографии на човечкото тело”

 На 10-ти јануари (среда) во 20:00 часот ќе се одржи промоција на книгата „Телесност и отелотворување: иконографии на човечкото телo” на Гоце Наумов. Промоцијата ќе се одржи во кино салата на Музеј на РС Македонија Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Никос Чаусидис, а во рамки на овој настан ќе настапи и џез составот Next to Silence.

„Телесност и отелотворување” ги обработува можните форми на проучување и разбирање на претставеното човечко тело во минатото. Иако, главно, се заснова на неолитските фигурини и антропоморфните хибриди, ова дело оди чекор подалеку од археологијата и посегнува по други хуманистички дисциплини, како што се антропологијата, социологијата и филозофијата. Тоа значително го проширува толковниот опсег со чија помош темелно се разгледува иконографијата на телото и социјално-симболичкиот контекст во кого тоа е вклучено.

Ваквото ангажирање на теориската мултидисциплинарност се покажува како поиздржан научен пристап отколку елементарното дескриптивно интерпретирање на артефактите и потврдува колку длабоко може да се навлезе во повеќезначноста на предметите и сликите коишто прикажуваат човечко тело. Дотолку повеќе што ова вмрежување на толковните хуманистички пристапи и симболичкиот капацитет на артефактите дополнително покажува како може темелно да се разбере и светот во кој се создадени овие антропоморфни претстави.

Во таа смисла, ова дело во голема мера ѝ помага на археологијата при проучувањето на луѓето во минатото, но во исто време може да се ползува и во рамките на историјата на уметноста, етнологијата, социологијата, театрологијата или синеастиката, односно во сите студии што се концентрирани на иконографиите и перформативноста на човечкото тело.

ОкоБоли главаВицФото