Отворање на изложбата „Quo Vadis” на Валентина Поцеска

12.03.2024 14:38
Отворање на изложбата „Quo Vadis” на Валентина Поцеска

Во четврток, 14 март, во 19 часот, во галерија „Метаноја” (ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје), ќе биде отворена изложбата насловена „Quo Vadis”, на уметницата Валентина Поцеска.

„Во изложените дела на Поцеска доминираат три геометриски форми, триаголникот, кругот и квадратот. Според нејзиниот уметнички и духовен сензибилитет овие форми се „врската“ меѓу физичкото и духовното. Од една страна, тие претставуваат физички фигури врз кои се темелат основните архитектонски закони, а од друга страна, секој од нив е симбол за определена духовна димензија. Од христијанска толковна точка кругот е симбол на вечноста, триаголникот на Светата Троица, а квадратот на правдата и на вистината. Оваа интуитивна „теолошка” беседа на Поцеска станува повпечатлива со не толку честото, но значително, вклучување и на фигурата на крстот – најважниот христијански симбол. Колажните апстракции на Поцеска се втемелени во катафатичките физички феномени и конципирани преку апофатичките метафизички идеи” – стои во рецензијата на Коста Милков за изложбата.

Заинтересираните кои не можат да бидат присутни на отворањето можат да ја посетат изложбата во текот на март 2024.