Промоција на книгата „Љубовните писма на Шарла”

09.10.2023 12:13
Промоција на книгата ,,Љубовните писма на Шарла"

Ако сами не си ја раскажеме историјата, други ќе ни ја раскажуваат. А ако други ни ја раскажуваат може да не ја раскажат точно. Ако веќе се раскажува неточно или барем приближно точно, тогаш подобро да биде од нас.

„Љубовните писма на Шарла” е збирка текстови пишувани помеѓу 2013 и 2023 година од страна на Давид Ангелевски, како сет од издавачки записи за време-просторот во кој се случуваа музичките изданија на Шарла Рекордс во тој период. Истите се жанровски варијабилни, па така, понекогаш се ничеански иритантен младинец силно конфронтиран со светот контра себе.

Понекогаш се современ идеалист-утопист кој го нуди својот имагинарен остров како културно прибежиште од сиот шум наоколу. Но, знае да биде и елегантно-циничен, постмодерен господин кој со онтолошка смиреност од демек разјаснетите животни илузии ја отфрла борбата нудејќи во замена, хммм... нешто друго. Или не.

Документарната функција на оваа книга е поткрепена и со фотографии кои го следеа издавачкиот век на Шарла, како и десетина песни кои се надоврзуваат како лирски елемент во контекстот на содржината. Во неа е поместено и едно интервју направено со Бојан Шашевски за Радио МОФ во кое детално се објаснети клучните ориентири на овој издавачки зафат.

Во вторник, на 10 октомври 2023 година, точно на десет-годишнината од првото издание на Шарла, во кафе-книжарницата „Буква” со почеток од 18:00 до 01:00 ќе се случи промоција на „писмата”. Неконвенционална исто како и книгата, без официјални обраќања или беседења. Сѐ што имавме да кажеме е внатре. Дојдете да се видиме, да слушаме музика, да наздравиме и заедно да го прославиме овој вистински независен музичко-издавачки процес, вид во изумирање.

„Љубовните писма на Шарла” излегува како независна издавачка акција на книжевниот издавач АШ (наш брат по оружје), без никаква материјална поддршка од државни институции или било какви спонзори. Поддршка и љубов нудиме (и посакуваме) само и исклучиво од нашата публика.
Тиражот е ограничен, цената промотивна и одредена само за овој настан.

ОкоБоли главаВицФото