И фабриките имаат душа

24.01.2012 14:29
И фабриките имаат душа

„И фабриките имаат душа“ (Factories have Souls too) е петнаесетминутен документарен видео-арт на режисерското дуо Наташа Гелева и Јане Алтипармаков, во кое преку „slide-show“ проекции се прикажуваат одредени „пејзажи“ и отсликувања од навидум рутински, но за нас како гледачи, невообичаени сцени од мрачниот фабрички амбиент.

Во ова кратко, но доволно јасно аудио-визуелно патување во кое нè водат Наташа и Јане, запловуваме длабоко во една студена и темна атмосфера, бескрајни погони преполни со чудовишни машини и строеви, комплексно испреплетени кабли, метални цевки и инструмент-табли со безброј функции. На сосема кратки моменти се појавуваат човечки фигури, кои се „заробени“ во гигантските механизации. Густ чад, вжештени плочи и огнени езера го параат мракот.

Но и покрај ваквите сцени, енергијата која се разлева од печките на „Макстил“ е сосема хармонична. Сè многу наликува на едно патување во вселената. Темпото во кое се менуваат визиите, и концентричните кружења, како и ефектот на светло-темно доведуваат до психоделија.

Музиката е совршено вклопена и практично лебди над амбиентот и го надополнува. Избор од експериментален дарк-амбиент и индастријал-електро проследени со вселенски звуци од легендарните Џејмс Плоткин и Афекс Твин, и Сулфур.

Уметничките влијанија се повеќе од очигледни. На одредени моменти не можеме, а да не се присетиме на „2001: A Space Odyssey“ на Стенли Кјубрик, како и на психоделичните експериментирања на Кен Расел во „Altered States“, а огромните, речиси надреални метални израстоци силно евоцираат на јапонскиот треш/нф хорор „Tetsuo“.

Филмот веќе беше претставен на Окно, во рубриката Око.

Наташа Гелева е фотограф со повеќе изложби зад своето име, а Јане Алтипармаков е надежен режисер кој зад себе има неколку кратки филмови и видеоартови, како и неколку музички спотови за повеќе андерграунд групи, меѓу кои и култните Mooger Fooger.

Извор: plagij.at

ОкоБоли главаВицФото